Стоечки овации и судска тужба

Секоја чест за лауреатите на последното издание на венециската Мостра, израелскиот „Либан“ и иранскиот „Жена без маж“, кои со својата ангажираност отворија многу полемики за клучни теми меѓу присутните, па и пошироко. Но филмот кој не доби ниту една награда, а околу кој се крена најмногу прав, пред и по неговата фестивалска и светска премиера, е романскиот „Франческа“ на режисерот Боби Паунеску. Приказната за романската имигрантка која заминува во Италија во потрага по подобар живот ја навреди адвокатката Алесандра Мусолини, внука на поранешниот фашист Бенито, која во една од сцените во филмот е оквалификувана како „курва“. Во меѓувреме во игра влезе и градоначалникот на Верона, Флавио Този, кој исто така подготвува тужба пред италијанските власти бидејќи смета дека неговиот лик во филмот е претставен на „вулгарен начин“.

Според младиот режисер, филмот поминал многу добро на фестивалот, добивајќи стоечки овации токму од италијанските новинари, додека споменатите „навредени“ политичари се’ уште не го ни гледале и судот го донесуваат според несоодветните коментари. „Овој филм не зборува против политичарите, па дури и не е против Италијанците. Тој е силна социјална приказна со која сакам да предизвикам полемика околу илјадници вакви случаи“, скромно изјавува Паунеску, кој бил подготвен на одредени реакции, но не и дека за истите ќе мора да побара адвокат кој добро ги познава италијанските закони.

Разрешницата на случајот се очекува кон крајот на ноември, кога филмот на Паунеску треба да почне да игра на редовниот репертоар на италијанските кина. Авторот нема намера да ги скрати „проблематичните“ сцени бидејќи смета дека се обидува подобро да ги објасни романско-италијанските врски, особено после големата имиграција која се случи по 2007 година, односно, по влегувањето на Романија во ЕУ. Свое гледање на ситуацијата даде и романскиот Министер за надворешни работи Емил Бок, кој смета дека филмот има право да говори во името на вистината и дека при следната посета на Италија ќе разговара со премиерот Силвио Берлускони за можноста „Франческа“ да биде дел од кино-репертоарот во закажаниот термин.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 20 октомври 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *