Кон „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова, („Роман на годината“ 2019)

Во жестока конкуренција составена од 38 наслови (една од најплодните романескни години во македонската книжевност во последнава деценија), Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ во петокот на конференција за новинарите го објави името на победникот. Куриозитетот вели дека Оливера Николова конечно го скрши мразот и за ПРВ пат во 21-годишната историја на наградата, по ВТОР пат ја доби престижната титула „Роман на годината“.

„Песот со тажен поглед“ го купив некаде пред Нова година, и нетрпеливо се нурнав во него токму за време на тој (по)опуштен, празничен период од годината. Пред да се впуштам во негова вивисексција, онака како што јас го доживеав, повторно навраќајќи се на неговата содржина токму деновиве, кога стана лауреат, накратко ќе се вратам во 90-те години од минатиот век, кога на телевизиските екрани почесто од денес го слушавме јавното мислење на граѓаните во однос на разни теми, секако, преку те-ве анкетите. Една од нив на која се’ уште добро се сеќавам (ми се чини дека беше емитувана на младинската емисија „Пулсирања“), имаше едноставно прашање упатено до случајните минувачи: „Која книга сте ја прочитале последна?“ Најчестиот одговор на анкетираните, кои беа на различни возрасти, беше „Зоки Поки“, искажано низ голема насмевка. На оваа легендарна детска книга во одговорите единствено и’ парираше „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (во сооднос 70% на 30%), и заклучокот кој самиот се наметнува е дека без Оливера Николова, многу наши сограѓани можеби и нема да имале ниту една прочитана книга во животот 😊 Овој резултат може да се анализира од многу аспекти и резултатите на крајот би биле поразителни, но, ако го оставиме тоа настрана, сериозниот заклучок вели дека она што Оливера Николова го остава зад себе како книжевно наследство е цела една вселена составена од дела за паметење, меѓу кои рамноправно ќе се вброи и нејзината последна книга, актуелниот лауреат „Песот со тажен поглед“, како сублимат на сето она што таа во последниве децении го пишуваше во нејзините романи за возрасни. Тогаш, навистина повеќе нема простор за никаков изговор за било кои анкетирани граѓани во иднина, бидејќи мораат да мрднат од „Зоки Поки“ и да ги прочитаат барем нејзините наградени романи, „Куклите на Росица“ (2004) и секако, „Песот…“.

Оливера Николова уште на стартот, во посветата на воведната страница, го открива изворот врз кој занаетски, во следните 170 страници, ќе ја извезе приказната во свој стил: „Искрена благодарност за д-р Џ. Џонстон Абрахам и за неговите инспиративни спомени. Оваа приказна произлезе од нивното ехо“. Мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ е само подлога врз која писателката не’ враќа еден век назад во воено Скопје, некаде близу железничката станица во центарот на градот, во пазувите на „крвавата“ Болница на Британскиот црвен крст, во чии „темни одаи“ ќе се случува сето она од што всушност најчесто е составен самиот живот – турбуленции на границата меѓу можната љубов и сеприсутната смрт.

Во првото поглавје од книгата авторката веднаш ја фрла јадицата за читателот – австрискиот раненик од Нишкиот фронт со воз и со еден куп други војници е префрлен во Скопје („ова беше очигледно најпогодната дестинација бргу да се ослободат од нас“), и во него уште при првата преврска се будат чувства кон Русинката, д-р Ира Павловна Зошченко, која однекаде му е позната, но поради разурнувачкото дејство на војната, сеќавањата кај него се измешани, а чувствата хаотични. „Таа е толку неженствена колку што ми одговараше мене таков, во овој момент премрзнат и гневен“, си мисли Алберт, кој чувствува постојан немир при секоја средба со неа, при секој поглед, присутност. А таа е полиглот, зборува четири-пет јазици, и е совршена за такво место во тој момент, затоа што докторскиот повик не познава граници, за неа не постојат пријатели или непријатели. Интересно, ова не е љубовна приказна помеѓу два доктора, два лика со ист статус, туку мудрата Николова развива платонска љубовна приказна меѓу докторка и „измеќар“, воен заробеник кој доаѓа од спротивната страна, и само поради тоа што болницата на црвениот крст не препознава непријателски страни, тој влегува во комбинација да биде еден од (анти)хероите во книгата, кои дејствието ќе го изнесат на своите плеќи до крајот од романот.

Во првото поглавје низ една кратка секвенца, главниот лик ќе не’ запознае и со загубениот пес Ал, чија присутност како сенка ќе се провлекува до крајот од романот, симболично означувајќи го отсуството како нешто далеку подлабоко и позначајно. Впрочем, низ целиот роман отсутниот, а присутен пес-скитник Ал ќе го запознаеме единствено преку приказните и реминисценциите на главниот лик, што како книжевна постапка делува прилично сугестивно и уверливо. Во тие сеќавања писателката ја создава и поетиката поврзана со насловот на книгата, успевајќи преку „тажниот поглед“ на најверниот пријател на човекот да ја потенцира сета изгубеност и ужас на човештвото во време на војна. Доколку се повикаме на Георги Господинов и на неговата „Физика на тагата“, но и трагајќи наназад во историјата на книжевноста, тагата е една од најподатливите теми за опишување на актуелната духовна состојба. Во случајов песот е тој чија тага е во фокусот на приказната, тага низ чија призма се прекршуваат сите страдања на човештвото. „Да не беше тоа чувство на откровение, не ќе погодев дека не се работи за страв, туку за тага. Дека тагата е нешто поголемо: дека стравот на песот не е страв. Дека неговиот страв е поинаков“. И така песот станал негова сенка. Човекот и неговата сенка.

Генерално, дејствието на романот се случува претежно во затворен простор, во рамките на болницата сместена во поранешниот тутунски склад од 300 квадратни метри, на три ката, без вода и санитарен дел. Сиромаштијата е толкава што луѓето едвај чекале некој од војниците да умре, и онака ќе биде поклопен во дупка со вар, па затоа неретко ги ограбувале лешевите, земајќи им ги поткошулите, чизмите и останатите парчиња облека на кутрите мртовци. Покрај ваквите описи на суровата реалност, она што постојано го води дејствието на романот напред, во непознатото, е љубовната приказна која е базирана врз, на многу места и во многу случаи, наивно флертување помеѓу докторката и австрискиот реконвалесцент, иако машкиот лик во меѓувреме раскажува за неговите љубовно/швалерски искуства во родната Австрија или во соседната Унгарија со многу искуствени заводнички епизоди зад себе, па дури и за животното соперништво со Ференц, спореден лик во романот со кој во родниот крај делеле иста жена и исти љубовници. Но, сепак се работи за специфична ситуација, војна, светска војна, по чии искуства сето претходно спознание на љубовта како да се брише од човечката меморија, и секое нејзино повторно повикување како да го втурнува главниот лик кон нов почеток, кон онаа исконска, невина, чистата емоција, како во далечните младешки  денови. Можеби затоа д-р Ира при прошетката во скопската чаршија од сите изложени нешта ќе му подари шупелка, ненамерно правејќи шега од гестот, бидејќи доколку народниот инструмент се стави во знак наводници „“, тогаш се добива сосема друго значење 😊

Една од неверојатните коинциденции која го прави овој роман тематски прилично актуелен е ситуацијата која сите ние деновиве под принуда ја „живееме“ со Корона вирусот. Имено, романот на Николова изобилува со историски факти поврзани со Првата светска војна, меѓу кои е и оној дека во 1915 година се појавила голема епидемија на тифус која од Ниш и Митровица се ширела кон југот како меѓу војниците, така и меѓу цивилното население.  Вошките, спиралните бактерии, скарлатините биле болничко секојдневие, но тифусот бил оној кој ќе покоси најголем дел од населението на овие простори пред се’ поради неговата подмолност. Тоа е  болест која бргу се шири, затоа што се потребни 12-14 денови за да се открие дека инфицираниот е носител, бидејќи во меѓувреме истиот не покажува никакви симптоми. Звучи познато, нели.

Можеби најзначајната работа во романот е контекстуализирањето на целата приказна и суптилното провелкување на македонските елементи во неа, иако главните ликови се странци, дојденци. Николова тоа го прави на маестрален начин, од поглавје во поглавје вградувајќи го во текстуалното ткиво македонскиот идентитет, вешто создавајќи автентична слика на животот на овие простори во втората деценија од 20 век, кога Скопје бил крстопатот на кој се случила првата голема војна од светски размери. Овој момент се случува некаде кон крајот од првата третина од приказната, кога главниот лик почнува да работи во болничката кујна, каде шеф-готвач е нашиот човек Ацо. Од тој момент, поради далеку порелаксираната атмосфера, кај австрискиот војник и сонот се враќа во игра, соништа во кои можеш да се почувствуваш како човек, а не како изгубено животно на боиштето.

Низ ликот на куциот Ацо и неговите јасни ставови во однос на случувањата на Балканот, писателката јасно ја изложува македонската судбина, во која поддржувачите од западот едвај чекаат шанса да здувнат одовде и да не’ остават на цедило доколку загусти, а тоа, знаеме,  секогаш завршувало фатално. Политичката состојба во регионот, освен преку македонскиот лик, е одлично претставена и преку дискусиите на англиските доктори, кои запознаени со случувањата, на крајот никако не можат да сфатат зошто со векови на овие простори се случува малтене истата приказна, нашиот народ да служи само како топовско месо на фронтот. Јане Сандански, Алберт Сониксен, Мис Стон се дел од историските имиња кои провејуваат низ приказната како доказ дека Николова одлично ја познава историјата, навраќајќи не’ и на некои подзаборавени моменти, како важноста на Солун во предвечерјето на Првата светска војна, или пак на Кумановската битка од 1912 година, во која Турците биле поразени и Македонија влегла под српско владение, кое ќе се официјализира на 01 јануари 1915 година.

Освен неизбежната политичка контекстуализација, писателката во романот супериорно го опишува и градот во тој период и животот на цивилите во него. Почнувајќи од описот на просторот зад железничката станица погледнат од болничкиот прозорец: „ридови што се составуваат еден со друг во импозантен синџир, сиви и моќни, во тмурно, молчаливо достоинство“, преку топлите ѓевреци, тутунот, ѓувечот без месо и печената тиква слатка како мед, па се’ до црквата Свети Димитрија, бавчите покрај Серава, лалан-маало и главниот пазар, романот не’ навраќа во не баш сјајни времиња за Скопје, но сепак суштински за неговото понатамошно опстојување. Погледнат со очите на  Другиот (странецот), еден од ликовите во еден момент вели: „Скопје некогаш било едно од големите места за средба меѓу истокот и западот. Овде доаѓале трговци од Дубровник, нивните каравани од двесте или триста коњи придружувани од Власи, со свили и сатен од Венеција“. Како контрапункт, пак, малку подоцна во истото поглавје наидуваме на опис на македонска градска куќа од тоа време: „Седнавме на понудените триножници во собичка со низок таван, земјен под делумно покриен со рогозина и во аголот – огниште во кое црцореа вкрстено неколку суровици. Покрај рогозината – дебели перници, најверојатно полнети со слама, врз кои, повисоко на ѕидот, беа приковани тесни полички со наредени дуњи. Очигледно, собичка за пречекување гости“. Прекрасно!

И конечно, завршницата на романот, веројатно и најважниот дел од целиот мозаик. Многумина писатели велат дека најважни во еден роман се првата реченица, или првиот пасус, и секако, крајот на приказната. Во случајов Николова, која истата вешто ја развила до крајни граници, не оставајќи ниту еден лик гол и бос да талка по страниците од книгата, во манир на Бернхард Шлинк, сторијата ја заокружува со многу важната тема за старателството во воени времиња, период кога се’ е изместено, а на крајот е важна само среќата на детето, без разлика кој ќе се грижи за него. Широка тема за опсервација која финишира со последното, кратко поглавје од половина страница, во кое низ една секвенца од животот на малата Полина, која со Алберт учи да говори различни јазици, го осознава шаренилото и убавината на светот по завршувањето на светската војна… за жал, пред да дојде онаа следната, затоа што „човекот е среќен само кога е во војна“, како што сурово наведува еден од ликовите во романот. Да, тоа е Ацо, нашиот човек, со чија мудрост може и да заврши овој осврт кон одличниот роман на Николова:

„Си гледал како врне дожд? Си гледал како снежи? Небаре небото сее низ некое сито. Неговото небесно сито. Е па така и ние луѓето сме како некои сита… сееме, пресејуваме, јас во тебе, ти во мене… се’ минува низ тебе што е мое, и низ мене што е твое. Мојот живот, твојот живот… има ли меѓу нив реска граница?“

One thought on “Кон „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова, („Роман на годината“ 2019)

  1. Драгица Младеновска

    Ако барате коментар за овој напис можам да кажам дека ми се допаѓа затоа што на овој начин му помагате на читателот во изборот на книгите и за подобро разбирање на пораката.
    Што се однесува до книгата на Николова, по моето скромно мислење на обичен читател без некоја посебна едукација за книжевноста, книгата ме одушеви, како со познатиот стил на Николова така и со содржината.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *