Пред пар седмици го препрочитав последниот роман на Славко Јаневски, „Депонија“. Долго време ме гледаше од полицата, и јас нему, секако, му фрлав „љубовно-љубопитен“ поглед, особено поради тоа што поминаа повеќе од две декади од неговото објавување и следствено на тоа, од првото читање, па време беше да му се навратам бидејќи сум го подзаборавил. Зошто инаку создаваме домашни библиотеки доколку одвреме-навреме не ги препрочитуваме книгите? Но ете, случајот сакаше „Депонија“ да се реактуелизира не поради тоа што е последниот ракопис на Јаневски додека се’ уште беше меѓу нас, туку поради тековните случувања со нашата метропола, која деновиве се дави во ѓубре, со што уште еднаш се потврди онаа старата дека „животот пишува романи“, односно, дека „книжевноста може да биде стварна, а стварноста да се претвори во книжевност“.
Добро се сеќавам на таа двеилјадита година кога излезе романот на Јаневски. Милениумската бубачка не ја уништи планетата, како што предвидуваа заговорниците на fin-de-siecle, а уште помалку се сменија нештата на Балканот. Напротив, за нас набргу следеа турбулентни времиња. Јаневски тоа го предвидува во едно од поглавјата во книгата, како пророк кој гледа надалеку, во перспектива. Состојбата во македонската книжевност исто така можеше да се опише со еден Хемингвеев антологиски наслов. Старите издавачки куќи стекнаа ново руво и не нудеа многу интересни нешта на пазарот, а периодот на транзиција некои добро го искористија за преструктуирање на силите и создавање на нови брендови премачкани со сите бои. Во тој меѓупростор „Депонија“ на Славко Јаневски излезе за „Зумпрес“ и предизвика интерес во јавноста. Ликовно-графичкото решение на корицата не го мамеше читателот веднаш да ја земе книгата в раце, меѓутоа, името на авторот секако, особено поради тоа што Јаневски не дочека да ја види книгата испечатена. Истата беше промовирана неколку седмици по неговото заминување.
„Депонија“ е деветтата книга од циклусот романи посветени на животот во Кукулино од 700-тата до 2096 година. „Иако навидум зачмаено, тоа делче од светот имаше некаков свој живот“, започнува приказната во која ќе продефилираат еден куп главни и споредни ликови, сите со своите доблести и мани, еден вид „Македонија во мало“. Јаневски во манир на искусен мајстор на зборот на 190 страници феноменално ги „разголува“ меѓучовечките односи, оние пријателските, но пред се’ тесно-фамилијарните. На огорченоста која се наталожува во нивните души често пати детерминирана од незнаењето и нерационалниот страв, на крајот тој додава капка среќа и надеж, капка разум, колку оваа небиднина овде, во која и ние сме решиле да останеме да живееме, да не изгледа како оној дел од пеколот опишан во сценариото на авторот на почетокот од 70-те години на минатиот век.
Покрај главната нишка во приказната, меѓу многуте поттекстови се појавува и темата која токму во новиот милениум доби глобална димензија. На темата „глобално затоплување“ несудениот американски претседател Ал Гор изгради цела кариера. Во книжевноста, пак, во последниве декада-две се појави тенденција за третирање на овие теми сместени во фолдерот „еко-фикција“. Неодамна ИЛИ-ИЛИ го издаде вртоглавиот роман „Фауна“ на канадската писателка Кристијан Ваден, кој зборува за последиците од човековата негрижа кон природата. Јаневски, без да биде свесен дека е предвесник на нов книжевен жанр, по чувство, решава насловот на неговиот роман да носи предупредувачки контекст. Депонијата која незабележливо се појавува во еден дол покрај Кукулино се заканува да го уништи целиот тој крај, доколку не се прекине во корен. Жителите, не можејќи да излезат од ропството на сопствените емоции околу научените и недоучените работи, одеднаш треба да се соочат со нешто кое може да им го загрози животот кој, на крајот од денот, и не е толку лош во оваа “недојдија“. Барем природата ја имаат на дланка. Писателот токму оваа проблематика ја зема како клучен момент за разрешување на целото дејствие. Во акцијата за спречување на ширењето на непосакуваната депонија многу нешта ќе добијат своја завршна реч.
„Ноќе, под јасник, лочките на стопениот снег се пресоздаваа во огледалата, на нивниот мраз се огледуваше месечината. Под стреите висеа мразулци, личеа на кристални копја. Се разденуваше порано. Деновите станаа подолги. Јануари се спровре низ прстенот на времето, отиде. Потоа, иако празникот кога се слави кроењето на лозите не беше далеку, повторно падна снег. Како да сакаше да скрие едно зло на човечката малоумност, ја покри депонијата на Поскочка Колепка“.
Во романот има еден лик, Богоја Сандевски, кој секогаш кога сака да каже нешто паметно, повторува еден ист збор кој му звучи „паметно“. Во еден дел од приказната тој повторува „пепедекуларно“, потоа му се допаѓа зборот „асоцијативно“ итн. „Ќе ти обаснам. Во земјава кој ќе втаса краде, без око да му трепне, како и да свртиш, се’ е асоцијативно“, вели Богоја. Е па пепедекуларно (што и да значи тоа 🙂 ), или подобро, асоцијативно, проблемот со скопскиот отпад, за жал, се појави среде лето, кога постои опасност од несакано ширење на зарази. Нема можности снегот да ги покрие сите нечистотии во кои градот и онака се гуши во текот на целата година, како во извадокот кој фигурира пред самиот крај од романот на Јаневски. Јас се надевам на разумност и на што побрзо решавање на проблемот, затоа што книжевноста е тука да поставува прашања и да опоменува, а надлежните да најдат рационални решенија по мерка на нивните сограѓани. Рационални решенија по мерка на граѓаните? Игоре, стара наиво, и понатаму веруваш во чуда!?
„Бил еднаш еден Балкан. Го нема. Се закопал во смет. Тоа не’ чека… И континентите ќе се депонии. Смрт на животот, слобода на смртта“.