Интервју со Даријан Пејовски, режисер

Минатата година проектот “Скопје ремикс” ги претстави новите сили во македонскиот филм. Еден од тие девет режисери  е и Даријан Пејовски, деновиве актуелен со својот нов краткометражен филм “409”, на кого му претстои вистинска летна фестивалска авантура. Даријан најавува работа на уште еден краток филм,и  тоа ни помалку ни повеќе – хорор, што е редок жанр во нашата кинематографија,  а потоа, се надева, ќе следи и најголемиот предизвик, дебитантско целовечерно остварување, за кое веќе има сценарио

Даријан, на почетокот, твоја мала лична карта за оние читатели кои прв пат се запознаваат со тебе и со твојата работа.

– Накратко, пред две години дипломирав филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на проф. Столе Попов. Наскоро ќе полнам 30 години.

Во твојата кратка кариера, колку филмови веќе имаш зад себе?

– Не сметајќи ги студентските, кои се задолжителни додека студирате на ФДУ, зад мене имам еден среднометражен телевизиски филм, и два кратки, од кои едниот е дел од омнибусот “Скопје Ремикс”, насловен “Опера”. Работев и како еден од ко-сценаристите на филмот “Панкот не е мртов” на Владимир Блажевски, заедно со Вардан Тозија.

Знам дека секој проект ти е драг и драгоцен како искуство, но дали би можел да издвоиш што научи по снимањето на секој од наведените филмови?

– Навистина секое искуство е различно. Проблемот со филмот, за разлика од другите уметности, е што имате многу помалку прилики за работа, а со тоа и побавно се развивате како автор. Оттаму, секој снимачки ден е драгоцен. Ако нешто сум научил, тоа е веројатно да се подготвувам прилично педантно пред секое снимање бидејќи никогаш не сум имал доволно време за да оставам нешто на случајот.

Која е симболиката на бројот во насловот на твојот нов краток филм, “409″?

– Нема никаква симболика во самите бројки. Но во хотелската соба со број “409“ се одвива најголемиот дел од приказната.

„409“ е приказна за човек кој поседува се’ што во општествена смисла значи „нормален“ или „успешен“. Колку изместените критериуми во нашето општество се доволни за успешна карактеризација на ликовите во домашните филмови?

– “Изместени критериуми“ веќе стана општа, досадна фраза што ја користиме цело време. Веројатно преголемиот наплив на информации и нивното неселективно пласирање си го прават своето. Што се однесува до македонскиот филм, мислам дека “изместените вредности“ и фамозната “транзиција“ беа и повеќе од доволно застапени. Мислам дека е време да продолжиме понатаму.

Колку недостигот на емотивна сатисфакција кај главниот лик знае да биде инспирација за еден краток, па и долгометражен филм? Колку тој може да ја ‘вози’ приказната напред, кон целта?

– Во принцип, карактери што имаат одреден емотивен проблем или состојба, во самиот старт се податливи за истражување. Никој од нас не е совршен, и понекогаш навистина претставува утеха кога како гледач имаш прилика да си ја “споделиш“ маката со ликовите. Не буквално, секако.

Какви поединци, односно луѓе, се во фокусот на твоите приказни? И зошто токму таков тип на луѓе те интересираат?

– Немам некој преголем багаж зад себе и не можам да извлечам некаков НЗС за ликовите. Ако ги споредам последните два кратки филма, би рекол дека тие раскажуваат за луѓе што на некој начин залутале во сопствените животи, и бараат некаков излез, сатисфакција. Во “Опера“ тоа беше раскажано на малку комичен начин, додека во “409“ амбиентот е потрагичен.

Колку Скопје како современ град, како живо суштество кое постојано се менува,  е инспирација за твоите сценарија?

– Со самото тоа што сум роден и живеам во Скопје, сакал-нејќел, тоа е моето природно живеалиште. Скопје е град што константно се менува, и тоа на полошо. Морам да признаам дека амбиентот во којшто живееме е се понеинспиративен, во визуелна смисла, освен ако не снимате некаква пародија. А да, и не постои раскрсница во градов без огромни невкусни билборди.

Се надевам дека на “409″ му претстои долго, топло фестивалско лето?

– Па да, краткиот филм и нема многу други опции за прикажување, за жал. Откако помина официјалната домашна премиера, судбината на филмот ќе биде претежно фестивалска.

Што е она што те преокупира и што го работиш во моментов?

Во моментов спремам уште еден краток филм, кој е во фаза на постпродукција. Станува збор за хорор, во продукција на “Вертиго Висуал”. Очекувам дека ќе биде готов во текот на летово. Потоа се надевам дека конечно и моето сценарио за целовечерно остварување ќе дојде пред завршна реализација.

И на крајот, во кој дел од филмската историја би сакал да создаваш? Кое време те возбудува, чиј современик би сакал да бидеш помеѓу филмаџиите?

– Стариот холивудски “студио систем“ отсекогаш ми бил интересен. Авторите од тоа време имаат по 50-na, некои од нив и по 100-на филмови во своите кариери. Навистина ми е фасцинантна целата машинерија и фактот дека еден режисер може да направи по 3-4 филмови во годината. И омилените мои режисери се од тоа време: Хјустон, Форд, Вајлдер, Волш, Хоукс, Хичкок…

(Објавено во магазинот „МОЈ КЛУБ“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *