„Лозје“ од Блаже Конески

Од долчето се искачија право в лозје. Долу песокот чкрташе, а овде е земјата ровка, стапалките леко се одбележуваат. Мало е ова лозје и запустено – две-три стотини пењушки, како случајно поникнати.

– Ти најди си сенка, – рече едниот – а јас ќе се лекувам овде на сонце.

Тој се спружи и се распетла да го пече колкот. Другиот остана за малку загледан. Претпладневното сонце уште не го заморува погледот што следи постапна брановитост од најближните тревки до сивоста на камењарот над лозјето.

– Што, не се догледува лесно мојот имот?

– Мало ти било лозјенцево.

– Раѓа колку за чавките, не бој се.

Другиот си најде место одма тука, под расчаталена лоза, ја остави настрана книгата што ја носеше, не иставајќи ја дланката од неа, и легна на плеќи. Проѕирност на лозје: зрната уште не се зазреани, меѓу лисјата се гледа чисто небо.

Двајцата млади луѓе се вратија вчера, по јунските испити, од Белград. Едниот е заправо дојден на гости. Другар му го изведе веднаш в лозје, повеќе дека сакаше самиот да го искористи сонцето. Кај него беше констатиран почеток на костна туберкулоза, и требаше да се лекува.

– И сепак ова лозје не е обично лозје, – рече тој. Тоа е животно дело на татка ми. Сакаше да остане нешто од него. Еден спомен. Како сега да го гледам кај си шурка низ лозјево, кус, едвај капата му се гледа оддалеку. Туку си буцка, туку ја поправа оградата.

– Па лозјево нема ограда.

– Го разградиле. Зар некој ќе го чува? Чудна е таа потреба кај луѓето – да се овековечат. Но пак фала му на стариот – барем во свое лозје го печам колков.

– Ајде да се чита малку, – рече другиот и ја прибра книгата.

На страниците паѓаат леки сончеви дамки меѓу лисјето. Уште е рано да почне да зрее гроздот. Тишина. Шумнува по некој лист. Некакво чувство буди лозјево, како да има душа.

– Не е лошо да го заградиш.

– Здравје боже.

– Што – здравје.

– Знаеш ти, Марко, какви лозја градам јас сега. Ајде нив да ги кроиме. – И почнува повлечено: – Лозје имаше Соломон во Валамон… Ќе подраниме во лозјата да видиме дали цути виновата лоза, дали заврзува грозјето… Драги мој, таму ќе ти ја дадам љубовта своја… Фатете ги лисиците, малите лисици што ги расипуваат лозјата, зашто нашите лозја цутат.

– Добро, знам, знам, – го прекинува Марко малку нетрпеливо и се свртува.

– Ех и ти, ми го нејќеш зборот. Да ми е сега Елена место тебе!

„Не ќе требаше да се распетлуваш“, посака да каже Марко, но нешто го задржа.

…поетски текст.

Неговиот другар е од скоро вљубен – му дојде тоа некако заедно со болеста. Првпат така силно и, како што се чинеше, првпат среќно. Тој користеше секој повод да му расправа на Марка за таа девојка „со душа како топол лебец“. Марко од своја страна си го задржа и по оваа новост односот што го имаше спрема него откако се знаат. Тој умееше да ужива во неговото расправање, и едновремено да му се подбива безобидно. Поради таа Елена го нарече Агамемнон. Беше тоа еден лек и немарен начин на надмошност, што и пријател му како самиот да го бараше: како од устата на друг човек да ги слуша своите сопствени внатрешни слатко-пакосни потфрлања.

Но од вчера вечер се измени нешто и го тера Марка да избегнува таков разговор. Ја запозна таа Елена на станица. Одвај да ја погледна – нешто мало на штикли што му пафташе оддесно со ракавот од мантилот дури брзаа да најдат место. Возот беше веќе преполнет и тие тројцата се сместија на кофери во ходникот. Ноќта се провлече спора и досадна. Вагонот неосветлен. Таа ја прими Марковата рака во темницата. После тој полека и долго и’ ја мазнеше ногата.

Марко го соѕираше одвај од другата страна темниот профил на Агамемнона. Тој седеше малку одделен од девојката и како да се силеше да остане буден, за да не ја докосне случајно во тресењето на возот. Погледнувајќи го понекогаш, Марко го преживуваше истото она чувство на безобидна потсмешливост со која ги примаше неговите вљубени фантазирања. Пак е Марко во улогата на благ изобличител во неговите занеси, сега само малку поопипливо ги разголува.

На некоја станица таа го замоли другар му да донесе вода. Сега му е на Марка одеднаш непријатно да си го спомнува тој момент, кога овој се исправи и тргна во ходникот, во полумракот на станицата. Во Скопје таа слезе и разговараше со другар му на перонот дури возот не тргна, а Марко ги гледаше од прозорец. Сега тоа му се чини како еден логичен крај кој нешто ублажува, малку смешен но и среќен.

Но и покрај тоа Марко чувствува тескоба, можеби повеќе дека се најде во ова јадно лозјенце. Најарно да не зборнат никогаш веќе за тоа. Барем сега да молчи човек, да замиже, да сети како растат низ него жилки од тревките, телото се дроби на грутчиња ровка земја. Марко замижува, но не може да се сроди со земјата. На три чекори од него лежи човек, му се испречил некако, и тој мора секој миг да зема однос спрема него. Напорно е тоа, а неизбежно: луѓето се пипаат со невидливи пипала. Затоа е толку слатка понекогаш самоста в поле.

„Треба да му се разлади малце вжештената глава, – помислува Марко. – Ќе му кажам. Но сега е уште рано“. Марко знае дека сега е најпаметно да го продолжи својот начин на сочувствена потсмешливост што е готова се’ да пречека и да разбере. Но нели придобива таа, по оваа мала случка, соленикав привкус? („Фатете ги малите лисици што ги расипуваат лозјата“).

А зошто, зар не би постапил секој како него и зар е најпосле сето тоа важно, кога е сигурно дека Марко го сака? Го докажал за себе тоа, и не само со оние ситни секидневни угодувања, кои се сепак така показателни, баш дека се разбирливи сами по себе да си ги правиш. Не само со нив.

Еднаш Марко, уште од скалите затрчан, се фрли во една тепаница во аулата, за да го одбрани него, и излезе раскрвавен. А овој беше го искористил моментот да се затскрие зад столб, да земе здив. Марко сега одеднаш се сетува како горко се погледаа, но му стана жал за него, наежен и стресен, во полумракот на аулата. После разбра дека заправо овој мирниов бил крив за таа тепаница.

„А сево ова сега е глупост, си мисли Марко, на која морам да се задржам баш дека го сакам, обична глупост, дојдена неусетно од оној начин на потсмешливост, од она чувство на надмошност, баш ако треба да се каже така“. – Точно – му одговара некој – само што тоа чувство ти требаше на самиот себе. Да не си мислеше дека му правиш некому доброчинство? Ти и сега чувствуваш не друго, ами потајно задоволство.

– Ој лозје, лозје, со бело грозје… – се протега, проѕевајќи се, оној таму.

Марко ги отвора очите. „Најарно да му кажам“, помислува. Одеднаш му е незгодно дека така широко се испружил, па си се чини самиот пораснат. Станува и се истресува од земјата. Другар му лежи настрана, бедрото му е поцрвенето како од мозолчиња, ретки влакненца му светкаат на сонце – убога растителност. Марко се свртува и гледа: разградено е лозјето, по меѓата расте млечка и ниска капина, малку погоре се накрева камењарот до подножјето на суриот рид, а над ридот одвај се мрежи бледната синевина на небото, во која секаква појарка мисла избледува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *