Мојот филм е и твој филм

Креативноста и отвореноста што ја овозможуваат новите технологии и медиуми од ден на ден оди се’ подалеку, и затоа последниве години се’ почести се полемиките на тема како сето тоа влијае врз филмот, од оној класичниот па се’ до новиот израз овозможен од современите технологии. Меѓу старите филмски волци се’ уште има автори кои воопшто не сакаат да го помирисаат новото време и кои своите дела се’ уште ги снимаат на „старомоден начин“. Златната средина им припаѓа на оние кои ги користат современите технолошки придобивки, но пристапот кон процесот на снимање на филмовите е оној од „старата школа“, додека последниве генерации со отворено срце ги гушнаа новите средства за реализација на филмските остварувања, и неретко гледаме прилично квалитетни филмови, кои понекогаш се снимени само со мала дигитална камера, и кои многу поефектно ја постигнуваат саканата цел од оние на кои се потрошено брдо пари. Лани, на пример, Скопскиот филмски фестивал како новина воведе конкурс на кој можеше да се ушествува со едноминутен филм на одредена тема изработен на мобилен телефон.

Минатиот месец, пак, се случи премиерата на британскиот филм „Колеблив“ (Faintheart) кој е снимен на класичен начин и претставува гледлива комедија за еден човек кој преку викендот сака да живее во минатото, во времето на викиншките херојски борби. Но она што е многу поинтересно кај овој филм е тоа што е креиран он-лајн. Режисерот Вито Роко гордо нагласува дека тоа е „првиот игран филм во светот реализиран од страна на корисниците“, дополнувајќи дека „луѓето од дома можеле активно да учествуваат во процесот на негово создавање“.

Интеракцијата преку Интернет се реализирала на различни начини преку социјалната мрежа „myspace“, кадешто се одвивала и аудиција за влез на натуршчици во одредени масовни сцени од филмот, а се постирале и водеодневници за текот на подготовките за снимањето. Сценариото било аплоудирано и пристапно до сите, а работата на режисерот се насочувала со отворена панел-дискусија која ја водела актерката Сиена Милер. Главните ролји ги толкуваат Еди Маршан и Џесика Хајнс, кои велат дека ова за нив било автентично филмско искуство, бидејќи од ден на ден нивните ликови добивале сосема нови димензии и бои, благодарение на различните предлози од страна на Интернет-корисниците од целиот свет.

Можеби ваквиот начин на правење филмови претставува вистинска иднина во која многумина ќе се пронајдат, но судејќи според „Колеблив“, стартот и не е баш сјаен, бидејќи и покрај тоа што корисниците имале можност да ја сменат приказната на подобро, на крајот филмот испадна предвидлив и здодевен, што укажува на тоа дека во светот владее прилично лош вкус. Можеби мрежата треба посериозно да се искористи за поткревање на критериумот на медиокритетите? Којзнае!?

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 3 март 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *