Лауреатите на „Европските филмски награди“ 2023

Синоќа во Берлин беа доделени наградите за најдобрите во седмата уметност во тековната 2023 година. „Европските Оскари“ традиционално се доделуваат на почетокот од декември, кога и привршува филмската календарска година на Стариот континент, за разлика од практиката на холивудската филмска индустрија, каде во опција влегуваат и филмовите кои премиерно се појавуваат во овој период од годината, па во март се прогласуваат најдобрите. Затоа на доделувањето на европските филмски награди горе-долу доминираат филмовите кои добро поминале на трите големи „А“ фестивали во Берлин (февруари), Кан (мај) и Венеција (септември), секако, ако доаѓаат од европската филмска провиниенција. Кога ќе заврши венециската Мостра, сите адути се на маса и почнуваат подготовките за европските награди. Така беше и годинава, бидејќи главен победник со неколку награди беше токму канскиот лауреат. Ова се годинашните европски филмски лауреати.

(c) Sebastian Gabsch

Апсолутен победник на вечерта, и секако, на годината, е францускиот филм „ANATOMIE D’UNE CHUTE“ (ANATOMY OF A FALL), кој ги доби наградите за најдобар европски филм, најдобар режисер (Justine Triet), најдобар сценарист (Justine Triet & Arthur Harari) и најдобра актерка во главна улога (Sandra Hüller).

По наградата пред три години за маестралната улога во „Another round“ на Томас Винтерберг, данскиот актер Mads Mikkelsen повторно се искачи на врвот на Европа со улогата во филмот „THE PROMISED LAND“ на Nikolaj Arcel.

Најдобар европски документарен филм е естонскиот „SMOKE SAUNA SISTERHOOD“ на режисерката Anna Hints.

Најдобар европски анимиран филм во 2023 година, според европската филмска академија, е шпанско-француската копродукција „ROBOT DREAMS“ на режисерот Pablo Berger.

И на крајот од овој преглед на лауреатите на главните европски филмски награди, би ја издвоил и онаа која ја доделуваат колегите филмски критичари од „FIPRESCI“, која се доделува на европското откритие на годината, односно, на некој нов режисер пред кого стои сјајна перспектива. Оваа година тоа е британската филмаџика Molly Manning Walker која сними многу интересен филм насловен „HOW TO HAVE SEX“.

Океј, пред нас претстои долга зима, ова се насловите на кои треба да им обрнеме достојно внимание како најдоброто од стариот континет. Ви посакувам пријатно-провокативни проекции 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *