Наука за деца

Вообичаеното пакетче за најмладите за Нова година содржи многу блачко, по нешто солено, и евентуално, ако им текнало на производителите, сликовница или боенка, не дај боже книга. Еден познаник пред некој ден ми кажа дека годинава популарни биле термосите, и навистина, и ние добивме примерок во едно од пакетчињата. Ќе ни се најде, секако. Поместување од сето ова направи драгиот пријател Никола Стиков, кој преку неговата веб страница naukazadeca.mk не’ мотивираше да донираме и да ја поддржиме неговата иницијатива, вклучувајќи ја и фондацијата „Кантарот“, а за возврат добивме прекрасно пакетче кое содржи разни волшебни нешта за правење на четири научни експерименти. Совршено!

Што поради возраста, а и генерално, најголем процент од децата не се секогаш љубопитни да прават научни експерименти. И јас како мал бев меѓу нив. Но овој пат големото чоколадо во пакетчето беше добар мотиватор да ја започнеме нашата „научна вечер“.

Откако тато ја отвори чоколадата и добро се заблажи, тргнавме со преглед на содржината пред нас. Пакетчето содржи мензура за течност, две теглички со мистериозен прав, две празни пластични чаши, пипета, карти и уште пар работи кои чекавме да откриеме за што ќе ни послужат.

По случаен избор ја земавме првата инфо табличка на која со мобилен телефон го скениравме QR кодот. Тоа не’ однесе до 5-минутното видео на страната naukazadeca.mk, каде Никола на многу јасен начин, чекор по чекор, не’ водеше низ првиот експеримент, во кој требаше да провериме „дали водата плови или тоне“?

Знаев дека ќе има фрка, и повторно каснав од чоколадото. Нервозата мораше да биде скротена. Ги наполнивме двете чашки со топла и студена вода, и со една од картите ја поклопивме онаа со топлата вода. Никола ни вели дека доколку ја превртиме, картата нема да падне, и дека водата ќе стои наопаку. Уф, се испотив. Уште една коцка чоколада. Вртиме, и пљаааааас, обоената вода паѓа во садот, кој, за среќа, претходно го ставивме на масата, чувствувајќи неуспешен прв обид.

Добро, вториот пат ни успеа, откако констатиравме дека јас сум бил виновникот затоа што првиот пат, откако ја ставивме картата врз чашата, не требало да ја вадам и да проверувам дали е залепена или не 🙂 Задоволството беше големо.

Одиме понатаму. Малку дополна со чоколадо, и пред нас е веќе вториот експеримент насловен „Хексафлексагон“.

Интересно, освен готовиот модел, пакетчето содржи и „направи сам“ варијанта, па повторно преку видеото и чекор-по-чекор направивме нов хексафлексагон кој содржи три страни. Двете ги гледаме, но како до третата? И тука почнаа маките. Секако, помладата генерација е секогаш поумна од постарата и прва дојде до решението. Уште еден ред чоколада во устата беше неминовност.

По малата пауза, следеше третиот експеримент со киселини, бази и бои. Од сетот повторно ги земавме чашките, во игра влезе и мистериозниот прав, како и лакмус хартијата за потврда на експериментот. QR кодот е скениран, и научникот Стиков не’ воведува во уште една научна едукативна тајна.

Откако го растворивме правот со вода, со пипетата земаме од различните течности и ставаме врз лакмусот, кој ја менува бојата. Така сфаќаме што се тоа киселини и бази и кои се нивните карактеристики. Бидејќи работиме со специфична материја која повторно ја распославме лево-десно врз масата, овој пат не се послуживме со блачкото, бидејќи дланките ни беа влажни.

И на крајот, долгоочекуваниот „Мост на да Винчи“! Научно-забавната вечер е при крај, и истата треба да ја крунисаме со мостот крстен по еден од најголемите умови во Ренесансата. Ги земаме шпатулите, ги следиме упатставата во видеото и започнуваме со нивно специфично местење. Секако, од прва, крајниот резултат е комплетна катастрофа!

Сепак, не дозволуваме да се разочараме, ја кркаме чоколадата до крај, и од втора го местиме мостот прилично успешно. Врз него ставаме книга, и таа не го руши. Супер. Си честитаме и се гушнуваме.

Се’ на се’, пакетчето од „Наука за деца“ ни беше супер искуство за време на празниците. Благодарност до екипата, на која и’ пожелувам да го одржи и надгради овој проект и секоја година да нуди нови нешта. Секако, онаа по малку намуртена фотографија од горе потоа доби ведра и насмеана завршница, со еден голем „лајк“ како потврда. Затоа, дозволете им на децата да експериментираат, можеби ќе го разбудите научникот во нив 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *