Нова кариера во нов град

Деновиве од печат излезе графичкиот роман „Лоу“ од Рајнхард Клајст на македонски јазик, во издание на „Бункер“. По објавувањето на „Стармен“, кој го покрива Зиги Стардаст периодот на Дејвид Боуви, овој пат германскиот стрип уметник ни ги доближува берлинските патешествија на музичарот, кога настана неговата култна албумска трилогија од 70-те години. Во меѓувреме, во јуни, Клајст не’ посети во Скопје, во рамките на „Стрип трип“ фестивалот, и благодарение на неговите препораки, беше главниот „виновник“ што мојата прва посета на Берлин во јули беше обоена со неговите препораки, како долгогодишен жител на германската метропола.

Поканата повторно да го напишам предговорот и за овој стрип албум навистина ми годеше, а во текстот доминира персонализираната приказна на сето претходно споменато. Насловот, се разбира, е истоимената тема од албумот „Low“ од 1977 година. Во продолжение следи комплетниот текст, како вовед во „Лоу“ 😉

Главна ѕвезда на третото издание на „Стрип Трип“ фестивалот во Скопје ќе биде германскиот стрип-мајстор Рајнхард Клајст“.

Се израдував на веста и со нетрпение дочекав да дојде јуни. Ги земав албумите чиј автор е тој, и правец – МКЦ. Во една опуштена атмосфера на платото, Владимир ме запознава со момакот кој, види, носи качкет како и јас, криејќи ја ќелавоста под надоаѓачкото скопско сонце. Му велам дека ми беше чест да го напишам предговорот за првиот албум за Боуви, „Стармен“, на што тој благо се насмеа и ми направи прекрасна посвета цртајќи го Зиги со црвена коса, со показалецот насочен кон ѕвездите. Потоа направивме муабет и за Ник Кејв, во чие хрватско издание го нацрта дарк-фраерот со цигарче и црна роза од која тече крв, навестувајќи му дека во август ќе гостува и во нашиот град. „Боуви или Кејв?“, го прашав. „Тежок избор“, рече, „но го бирам Боуви поради годините на созревање, кога многу влијаеше врз мене“.

А кога сме веќе кај градовите, не пропуштив да му споменам дека следниот месец (јули) за прв пат во мојот живот ќе го посетам „неговиот град“ во последниве три децении – Берлин, прашувајќи го што не смеам да пропуштам. Се разбира, очекував Клајст да ми направи мал „хајлајт“ на местата каде токму Боуви ги поминал тие пар години во Берлин снимајќи ги легендарните албуми, живеејќи го својот живот и пронаоѓајќи се повторно себе. Но, Германците секогаш знаат да изненадат. Клучните точки што ми ги препорача Рајнхард се прекрасната скулптура на Нефертити во „Новиот музеј“, како и симпатичниот Потсдам дваесетина километри надвор од градот. „Кога си во Берлин, мораш да тркнеш и до Потсдам, прекрасен е“, беше категоричен приземниот и многу пријатниот Клајст. „А да, и Јоко Оно има изложба“, се сети. Кога виде дека правам незадоволна гримаса со лицето, додаде: „Можеш да одиш, таа овој пат не пее“. Се изнасмеавме!

На крајот Вац не’ сликаше за спомен, a подоцна новостекнатиот пријател ми пиша дека е малку „пресериозно испаднат на фотката“, што е вистина. Но, деталите кои се совпаѓаат: бермуди-бермуди, кошула-кошула, очила-очила (додуша, тој за автограмите, јас за сонцето), го чинат комплетниот впечаток, кој е и повеќе од задоволителен. Затоа се израдував на повторната покана да се задржи континуитетот пишувајќи го предговорот и за овој негов стрип-албум посветен на човекот што го сакаме, овој пат со еден голем плус – автентичното берлинско искуство зад мене.

Шетам низ берлинските улици и уживам. Берлин е град создаден по мерка на човекот. Се’ е во движење, но чиниш како никој никаде да не брза. Еден пријател кој последниве години го живее градот со полна пареа ми кажа дека Берлин е најубав во лето, бидејќи сите се насмеани поради сонцето. И навистина е така.

Приказната сакаше, без некаква намера, да изберам хотел кој се наоѓа на улицата во која се самоубил Хитлер. Бункерот како атракција е суптилно промовиран меѓу туристите, со користење на тип на букви од Наци-времето. Се израдував кога сфатив дека во непосредна близина се наоѓа и студиото „Ханза“. На Хиќо му покажав среден прст и се упатив кон Потсдамер плац. Најпрво поминувам пред театарот во кој секој февруари се одржува „Берлиналето“, а потоа, преку едно паркче, се упатувам кон адресата која на „google maps“ ми покажува дека се наоѓа легендарното студио. Од фотографиите и документарецот кој го гледав, очекував осамена зграда наспроти ѕидот, но поминаа триесет и кусур години откако тој падна, а населбата во меѓувреме си добила сосема нов лик. Затоа и се шуткав околу зградите петнаесетина минути, не можејќи да ја најдам вистинската во која е сместено „Ханза“. На крајот го прашав келнерот од симпатичниот локал, единствен во околината, и тој ми покажа дека тоа е во зградата до нас.

Се разбира, студиото беше затворено бидејќи веќе беше поминато 20 часот, но и онака прочитав дека не се дозволени индивидуални посети, со исклучок на групни, кои однапред мора да се најават на одреден број на телефон. Пресложено за мене. Јас едноставно бев задоволен што се наоѓав пред зградата во која Дејвид Боуви и Иги Поп ги снимија, според многумина, нивните најдобри албуми во богатите кариери, и тој момент заслужуваше пар фотографии за вјек и вјеков. По нивната авантура во 70-те, во студиото крај ѕидот дојдоа да снимаат еден куп познати бендови, како Depeche mode и U2, но со неговиот пад, тоа го загуби своето значење. Сепак, во двеилјадитите повторно почна да функционира, и од куриозитетите, да споменеме дека таму REM го снимија својот последен албум.

Фото сесијата заврши, и пред вратата на студиото му приоѓам на малиот трансформатор за струја, на кој со фломастер некој фан напишал „Ziggy Skye“ (и до него една црна ѕвезда-петокрака), а малку подесно „We can be heroes“ (со мало, црно срценце на крајот). Човек треба да ужива во малите нешта. За мене ова беше сосема доволно. За еден ден.

По враќањето дома, му пратив неколку фотки на Рајнхард, заблагодарувајќи му се за препораките, а тој напиша: „Perfect! You had the full Berlin/Potsdam experience!“ „Ханза“ мудро ја премолчев, но затоа ја експлоатирам во овој предговор, со кој сакам да му се заблагодарам на германскиот стрип автор за неговиот ангажман животот и делото на Дејвид Боуви да ни го приближи и преку деветтата уметност. „Лоу“ е уште еден мајсторски албум во кој уживаме во палавштините на Боуви и Иги Поп, како негов немезис, кои не случајно го бираат Берлин за повторно реоткривање на себеси, по забегувањето со дрогите во „Ла-Ла-Ленд“. „Берлинската трилогија“ составена од „Low“, „Heroes“ и „Lodger“ се моите три омилени албуми од Боуви, како и „Idiot“ и „Lust for life“ од Иги.

Би можел уште многу да пишувам за сета возбуда која ја доживеав откако го прочитав „Лоу“, бидејќи Берлин е неверојатно инспиративен град почнувајќи од филмскиот експресионизам и кабареата пред еден век, па се’ до експерименталната и електронската музичка сцена од 70-те, но чувствувам дека е подобро да Ве оставам сами да откриете еден куп референци што ги содржи стрипот, надополнети со приказните за тоа како настанале одредени песни инспирирани од градот поделен на две. Ѕидовите постојат за да бидат урнати, нели. Уживајте 😉