„Мама Европа“ на Петра Селишкар и Бранд Феро

Уште од почетоците на Македокс, желбата на двоецот Петра Селишкар и Бранд Феро беше еден нивни авторски филм да биде дел од фестивалската програма. Желбата конечно им се исполни, и во петокот вечер 4-то издание на Македокс го затвори „Мама Европа“, нивниот нов доку проект. По „Бабички на револуцијата“, не’  интересираше каква е врската меѓу претходниот и актуелниот филм, a Селишкар изјави дека е точно оти има некаква суптилна врска меѓу претходниот и актуелниот филм, пред се’ во духот на она што го раскажуваат, исатовремено нагласувајќи дека и обата проекти се важни бидејќи во нив соработувале документаристи од Словенија и од Македонија. „Што мислиш, птиците знаат што е тоа граница?“, ја прашува мајката ќерка си. „Не“, вели ќерката. „Па како тогаш ти знаеш?“, повторно ја прашува мајката. „Знам затоа што јас сум човек“, вели ќерката.

„Мама Европа“ е приказна за Европа видена низ очите на шестгодишната Тера. Родена на Балканот, но израсната како граѓанин на светот од татко со кубанско-македонско потекло и мајка со словенечки корени, малата Тера многу бргу учи што е тоа граница.

На патувањето низ поранешна Југославија со своите родители, Тера  запознава различни ликови и преку нивните интересни животни приказни, учи за земјите, политиката и историјата на континентот кој не е нималку обединет. Слушајќи за разликите што ги создаваат границите меѓу луѓето, Тера станува уште посигурна дека „нема ништо поважно од планетата Земја“.

(Прилогот е емитуван во филмскиот магазин „ФИЛМОПОЛИС“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *