Почитувани читатели/пријатели/филмофили,
речиси три години по книгата „Филм.мкд“, што се закити со Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2015 година, решив да ја продолжам приказната со издавање на уште едно публицистичко дело, насловувајќи го „Филмски град“, како фина асоцијација на мојот единаесетгодишен ангажман со проектот „Филмополис“ на ТВ „Телма“. И ако во „Филм.мкд“ фокусот тематски беше врз домашните филмови во новиот милениум, и овој пат го задржувам зададениот ракурс во првото поглавје, рецензирајќи ги сите македонски филмови што во меѓувреме имаа своја премиера, но во следните поглавја одам чекор понатаму, нудејќи спектар од филмски текстови тематски поместени во различни насоки, што се надевам дека ќе го задржат вашето ценето внимание.
Авторска архива: Игор Анѓелков
Кон „ТРЕИНСПОТИНГ 2“ на Дени Бојл
Едно од можните бегства од секојдневното лудило е гледањето на вториот дел на „Треинспотинг“ во кино. Впрочем, како и постојаното бегство на ликовите од себеси и од другите и во обете остварувања. Никој не веруваше дека еден ден Дени Бојл ќе сними продолжение на култниот филм од пред 20 години, што тогаш го гледавме по неколку пати во ноќниот термин, од 23 часот, во киното „Центар“. Се согласувам со одредени коментари дека продолжението може да им биде интересно исклучиво на фановите на оригиналот, иако вториот дел изобилува со флешбекови, како алка кон дејството пред 20 години и еден вид појаснување за новата генерација филмофили. Читај повеќе
„Филмски град“, најава
Втората есеистичка книга „Филмски град“ ќе илезе за време на претстојниот Саем на книга во Скопје. Повелете промо материјал (постер и клип) изработени за таа цел 😉
„Филмски град“, press release
Почитувани,
Со задоволство Ве информираме дека деновиве од печат излезе новата книга на Игор Анѓелков насловена „Филмски град“, како 13 издание во есеистичката едиција „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа. По првата книга негова која ја третира седмата уметност, „Филм.мкд“ од 2015 година, за која ја доби и Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, во „Филмски град“ авторот во воведното поглавје продолжува да ги следи случувањата во македонската кинематографија низ серија осврти кон филмовите снимени во последниве неколку години, но концептот оди понатаму, и во следните осум поглавја, Анѓелков пишува за балканскиот, европскиот и светскиот филм, но низ есеистички текстови тој ги обработува и тематските филмови и класиците, за на крајот да ни подари шест текстови во кои комплетно ги обработува филмските жанрови, како мала енциклопедија наменета за сите читатели и возрасти. Во години кога филмската литература речиси и да ја нема, книгите на Анѓелков се вистинско освежување и одлично го надополнуваат недостатокот на филмска литература од домашни автори кај нас. Дизајнот на корицата е на Бојан Ивановиќ од „Бригада.мк“, а излегувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура на РМ.
„Мајмун еден!“
Кон „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски
По успехот со „Панкот не е мртов“ (2011), кој освојуваше награди на светските фестивали и беше одлично примен од филмофилите, Владимир Блажевски во 2016 година влезе во нова филмска авантура, чиј финален производ овие денови можеме да го проследиме на големото платно. Годината во која, според кинескиот хороскоп, се влегува во владение на мајмунот, филмаџијата ја зема и како наслов на својот нов проект, откако работниот наслов „Слобода или смрт“ послужи како премин од панкерската приказна кон новата, комедија на апсурдот. Читај повеќе
Кјубрик воскресе
Кон „Играч број 1“ на Стивен Спилберг
Трите термини на големите холивудски студија за пласирање на своите нови блокбастери се Велигденските празници, летото и Божиќните и Новогодишните празници. Првиот од нив мајсторски го искористија „Ворнер брадерс“ и нивните помали сателити, подарувајќи ни ја прекрасната виртуелна авантура насловена „Играч број 1“, чија заработка веќе ги надминува очекувањата, и со право, бидејќи се работи за филмско остварување кое го потпишува маестро Стивен Спилберг. Се сеќавам, во 80-те години на минатиот век, кога ќе се појавеше било кое ново филмско дело на генијалецот, последната ноќ пред утрешната проекција вообичаено, од возбуда, остануваше непроспиена. Серијалот „Индијана Џонс“, „И-ти“, „Империја на сонцето“… беа филмови со кои растевме, иако подоцна, ре-откривајќи ја имагинацијата на еден од најплодните американски режисери (57 проекти досега), многу ги засакав и „Дуел“, „Шугарленд експрес“, „Ајкула“, „Блиски средби од трет вид“…
You kill someone in Iraq?
Кон „Bikini moon“ на Милчо Манчевски
По долги седум ипол години, Манчевски повторно во филмска акција. По контроверзниот „Мајки“, и во своето ново остварување „Бикини мун“ авторот го продлабочува својот интерес за (лажната) документаристика, и се обидува да отиде чекор понатаму во истражувањето на овој суптилен жанр, кој, доколку му пристапите на експериментален начин, може и да ве изгори. Истовремено, режисерот и во своето ново остварување го применува принципот „филм во филм“ во поинакво, попродлабочено светло од претходните остварувања, таа толку експлоатирана постмодерна алатка не само во филмот, туку и во литературата и во другите уметности, па така низ целото остварување (демек) не знаеме што е лажно, а што реално, па користењето на различни визуелни формати при раскажувањето на приказната тук-таму ја разбива монотонијата на делото. Но, за жал, тоа веројатно честопати ќе создаде и конфузија кај гледачот, прашувајќи се дали режисерот држи сè под контрола или не.
Кон романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска (ИЛИ-ИЛИ, 2017)
Кога дебитирате со роман провокативно насловен „Пишувајќи ги изгубените топки“, а само пар години подоцна со вториот роман „Вишнова хроника“ ќе влезете меѓу трите најдобри во изборот за „Роман на годината“, тогаш на вашето име мора да му се обрне особено внимание. Фросина Пармаковска сосема ја оправдува довербата, и со третиот, актуелен роман „Одбројување“, докажа дека нејзиниот авторски пат има вртоглаво нагорна линија, пишувајќи зрело книжевно остварување кое, да ги употребам познатите флоскули, сигурно нема да ве остави рамнодушни, односно, ќе ве остави без здив 🙂 Но, за овој роман дефинитивно треба да се пишува и разговара без флоскули, бидејќи истиот претставува квалитативно поместување во македонската романескна продукција поради изборот на темата, пристапот кон неа, и величествената разврска на крајот од која и произлегува насловот на делото.
Кон „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“
Тргнувајќи од славниот цитат на Маршал МекЛуан, „Медиумот е порака“, сценаристот и режисер Мартин МекДона во своето ново остварување „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, земајќи ги токму билбордите како медиум на отворено кои со своите пораки можат да влијаат во поместувањето на нештата од мртвата точка, нè води на едно брилијантно патување со крајна цел, промена во свеста на луѓето околу горливите теми кои мораат да имаат сопствена завршница. Оваа поставка особено добива на тежина доколку „нештото“ е неколкумесечното неразрешено убиство на локалната тинејџерка, чија мајка сака да ги размрда локалните власти, но и комплетната заедница, со поставување на три пораки на билбордите крај патот по кој поретко се врви, на кои јасно се отчитува нејзината болка, и повеќе гнев, околу инертноста на полицијата. Сосема доволно за почеток на едно клопче кое од минута во минута мајсторски се одмотува, или, како во една од првите сцени, доколку бубачката на прозорот е свртена на грб и сè уште живурка, главната хероина ја превртува и и подарува понатамошен живот, како фина симболика која од микро на макро план ќе се провлекува до самиот крај на филмот.
Кебра и јас
После долго време во МКЦ гостуваа новосадските херои „Обојени програм“, кои направија одличен концерт. Старците се супер увежбани и отсвиреа речиси се’ што е важно во нивната богата, веќе 30-годишна кариера.