Љубов и интриги во царската Виена

Без голема помпа, црвен килим и останатите финеси кои го сочинуваат отворањето на еден фестивал, помина и годинашниот влез во 13-то издание на Скопје филм фестивал. За среќа, возбудата во киното „Милениум“ следеше веднаш потоа. Светлата се затемнија и блесна сребрениот екран, на кој до 29 април ќе се прикажуваат филмовите од главната програма. Епското остварување „Јас, Дон Џовани“ на славниот шпански филмаџија Карлос Саура е одличен избор за едно фестивалско отворање. Неговата грандиозност ги опсени сите во кино салата, како што тоа го направи и минатата есен на фестивалот во Торонто, каде филмот ја имаше својата светска премиера.

Повторната соработка на режисерот со легендарниот италијански кинематографер Виторио Стораро не можеше да остане незабележана, особено ако истата е се’ подобра и постојано се надградува, што ние, гледачите, заеднички ја сведочиме, несебично уживајќи во филмот. Предрасудата дека Саура и Стораро на екранот буквално ја пресликале познатата опера се разбива уште на почетокот од филмот. На оние кои го обожуваат Оскаровецот „Амадеус“ (1984) на Милош Форман, филмскиот тандем им дава ново видување на прикaзната за Моцарт и Салиери, но лишена од „американизацијата“ на нивните односи, во која Мoцарт овој пат изгледа како прибрано човече, а не како луд генијалец, благодарение на солидната актерска интерпретација на Лино Гванчале.

Но најбитно е она што оваа приказна ни открива еден сосема нов свет во ликот на младиот писател и поет Лоренцо да Понте, кој напишал неколку либрета за оперите на Волфганг Амадеус, а сепак, останува во негова сенка. Нивното заедничко чедо „Дон Џовани“, контроверзно поради величењето на слободниот живот и блудот, и ден-денес е еднo од најпосакуваните дела на репертоарот на светските оперски сцени. Знаејќи го ова, Саура успева да создаде нов жанр: филм-во-опера-во-филм. Перманентно користејќи го ефектот на претопување на една во друга слика, кој иако веќе го имаме видено во неговите претходни остварувања, како да е создаден токму за „Дон Џовани“. Со тоа авторот ни ја доближува оперската уметност на едно поинакво ниво.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 27 април 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *