На кого во овој момент му требаше римејк на славниот ес-еф филм од 50-те години на минатиот век? Одговорот на ова прашање може да се бара во неколку насоки. Прво, ваков блокбастер со сигурност ќе донесе (и донесе!) добра заработка за продуцентската куќа „20-th Century Fox“. Второ, во недостаток на добри оригинални сценарија, особено ва научно-фантастичниот жанр кој долги години е во криза, буричкањето по старите проверени теми е особено добредојдено. Трето, но не и помалку битно: можеби луѓето „зад завесата“ конечно решија да не’ подготват за прифаќање на вистината за вонземјаните, кои одамна се меѓу нас… итн, итн. Всушност, попрецизно, ние го бараме одговорот на она меѓупрашање: зошто ваков филм со ваква тематика во овие моменти?
Да не се лажеме, одредени филмови отсекогаш се реализирале наменски, во одреден период, со јасна и прецизна цел, најчесто во функција на одредена пропагандна машинерија. Следејќи ја приказната во филмот на режисерот Скот Дериксон, излегува дека таа најмногу му одговара на поранешниот кандидат за претседател на САД, Ал Гор, бидејќи тој во последниве години е максимално активен на планот на глобалното затоплување на планетава и изнаоѓањето стратегија за нејзин спас од најголемиот штетник – човекот. Но, шегата настрана.
За добрите познавачи на филмската уметност, особено за вљубениците на Б-филмовите од средината на 20 век, римејкот на култниот „Денот кога Земјата запре“ на режисерот Роберт Вајз, дури по педесет и кусур години е сосема логичен потег што има историско и културно значење. Тука не станува збор дали новото читање на работите ќе ви се допадне или не, туку за фактот дека некој конечно се сети повторно да му даде значење на овој филм, кој долги години ги воодушевуваше поклониците ширум светот. Иако Кијану Ривс поради неговиот бекграунд на слични улоги („Матрикс“, „Џони Мнемоник“, „Константнин“) е и повеќе од очекуван потег, тоа не го намалува уживањето во темната и апокалиптична приказна која, доколку се сфати премногу сериозно, може да предизвика сериозни последици врз вашето здравје.
Конечната порака која овој филм им ја праќа на консументите е дека сме премногу деструктивни, но сепак, полни со љубов, и дека нашата планета не пропаѓа поради технологијата, туку поради нејзината злоупотреба од страна на луѓето. И секако, оној непобитен факт, дека ниту вонземјаните не можат да го сварат она што ние го правиме овде, што е веќе одамна опсервирана (филмска) вистина.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 17 февруари 2009 година.