Испадна умен потег неработниот Велики петок да се искористи за еднодневен излет. Изборот падна на селото Беловиште во Тетовско, кое во последниве години е прилично популарно, и каде за време на викендите се бара место повеќе во неколкуте ресторани. Но денешниот ден беше растеретен од непотребни турканици и прекрасната природа ја доживеавме на вистински начин.
До Беловиште се стигнува за неполн час. На вториот кружен тек во Тетово се врти десно, и потоа се вози право уште дваесетина километри по убав пат, и веќе сте во атарот на селото кое во Втората светска војна дало многу жртви на Сремскиот фронт. Партизанското село хероите ги има овековечено со пристоен споменик на централниот плоштад, на кој фигурира ѕвездата петокрака.
Според податоците на Википедија, во османлиските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделен од 1626 – 1627 година, Беловиште е запишано како село со 47 домаќинства. Беловиште името го добило по беложолтата боја на глината што ја има на една падина над селото. Населбата е од збиен тип на куќи и со повеќе маала: Печинско, Попоско, Маркоско, Степанско, кои се меѓусебно поврзани. Над селото се наоѓа месноста Градиште со остатоци од ѕидини за кои се смета дека се од римско време.
Во XIX век, Беловиште било село во рамките на Полошката нахија во Тетовската каза на Отоманското царство. Беловиште е средно по големина село, населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 809 жители, а во 1994 година 316 жители, македонско население. Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 311 жители.
Веројатно најатрактивен предел за посета е горниот атар на Беловиште, во кој еден по друг се наредени неколку ресторани сместени во прекрасната околна природа, пат кој завршува со атрактивните водопади како одлично место за еднодневен излет. Дотаму, најпрво ве пречекува дрвеното мече кое јасно укажува дека во овој вилает неговото присуство не треба да зачудува.
Патот преку малиот мост води до две цркви, поголемата и поатрактивна св. Јован, која, за жал, беше затворена, и малата и симпатична св. Петка, во која патниците-намерници полнат шишиња со вода. Во месноста наречена „Петочко водиче“, според г-нот Крисјан, водата е лековита, и особено помага за болест на очите. Тој објасни дека во 1996 година со свои раце го изградил црквичето, и се’ започнало токму од тој објект: луѓето почнале да доаѓаат за водата која извира насекаде, за водопадите малку погоре, потоа никнале и рестораните, и така со ред.
Во Беловиште има два водопада. Ако сакате да стигнете до поголемиот и поатрактивниот, мора да бидете добро подготвени, бидејќи дотаму се пешачи по означена планинарска патека речиси два часа. Ние се одлучивме за блискиот, мал водопад, до кој води патека обрабена со ограда. Тој со својата моќност и дивост ги задоволи нашите потреби, и навистина беше пријатно да се биде во неговата близина, додека над нас светеше сонцето по неколкуте дождливи изминати денови. Ова беше одлична можност за рехабилитација во природна средина.
Да, да, и нас не’ изненади малата метална скулптура на брегот, дело на некој локален мајстор на кој, за жал, не му го дознавме името. За да не’ ни биде здодевно, го искачивме брдото зад нас, од кој се пружаше убав поглед и кон водопадот долу, и кон тетовското поле далеку пред нас.
По неколкучасовно вдишување на прекрасен чист воздух, време беше и нешто да се стави во стомакот. Движејќи се кон ресторанот, попатно не’ пречека еден слоган од стари времиња, на кој фино се насмеавме.
Изборот падна на ресторанот на г-нот Душко, кој ни кажа дека бил првиот кој пред петнаесет години го отворил локалот во кој, и по деценија ипол, цените не се сменети. И навистина беше така.
Душко не’ пречека домаќински и ни подготви храна од која ги излижавме прстите. За гостите, тој од рибникот долу вади фини парчиња кои потоа веднаш ги подготвува и ги носи на трпезата.
Се’ на се’, еднодневниот излет до село Беловиште топло го препорачувам поради неговата близина, питомата природа и прекрасната храна. Се надевам дека овие три работи се сосема доволни за квалитетно поминато време надвор од градската џунгла.