Кон „Сите го викаат Реџо“ на Ибер Деари

На почетокот од годината премиерно се прикажа дебитантското долгометражно остварување на режисерот Ибер Деари насловено „Сите го викаат Реџо“. Во соработка со ко-сценаристот Артин Селмани, авторите успеале да снимат филм кој совршено кореспондира со публиката, вовлекувајќи ја длабоко во приказната облагородена со реалноста што секојдневно ја живееме. „Никој не го напушта домот, освен ако тој не е устата на ајкулата“ е влезниот цитат на Warsan Shire на почетокот од ова двочасовно патување, цитат кој ги поставува темелите на филмското сиже кое се движи од семејна драма до црна комедија.

Во околината на Куманово постои еден човек Реџо кој сите го бараат за работа. Toj е човек со добро срце кој пожртвувано се грижи за семејството, скромен е, најчесто руча леб со црна сол и го пие своето пиво што го заработил на чесен начин. Додека патува од едно до друго село со својот автомобил, од една до друга наемна работа, не’ следи изворната американска музика од 50-те и 60-те години на минатиот век, а „американскиот шмек“ се провлекува и во дизајнот на буквите на филмските поглавја, кои наликуваат на оние од „Евтини приказни“ на Тарантино. Меѓутоа, вестите што ги слуша не се добри. Иако политичарите ги повикуваат да останат, или да се вратат дома, ветувајќи „брда и долини“, младите масовно се исселуваат создавајќи недостаток од работници. Дали е тоа шансата што долго ја чекаше, помислува Реџо за момент!? Работата се усложнува кога филмскиот херој почнува да го притиска локалниот мафијаш Мифтар, кој сака да дојде до брза заработувачка на грбот на „наивните“.

Се чини доколку филмот би траел помалку од два и кусур часа, со забрзување на внатрешниот монтажен ритам, би бил подинамичен за гледање. Претпоставувам дека тоа се должи на давањето простор за развој на ликовите и самото дејствие, кое функционира паралелно на неколку нивоа. Главната приказна се семејните односи во кои Реџо, како глава на семејството, треба да обезбеди благосостојба, во која желбите се зголемуваат откако синот ќе пројави желба за прв пат во летото што следи да одат на море. Тука е и љубоморната сопруга која не му верува до крај на мажот, особено откако ќе дознае дека му се појавила непозната жена во автомобилот. Но Реџо е срдечен човек кој знае да изгради пријателство дури и со нестабилни ликови како Џанер, кој постојано му додева. Односот со негативците во опкружувањето, пак, само додава „оган“ на филмското дејствие, кое ќе кулминира во локалната крчма, каде ќе се разрешат сите дилеми.

Ибер Деари и филмската екипа реализирале симпатичен филм кој отворено го прикажува животот на локалната заедница обременета со предизвиците на животот. „Малите нешта“ ја сочинуваат „големата слика“, а публиката низ детали ги следи ситуациите во кои секој од нас се нашол барем еднаш во животот – од кревањето на автомобилот од „пајакот“ заради непуштање на смс порака, до доцнењето на роденденот на сопственото дете поради презафатеност. Актерската екипа составена од Африм Мучај, Адријана Матоши, Ледион Мулаку, Адем Карага, Бујар Ахмети… е на ниво на задачата, снимателот Дарио Секуловски се обидува да го разигра дејствието со креативно кадрирање на секоја следна сцена, а музиката на Новоградска ненаметливо го поддржува она што го следиме на платното.

Минатиот месец (септември), „Сите го викаат Реџо“ на филмскиот фестивал „PerspecTIFF“ во Тирана ја доби наградата за „Најдобар дебитантски филм“. Жирито одлуката ја образложи на следниот начин:  

„Во уметноста на филмското творештво, режисерот мајсторски ги обединува креаторите и гледачите, водејќи актерски ансамбл што создава живописни ликови, надополнети со софистициран мизансцен. Во сложениот жанр на комедијата, неговиот остар режисерски увид открива суптилни длабочини низ хуморот на секојдневниот живот. Преку жива духовитост, тој ја доловува суштината на едно младо албанско семејство во Северна Македонија, осветлувајќи ги универзалните предизвици што резонираат преку границите, културите и времето. Неговото смело деби ја трансформира комедијата во длабоко човечка драма, прикажувајќи нијансирана, професионална визија со извонредни финеси“.