Во последниве години, знаејќи кон каде се движи светот наметнувајќи одредени агенди кои мораат да се протнат на голема или мала врата, малку работи ме израдувале во однос на филмската уметност, особено кога се работи за фестивалските награди. Оваа е една од нив!
Кој би рекол дека еден од омилените филмаџии ќе ќари „лав“ во Венеција. But, never say never! Со својата континуирана и посветена работа, Џармуш докажа дека кога ќе останеш свој, на крајот неминовно ќе си дојдат и резултатите. Затоа што тој, како старее, станува се’ подобар и подобар, како црвеното рујно вино. Честитки друже!!!

Следејќи ги одгласите од колегите на 82 издание на најстариот филмски фестивал во светот, филмот на Џармуш „Мајка татко сестра брат“ имаше позитивни рецензии, но се предвидуваше дека најсилен кандидат за главната награда е приказната за убиството на едно петгодишно девојче во Газа насловена „Гласот на Хинд Раџаб“ на тунискиот режисер Каутер Бен Ханиа. На крајот сепак, според многумина и неочекувано, жирито на чело со американскиот режисер Александер Пејн, и членовите Стефан Бризе (француски режисер), Маура Делперо (италијанска режисерка), Кристијан Мунгиу (романски режисер), Фернанда Торес (бразилска актерка), Жао Тао (кинеска актерка), „Златниот лав“ му го додели на филмот на Џармуш, а „Сребрениот“ отиде во рацете на тунискиот филмаџија.

„Татко мајка сестра брат“ е триделна медитација за нелагодната врска меѓу родителите и нивните возрасни деца. Отуѓени браќа и сестри, по години живеење на различни страни, повторно се обединуваат со цел соочување со нерешените тензии и преиспитување на затегнатите односи со нивните емоционално оддалечени родители. Поделен на поглавја сместени во Њу Џерси, Даблин и Париз, филмот на своите рамена го носи актерска екипа составена од поранешни, но и нови имиња од светот на Џармуш, како Том Вејтс, Адам Драјвер, Мајим Биалик, Шарлот Ремплинг, Кејт Бланшет, Вики Крипс, Индија Мур и Лука Сабат.
Џармуш на свеченото доделување на наградите истакна дека дури и за него ова е изненадувачки избор на жирито, и му се заблагодари на фестивалот за давањето почест на неговиот „тивок филм“. „Сите ние овде што правиме филмови, не сме мотивирани од конкуренцијата. Но, ова е нешто што навистина го ценам, оваа неочекувана чест“, рече Џармуш, кој кариерата ја започна со мали, независни филмови како „Постојан одмор“ и „Почудно од рајот“, за еве, дури по 45 години, да добие сатисфаткција на еден голем А-фестивал, всушност, најстариот и веројатно најзначајниот во историјата на филмот.
Според трејлерот, новиот филм мна американскиот независен режисер е комбинација од „Кафе и цигари“, „Ноќ на земјата“, „Скршени цвеќиња“… Впрочем, Џармуш како секогаш да снима еден ист филм, но со нови елементи во него, кои потоа се дисперзираат во следните негови остварувања.
Џармуш го следам уште од почетокот на неговата кариера. Кон крајот на 80-те и во текот на 90-те израснавме и созреавме со неговите филмови, неретко пишувајќи за нив. Во продолжение одиме со (речиси) сите текстови посветени нему и на неговите остварувања, како преглед во една неверојатна филмска приказна при која, на крајот, сепак остануваш неприкосновено свој 😉
Започнуваме со генералниот преглед на филмската естетика на маестрото:
Во рамките на претходниот текст, на крајот е споделен и освртот кон тогаш актуелниот филм „Скршени цвеќиња“, а во продолжение одиме со текстот за филмот „Границите на контрола“, кој следеше четири години потоа:
Во 2016 година Џармуш го сними прекрасниот „Патерсон“, во кој на прекрасен начин ги испреплетува книжевноста и седмата уметност. Текстот е прилично експериментален, пишуван во духот на самиот филм, па оние што го гледале, чинам дека ќе ги пофаќаат конците:
И на крајот, за заокружување на Џармуш приказната, повторно се навраќаме на неговите почетоци, со краток осврт кон прекрасниот „Почудно од рајот“, кој лани прослави четиридецениски јубилеј од премиерата:
