Краков е навистина импресивен град, и со право годишно е посетен од милиони туристи. Покрај атракциите како замокот Вавел, фабриката на Оскар Шиндлер и музејот „Чарториски“, градот е дом на осумдесетина книжарници каде со пријателите можете да испиете кафе, а во понудата да ги најдете своите омилени автори. Литературната репутација на овој полски град беше зацементирана во 2013 година, кога УНЕСКО го прогласи за „Град на литературата“, прв во континентална Европа, и само втор не-англиски град кој ја доби таа чест.
Шетајќи низ широкиот плоштад во срцето на Краков, не можете да ја промашите најстарата европска книжарница која се’ уште фигурира на истата адреса, Rynek Glowny 23. Таблата на влезот ни соопштува неверојатен факт, дека од почетокот на 17 век до денешен ден таа имала само четири сопственици. Токму затоа и славниот Карлос Фуентес во една прилика ја нарече „Катедрала на книгата“.
Историјата на најстарата европска книжарница датира од 1610 година, кога граѓанинот на Келн Франц Јакоб Мерценич се преселува во Краков и своите трговски афинитети ги реализира отворајќи ја првата книжарница на Стариот континент. По неговата смрт, во дуќанот во следните два века се продаваат различни нешта, за во 1875 година повторно да биде отворена книжарницата која функционира и ден-денес, со менување на сопствениците во 1998 и 2017 година. Затоа, поради двестегодишната пауза, титулата за најдолготрајна книжарница во Европа со право е доделена на лисабонската „Livraria Bertrand bookshop“, која непрестано функционира од 1732 година, но тоа не го менува фактот дека оваа на Rynek glowny 23 е првата воопшто отворена на Стариот континент.
Просторот внатре е фасцинантен. Тој не е многу широк, но е прилично долг, и ве води низ пасажот од едниот до другиот крај на зградата. Качувајќи се на мали скалички на неколку места, цело време опколени со книги на полиците од левата и десната страна, на крајот стигнувате до просторијата во која на една полица фигурираат и Лонг плејките, кои во последниве години на голема врата се вратија меѓу аудиофилите.
Над полиците во централниот дел се нацртани ликовите на славните полски писатели од минатото, меѓу кои фигурираат и оние на Јозеф Конрад, Славомир Мрожек, Чеслав Милош… надополнети со по една нивна мисла.
Секако, почесно место меѓу нив зазема Нобеловката Вислава Шимборска, која иако е родена во мало место крај Позњан, таа целиот живот го поминува токму во Краков. Низ книжарницата, на неколку видни места, истакнати се нејзините книги на полски јазик, но и оние во превод. Во 1996 година и’ беше доделена Нобеловата награда за литература „за поезијата која со иронична прецизност дозволува историскиот и биолошкиот контекст да излезе на виделина во фрагменти од човековата реалност“.
Ја рзагледувам актуелната понуда на книги на полски и на другите јазици, и откако ми се наполни душата, време беше да го напуштам просторот, бидејќи Краков нуди уште многу интересни дестинации.
Застанувам уште неколку моменти пред излогот, и забележувам дека таму фигурира преводот на полски јазик на новиот роман на британскиот писател Јан МекЈуен, а под него едно фенси грамофонче кое ја надополнува сликата и го одзема здивот. Прекрасен завршеток на посетата на најстарата европска книжарница, онаа на „Rynek glowny 23“ во Краков 😉