„Нешто трето“ од Максим Ристески

Деновиве од печат излезе збирката раскази „Нешто трето“ од Максим Ристески, во издание на ИЛИ-ИЛИ. За љубителите на расказот како книжевна форма, ова е одлична можност да уживаат во раскажувачкото мајсторство на Ристески, кој во единаесетте раскази, на луциден начин, низ игра и хумор, го сместил сето наше современие во кое живееме, суверено градејќи ги ликовите кои потоа уште долго остануваат во сеќавањата на читателите.

„Расказите на Максим Ристески кријат комплексни светови и длабоки пораки за промените кои се случуваат во духовната стварност, а кои без сомнение ќе бидат предизвикувачки за македонската читателска јавност. Обликувани во јасен, богат и сликовит израз, со обмислени и динамични реченици и внимателно селектиран избор на зборови, расказите од оваа збирка на Ристески се потврда за стилската особеност и дарба на овој раскажувач, кој допрва треба да биде вистински препознаен од критиката и публиката“, вели Ана Мартиноска во освртот кон збирката раскази.

Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, и како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист… Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Нешто трето“ му е прва збирка раскази, по романот „Пештера“ (ИЛИ-ИЛИ, 2022).