Кон изложбата „Таен премин кон месечината“ на Ване Костуранов

Љубовта кон куќите, и воопшто, кон уметноста на Ване Костуранов, во нашиот дом трае одамна. Всушност, оваа година година таа љубов стекна полнолетство. Точно осумнаесет години неколку „куќи“ на струмичкиот уметник се дел од нашиот дом. Ние живееме со нив, зборуваме со нив, тие не’ слушаат и не одговараат, но многу добро знаат што се случува: кој е нерасположен, кој е полн со љубов, кој е гневен, кој толерантен, кој е нервозен, кој емпатичен… И така со години. Тие се сведоци на нашиот светоглед, на нашето растење, созревање, стареење… затоа со особено задоволство ја очекувам секоја следна изложба на Ване, сепак, мудро избегнувајќи ја непотребната гужва на отворањето, бидејќи преферирам на раат да си поглаголам со неговите нови куќи.

Костуранов е веќе етаблиран не само на македонската ликовна сцена, туку и пошироко. Се сеќавам кога бев на книжевна резиденција во Пазин, на Истра, домаќините со пиетет зборуваа за неговото гостување, и секако, за неговата уметност во детските книги застапени на тамошниот саем. Кога им ја раскажав приказната за патот до Струмица, влезот во неговото ателје, изборот на сликите, погледот од балконот каде она што го видов на платната комплетно се стопи со екстериерот, и потоа, дружбата во струмичките кафулиња со уметникот и неговата поубава половина, тие беа воодушевени. Сега Ване има нови „куќи“, и тоа е доволна провокација да се посети галерискиот простор на „Метаноја“ и да се ужива во понудата.

Уметноста на Костуранов е лесна за перцепција, истовремено нудејќи длабоки височини. Таа функционира кај публиката од сите возрасти. Тој стана познат со приказните за куќите во разни контексти, но во меѓувреме ни понуди и нови теми поврзани со лицата, монструмите, животните, луѓето како чудаци… Сепак, основа во ликовниот израз останаа куќите, тој прв крик во неговата уметност, чија преокупација трае и ден-денес. Секако, и куќите од изложба во изложба претрпуваат трансформации (тие стануваат љубовни, небесни, заобиколни…), но сето тоа си има една фина развојна линија во чија основа е убавината, а таа, нели, одамна има намера да го спаси светот.

Сликите кои се наше секојдневие во домот се од фазата на уметникот едноставно насловена „Куќи“. Со неа пред речиси две децении се претстави во културниот центар „Точка“ и ги освои срцата на посетителите. Моќната „Исчезнувачки куќи 1“ доминира со сончевото жолто, над „Небесна“ се надвил еден црн облак, но црвената е доволно моќна за да пружи отпор, а насловот „Среќна куќа“, колку и да е трошна, си кажува се’.

На засебен ѕид е сместена неформалната кафеава трилогија која ги вклучува сликите насловени „Кон домот“, „Куќен собир“ и „Прозрачни прозорци“. Сите овие куќи се длабоко вкоренети во почвата, но стремат кон жолто-портокаловото сонце на небесата.

За разлика од „нашите“ драгоцени слики од Костуранов, на кои доминираат потемни тонови, на актуелната изложба во „Метаноја“ првиот впечаток е светлината, која доаѓа најпрво од чистотата на белите рамки со кои се „обвиени“ сликите, а потоа и од боите на самите платна. Иако распоредот на дваесетте претставени слики не беше таков, сепак, ќе си дозволам во овој текст токму тоа да ми биде еден од критериумите и да ги класифицирам сликите според нијансите на боите со кои се насликани, така создавајќи „моја“ (воз)можна приказна.

Основната боја која доминира и на самиот плакат за изложбата е сината. Во неколкуте „сини“  слики со куќички го препознаваме патот по кој во доцните часови одиме кон домот во полето, на планината, барајќи го својот внатрешен спокој.

Сликите на кои, барем во мојата перцепција на нештата, доминира црвената боја, во себе ја кријат приказната за забранетите светови во дворот на соседот, од каде мами вкусната цреша, создавајќи нови неспокојства, создавајќи нови светови.

Омилената, жолта боја, доминира на три слики, на кои, кога се раѓа денот, патуваме на сончевата страна од градовите, градовите на кои им припаѓаме на овој или оној начин.

И на крајот од патувањето, прочистувачката бела, онаа во која привремено се засолнуваме секогаш кога чувствата ни се во бестежинска состојба.

Во прекрасниот текст по повод изложбата, г-нот Коста Милков нагласува дека засебна приказна во целата оваа поставка претставуваат насловите на сликите, кои небаре формираат посебен книжевен контекст кој се надоврзува на она што го гледаме на ѕидот.

„Ване не ги претставува своите слики само низ боите на платното. Интердисциплинарно ги опишува и со зборови, давајќи им наслови кои повеќеслојно го надминуваат прозаичното означување некаква зададена тема која треба да се препознае во буквална смисла. Има поетика во начинот на кој Ване ги именува своите дела. Насловите не се само технички детаљ со кој ги каталогизира сликите. Секој од нив е егзегетско и херменевтско продолжение на уметничкиот израз“.

Тука би била и мојата единствена забелешка во однос на изложбата. Имено, токму насловите на сликите, доколку им се дава такво значење, требало да бидат реализирани на поинаков, подостоинствен начин. Ајде, следниот пат, за впечатокот да биде комплетен 😉  

И на крајот, она најважното: зошто уште на самиот почеток не’ привлекоа куќите на Ване Костуранов? Едноставно е – затоа што тие претставуваат Дом, во најбуквална и најметафорична смисла. Домот е местото каде се чувствуваме најсигурно, најсакано, највозвишено. Домот е онаму каде што ти е детството. Домот е онаму каде што ти е срцето. Ване тоа на најсуптилен начин го доловува во неговите слики, и не можеме да побегнеме од потребата да ги гледаме и што подолго да уживаме во неговите куќи. Сето ова го содржи и неговата нова изложба, која ќе ве поведе на пат до месечината, и назад. Дозволете си едно такво патување, ги прочистува мислите и душата 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *