Кон „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова

По светската премиера на ценетиот филмски фестивал во Каиро во ноември, деновиве „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, по премиерата во „Фросина“ во МКЦ, може да го види и домашната публика на репертоарот во домашните кино храмови. Имајќи ја предвид информацијата дека филмот на А-фестивалот во Египет предизвикал одлична заинтересираност, но дека истата дошла претежно од колегите, бидејќи билети за фестивалската публика не биле пуштени во слободна продажба, скокоткаше љубопитноста за што тоа „се фатиле“ египетските „цензори“ во дебитантското остварување на македонската авторка. Пред премиерата на филмот на домашно тло можевме да прочитаме уште два куриозитета поврзани со него: Венинова нагласува дека, почнувајќи од идеја до крајна реализација, на него работела десет години, што е прилично долг период, за потоа да  снима за време на ковид-пандемијата во исклучителни услови на претпазливост, што исто така претставува еден вид ексклузивитет поврзан со филмот.

Она што ми се допадна во филмот на Венинова е што кокетира со фотографската уметност и нејзината терминологија, детерминирана од еден од главните ликови, оној на Ана, која и се занимава со фотографија. Црно-белата комбинација како животна филозофија со која на светот генерално гледаме низ таква призма е доминантна, сепак, со мали дози на шприцнати бои од останатиот спектар како доказ дека за да стигнеме до некаква оаза и простор каде треба да се чувствуваме убаво како човечки суштества, треба да поминеме низ многу сиви зони низ кои се обидуваме да опстанеме. Филмот е поделен во поглавја чие значење го опишува емоционалната состојба низ која поминуваат трите лика, одвреме-навреме надополнети со некој спореден, како украс, и речиси небитен за самото дејство. Со овој концепт Венинова влегла во зоната на книжевното, и умешно не’ води од едно во друго поглавје, од една во друга состојба, во кои случувањата постепено градираат до точка на експлозија.

 „Проксемика“ како прочучување на човековата употреба на просторот при комуникацијата е воведното поглавје во кое навидум се’ е во ред. Брачната двојка Ана и Филип во своето гнездо крај Охридското езеро се занимава со она што е нивна ултимативна страст: фотографијата и психологијата. Сината боја на езерската шир внесува мир, но кога ќе се помеша со црвената боја во комората за развивање на фотографиите, ја најавува виолетовата во ликот на тинејџерката Маја, која со себе ќе го донесе немирот во просторот, оној простор кој сакаме да го имаме помеѓу нас и луѓето што не’ опкружуваат. Следно во игра влегува и времето, затоа „Хронемика“ е насловот со кој дејството во филмот продолжува на следното ниво, но во ретро стил. Начинот на којшто го перцепираме, структуираме и реагираме на времето совршено е објаснет преку концептот на „стара фоторафија“ која датира пред 13 години, и која триото се обидува повторно да ја „преслика“ на истото место, на карпата во езерото, но очигледно со различна емотивна позадина. Хаптичката комуникација, пак, е гранка на невербална комуникација која се однесува на начините на кои луѓето и животните комуницираат преку сетилото за допир. Допирот е најсофистицираното и најинтимното од петте сетила. Токму затоа во овој дел имаме два битни момента во приказната: сексот, и фактот дека тинејџерката е сепак возрасна, таа  само што наполни 18 години. „Ова ти е само фаза, ќе ти помине“, и’ вели трезвено Ана на Маја, со што терапевтски влегуваме во четвртото поглавје насловено „Кинезика“, по кое следи крешендото во „Вокалистика“, во кое главните ликови, а со нив и публиката, се соочуваат со сите стравови и трауми на современиот човек. На крајот доаѓаме до „Ефектот на Сабатје“ (од каде доаѓа и терминот на насловот на филмот), познат и како псевдосоларизација, феномен во фотографијата во кој сликата снимена на негатив или на фотографски отпечаток е целосно или делумно обратна во тонот: темните области се светли, а  светлите се  темни.

За да го покаже својот авторски афинитет кон филмската уметност, Венинова од премините од поглавје во поглавје создава мали визуелни ремек-дела во кои доминираат крупни кадри од цвеќиња, прскалка во дворот, жаби, инсекти, и сето она што го опкружува човековото секојдневие, надополнети со музиката на британската композиторка Линдзи Рајт. Во тие детаљи како да се напластени сите неискажани работи меѓу интелигентните протагонисти, како да ја чуваат тајната на недореченото, на она неискажливото. Затоа и англиската варијанта на насловот на филмот е „Things unsaid“. Сето ова не’ води кон крајното сознание, дека најстрашното е да се престане да се сака. Или, уште пострашно, да се спознаеме онакви какви навистина сме. Ваквата филозофска поставеност на нештата, но и генерално, целата атмосфера во филмот, многу потсетуваат на француските арт-филмови од минатото на автори како Годар, Шаброл, Мал и останатите мајстори на „Новиот бран“, чии промислувања за човековата егзистенција се релевантни и ден-денес, што не’ води до заклучокот дека во еден филм не мора да имаме којзнае каква „спектакуларна“ тема за обработка, доколку знаеме добро да го „извозиме“ и она што е пред нас како материјал. Впрочем, меѓучовечките односи отсекогаш биле, и ќе бидат валидна тема за медитација во било која уметност, особено и ако ти се погодат актерите во него: Камка Тоциновски е брилијантна, Благој Веселинов воздржан, а Сара Климоска таман.

Во секој случај „Преекспонирано“, како што нагласија и одредени медиуми по неговата светска премиера, е јасен доказ дека Венинова како филмска авторка инклинира кон разголување на сложените човечки односи, покажувајќи дека нејзиниот филмски сензибилитет се приклонува кон психолошката драма, со талент и добар нос за пасивно-агресивната драматургија. Тоа е добар пат кој понатаму умно треба да се изоди, особено во мала кинематографија како нашата, која не секогаш е расположена за вакви „мали“ филмови со „француски“ шмек.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *