Кон романот „Мина“

пишува: Благородна Димовска-Буџаковска

Како што Анѓелков го парафразира Умберто Еко на самиот почеток, дека секоја книга е шума низ која читателот тргнува по различни патеки, пристапни и непристапни, изодени или полни со грмушки, за да излезе од неа како сосема нов човек, така и јас тргнав по својата патека, за на крајот стигнам до една ширина. Да стигнам до моето детство и да ја пронајдам сопствената Мина, да си се потсетам на моето детство и мирисите на спомените кои со текот на времето ми се изгубиле.

Која е Мина во овој роман? Детството, минатото, баба, жена која цврсто стои како камен темелник, Фрида Кало, нишката која го поврзува минатото со сегашноста. Кои сме биле, како сме израснале, какви сме сега и какви ќе бидеме во иднина и како луѓе, и како општество.

Оваа книга не е класична семејна драма, ликот на Мина – бабата, сестра близначка на дедото која никогаш не се омажила – авторот ја користи како лајт мотив за да го прикаже своето растење, созревање, станување маж, а и писател.

Нејзината присутност во неговиот живот е мошне значајна, па оттаму и идејата да се овековечи нејзиниот лик, бидејќи запишаното е бесмртност. Животот на Мина и не е толку „спектакуларен”, повеќе е мост на едно време во ова сега. Преку нејзинот лик ја дознаваме улогата на жената во минатото , под дефолт домаќинка, надарена за рачни изработки и готвачка. Нејзиниот лик и дело како паметник на еден минат век, но и како зреење и созревање на едно дете.

Во овој роман Анѓелков посебно ме воодушеви со самата структура на пишаното. Од една страна пишува за животот на баба му, од друга ни се разголува до срж преку своите гласни размисли како се гради и пишува, како се создава една литературна творба, не штедејќи се, интимно изложувајќи се. Притоа воопшто не срамејќи се да ни ги цитира сите оние книжевни величини кои му се пример или патоказ на својот пат при пишувањето. Па така овде ќе ги сретнете Умберто Еко, Миљенко Јерговиќ, Пол Остер, Димитар Солев…

Книгава треба да се чита полека за да и’ се сфати суштината, пак ќе речам, ова не е праволиниска семејна драма. Има многу слоеви, има многу навидум неспојливи идеи кои самиот автор одлично ги сублимирал и ни подарил едно вредно четиво кое не се чита само еднаш, туку бара повторно навраќање.

И претходно имам кажано, кај Игор ме плени неговата скромност при раскажувањето, неговата ненаметлива интелигенција, тивката умешност да не’ внесе како читател во она што сака да ни го каже, при тоа не вриштејќи „види колку знам”, туку читај и навистина види. Се надевам дека мојата патека во шумата на овој роман успешно ја изодев, можеби на Игор била друга некоја, но не е важно тоа, во истата шума сме, се надевам.

И за крај, побарајте ја својата Мина, побарајте го детето во себе и тргнете по патот од почетокот на своето детство, па стигнете до тоа вие да бидете Мина за некого. Игор, до следното читање, јас мојата Мина ја знам, сега ќе се потрудам да бидам нечија Мина.

(ФБ статус, 12.05.2023)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *