Над вашите градови трева ќе расте, Анселм Кифер

Доколку сте љубители на современата уметност, тогаш сигурно сте се соочиле со делото на Анселм Кифер. Германскиот сликар и скулптор фигурира високо на листата на највозбудливи современи уметници во последниве неколку декади. Пред две години неговиот сонародник, режисерот Вим Вендерс, му направи прекрасна посвета со документарниот филм едноставно насловен „Анселм“, со поднаслов „Шумолењето на времето“. Меѓутоа, тоа не е прва филмска посвета на работата на германскиот виртуоз. Во 2010 година режисерката Софи Фајнс го посети неговото ателје во јужна Франција и го реализираше феноменалниот „Над вашите градови трева ќе расте“, кој одамна е дел од домашната ДВД колекција. Во меѓувреме, почитуваната Кица Колбе во својот најнов роман „Простување“, кој најтопло го препорачувам, значењето на неговата уметност мајсторски го испреплетува со дејствието на приказната во книгата, што претставуваше уште една силна провокација на која не можев да и’ одолеам. Така сите патишта не водеа кон Рим, туку кон овој текст, во кој низ филмскa визура, носител на главната улога е неверојатниот Анселм Кифер.  

Семејната посета на Париз во 2012 година ја искористивме за уживање во безбројните музејски поставки во Градот на светлината. За жал, не наидовме на актуелна изложба на Кифер во некој од градските музеи, но затоа сопругата, која ја подготвуваше магистратурата посветена на филмската документаристика, го купи ДВД-то со споменатиот филм на Софи Фајнс, кој две години пред тоа на специјална проекција премиерно беше прикажан на престижниот филмски фестивал во Кан.

Софи Фајнс доаѓа од познато уметничко семејство, а нејзините браќа и сестри претежно се дел од филмската индустрија. Нејзин брат е феноменалниот актер Ралф Фајнс. Како вљубеничка во работата на германскиот уметник, таа со својата екипа го посетува студиото на Кифер во Баржак, и речиси незабележително станува дел од неговиот живот, снимајќи го работниот процес низ кој се создаваат неговите дела. Не сакајќи да пречи, туку само да го бележи она што се случува на имотот на уметникот, Фајнс го достигнува совршенството во документаристиката – да се биде присутен, но незабележлив, така не влијаејќи врз нештата, туку верно пренесувајќи ги во приказната. Бидејќи Кифер е визуелен уметник, таа создава совршено визуелно дело во кое многу малку се зборува (по потреба), за впечатокот на крајот да биде комплетен.

100-минутниот документарен филм започнува со долго 15-минутно интро во кое се запознаваме со уметноста на Кифер: тунели, искршени крамички садови, сијалици прикачени овде-онде… камерата плови и медитира низ просторот, а амбиенталната музика ја зголемува емоцијата. Бетон, жици, арматура, скали кои водат во подземјето или кон небото, сето ова е дел од светот на германскиот уметник и неговите помошници, кои активно работат на процесот на обликување на делата од различна провиниенција. Немаме целосен преглед на големината на целиот простор затоа што режисерката веднаш влегува внатре, во деталите, во таа неисцрпна фантазија креирана од уметникот. Одеднаш, музиката ја снемува и не’ обзема тишината, таа толку потребна тишина за да можеме во мир да медитираме гледајќи го Кифер како размислува и работи.

Тој е олицетворение на творечкиот акт со крајна цел – убавината на делото, колку тоа и да е мрачно. Тој е опкружен со печки, вреќи, многу е извалкан, прска со четките врз платната качен на мал кран или на скалила, се обидува да направи ред во хаосот, или хаос во редот, како што милувате. Му заѕвонува телефонот, тој го вади од џебот и му го дава на помошникот да се јави, бидејќи не сака да го прекинуваат додека работи. Времето на изработка на делото тече споро, со часови, денови, месеци, години, а ние како крајни конзументи на крајот ќе му посветиме само пар минути во галериските простори, и толку. Уметникот е секогаш во предност во однос на публиката.

Софи Фајнс не сака документарен филм со оф-тон. Доколку прв пат се запознавате со ликот и делото на Анселм Кифер гледајќи го нејзиниот филм, тогаш за неговото значење ќе се информирате од 15-минутното интервју кое таа имала среќа да го сними додека уметникот му го дава на еден новинар во неговата работна просторија во која доминираат полиците со книги. Токму книгите, огромни и со изгорени корици и листови, се дел од неговите инсталации, како потсетување дека тие се носителите на знаењето на овој свет, а кои неретко биле палени на клада. Нацизмот како вечна тема во неговите дела е еден од оние кој палеше книги, и затоа Кифер мора постојано да потсетува дека тоа веќе никогаш не смее да се повтори.

„Детството е како празна соба“, се исповеда тој, „човекот е како празен лист хартија, апсорбира се’, и во тие моменти досадата е клучна. Во тие моменти ја спознаваш човечката егзистенција. Кога ќе пораснеш и созрееш, работиш и времето бргу лета. Хајдегер има многу пишувано за досадата“, поентира уметникот, „затоа, целата моја уметност се базира врз реминисценција на детството, кога немавме Интернет ниту телефони, и кога моментите на досада всушност беа моменти на просветлување“.

Следниот ден – нова нафака. Неколкуте мали багерчиња ја копаат земјата, а Кифер се обидува да најде структура на која би и’ дал смисла. Тој не се ограничува на работа врз платното, само таму изразувајќи ја својата уметност, туку буши во земјата користејќи технологија, истражува, преуредува… Кога крши стакло врз делата што ги создава, вели „тоа е прекрасна музика“. И на крајот, тој величествен момент, создавањето на „кулите Вавилонски“.

Во огромниот двор кранови ги креваат бетонските ѕидови и создаваат кули кои бесцелно висат над просторот, но погледнати од дистанца, тие се сведоштво за една дамнешна библиска приказна инспирирана од првата жена Лилит. Германскиот уметник признава дека приказната за неа му претставува голема инспирација, иако текстовите во сите книги на крајот најавуваат рушење и дека се’ ќе се претвори во пепел. Во тие моменти важна е светлината, тој е во вечна потрага по светлината, бидејќи мора да ја искуси нејзината исцелителска моќ пред тревата повторно да ја преземе главната улога и да ги покрие сите дела создадени од рацете на човекот.

Преполно со симболи и влијанија од секојдневниот живот, делото на Кифер може да се прикаже само на ваков начин, испразнето од додатни значења кои не му се потребни. Софи Фајнс со совршено јасна идеја му пристапила на снимањето на овој филм, и токму затоа резултатот на крајот е вонвременски. Гледајќи го повторно, „Над вашите градови трева ќе расте“, останува констатацијата и од пред дестина години, при првото гледање, дека овој документарен филм е бесценет документ за работата на еден уметник во времето и контекстот во кои живеел и творел.

93-минутниот филм на Вим Вендерс, пак, го носи неговиот авторски печат, препознатлив и во неговите други легендарни остварувања од минатото. Исто така прикажан на специјална проекција на Канскиот фестивал, но тринаесет години подоцна (во 2023-тата), „Анселм – Шумолењето на времето“ е уметнички приказ на кариерата на германскиот уметник од неговите средношколски години, па се’ до актуелниот момент. Вендерс и екипата ги посетуваат неколкуте негови ателјеа во кои работел, вклучувајќи го и она во Баржак од филмот на Фајнс, и ни ја комплетира сликата за ликот и делото на еден од најзначајните уметници во светот во последниот половина век.

За разлика од филмот од 2010 година, овој пат Кифер фраерски се вози со велосипед низ огромните павилјони каде се поставени неговите дела, едноставно уживајќи во она што го создал. Овде се’ е средено и чисто, ја нема прашината, го нема оганот, го нема скршеното стакло при создавањето на безвременската уметност… Вендерс ја сумира неговата работа како пратеник на Творецот на Земјата, кој и на 80-годишна возраст се’ уште е со немирен дух и во потрага по вечната убавина дури и во најгрдите нешта, како војната.

Познавајќи го и сакајќи го делото на Вендерс, веднаш се препознава неговиот ракопис при реализацијата на овој доку-филм, каде резовите напати се спотовски, музиката е приемчива (за разлика од „тешките“ ноти на композиторот Лигети во филмот на Фајнс), а честата употреба на архивските видео-снимки врз самите дела на Анселм, или на некое старо телевизорче, се дел од авторскиот шарм на „стариот волк“. Вендерс не можел да избега од наследството на „Небото над Берлин“ уфрлувајќи го и детскиот лик низ играните делови на филмот, како референца за вечната потрага по „детето во себе“ и во самите дела на Кифер. Кога веќе ги споменуваме референците, директна посвета во филмот добиваат и еврејскиот поет Пол Селан и германскиот филозоф Мартин Хајдегер, преку анегдотата за нивната средба која се случила во 60-те години, а на неа не се случило – ништо значајно!

За љубителите на фактографијата, филмот на Вендерс е од голема помош бидејќи го гледаме развојниот пат на уметникот од ученичките денови па се’ до кровот на светот. На тој пат, Кифер во студентските денови го поминува патот на ван Гог од Арнхајм во Холандија до Арле во Франција, враќајќи се со преку 300 цртежи; станува омилен ученик на легендарниот концептуалец Јозеф Бојс, бранејќи ги шумите со него во разни герилски акции; по изложбите во Чикаго и МоМА станува новата уметничка ѕвезда во Америка, а по враќањето во Берлин изложува авиони и бродови додека во тек е Заливската војна, потсетувајќи дека војната никогаш и не зваршила, туку продолжува да се одвива на друг начин и на друго место во светот.

Незаборавна е завршницата на филмот на Вендерс, во која додека децата си играат крај рушевините од војната, врз кои пораснал и Анселм, роден во март 1945-та година, уметникот еквилибрира на јажето со омилениот ван Гогов сончоглед во раката, наместо стап. Тој е секогаш на пат(ување), а кога зад аголот се наѕира неговиот крај, тој го пронаоѓа детето крај езерото, го става на рамењата и заедно го проследуваат заоѓањето на сонцето.

Токму во тоа лежи моќта на уметникот и на режисерите, тие нешта што тежат да се претворат во уметност која ќе се споделува со Другите како заедничко искуство, како потсетување дека историјата не смее да се повтори, иако сме сведоци дека тоа постојано се случува. Затоа по никоја цена не смее да се молчи, туку да се твори и гласно да се кажува вистината, колку и таа да боли. Германското општество постојано ја преиспитува својата улога во Втората светска војна и осумдесет години по нејзиното завршување, преку книгите на Бернхард Шлинк, преку делата на Анселм Кифер… и тие се добар показател како треба да се третираат траумите во едно општество, бидејќи уметниците знаат да ги залечат душевните рани подобро и од самите психијатри.