Во зоната на задоволството

Потрагата по вистинско филмско летно освежување не’ одведе до едно остварување кое ги изгледавме со уживање. Станува збор за документарецот „Американско пиво“ од 2004 година на режисерот Пол Кермизијан, чија концепција е толку едноставна колку самиот наслов на овој интересен филм.

Накратко, real-life комедијата вклучува четири добри пријатели кои решаваат да патуваат низ Америка, со крајна цел Калифорнија, но со попатни излети во пиварниците кои ќе им се „испречат“ на патот. Нивниот автомобил зарибува некаде на Средниот запад, па додека најдат луѓе за поправка, тие уживаат пиејжи многу квалитетно пиво изработено во многуте квалитетни пиварници во регионот. Мераци!

За да не помислите дека се работи за документарен филм во кој се’ што прават главните протагонисти е бесцелно заливање со драгоцената пенлива течност, же потенцираме дека филмот ни нуди лепеза од размислувања и поенти за огромната пиварска индустрија во светот, разоткривајќи ги главните играчи кои го држат глобалниот пазар во свои раце. Затоа и авторот на филмот решил да го направи ова истражување, заклучувајќи дека вистинските квалитетни пива се дел од „андерграундот“, односно, тие се произведуваат во мали количини во речиси незабележителните мали пиварници низ САД, меѓу кои една од нив е сместена во подрумот на еден напуштен затвор.

Вкусовите на пивата варираат од лубеница, преку вишна, до чоколадно пиво, како што варираат и приказните на многуте попатни споредни ликови чија „пивска религија“ е единствената на која тие и’ веруваат и и’ се поклонуваат. Раскажувајќи за нивните животни доживувања низ еден смел пристап преполн со хумор, авторот успеал добро да ја спакува приказната која вклучува 40-дневно патешествие во 38 американски микро-пиварници, која од која подобра.

На крајот, како што сопствениците на малите пиварски работилници сонувале и си направиле сопствено пиво, така и Пол Кермизијан си го остварил својот филмски сон снимајќи авантуристички документарец со своите пријатели, оддавајќи му посвета на својот (и на многумина други) омилен алкохолен пијалак – пивото. Уживајте во конзумацијата и – живели 😉

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 13 јули 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *