Потрагата по смртта го врати култниот режисер

Од средината на 70-те години на 20 век, кога во каков било контекст ќе се споменеше одредницата „европски режисер“, првата асоцијација дефинитивно беше името и презимето на култниот германски режисер Вим Вендерс. Неговиот богат опус во изминатите декади многу ја задолжи севкупната кинематографија на Старата дама, одржувајќи го во живот широко прифатениот антагонизам помеѓу холивудскиот и уметничкиот филм, како мерило за квантитет и квалитет. Но, факт е дека вечна инспирација на Вендерс беа случувањата токму во идеализираната Америка пред се’ на културолошки план, која на прва топка ја препознаваме преку љубовта на авторот кон рокенролот како филозофија и начин на живеење, често препознатлив и како редовна содржина во неговиот филмски опус.

Откако во втората половина на 90-те Вендерс се најде во разбирлива креативна криза, конечно замина таму кадешто отсекогаш сакал да биде, во САД, каде со многу големи буџети сними неколку навистина бледи проекти, кои брзо паднаа во заборав, бидејќи го немаа препознатливиот ракопис на авторот. По десетгодишниот излет од другата страна на Атлантикот, режисерот реши да се врати на сопствена територија, а причината лежи во вечната мистерија на смртта, тема која автор на негови години мора (и треба) филмски да ја опсервира.

Резултатот носи наслов „Пукање во Палермо“, приказна за патувачки фотограф кој на попатната станица, Сицилија, ќе биде следен од мистериозен човек, и откако на смртта ќе и’ погледне в очи, ќе почнат да го прогонуваат силни визии кои ќе го загрозат неговиот живот. Токму ваквиот след на настани кај него ќе ја разреши дилемата околу уметничката и комерцијалната страна на неговата професија, преку која може да се насети и тивкото каење на самиот Вендерс за прокоцканата декада од својата кариера ловејќи го „американскиот сон“.

Веќе споменатата врска на режисерот со рокенролот во новиот филм се потврдува преку изборот на Кампино, лидерот на популарниот германски панк-рок бенд „Ди Тотен Хозен“, да ја толкува главната ролја во филмот, инаку негово „огнено крштевање“ на големиот екран. Исто така и кратката камео-улога на легендарниот Лу Рид е препознатлив потег на авторот, со што дефинитивно докажува дека е оној стариот и одважен филмаџија, кој одлично комуницира со својата публика. На прашањето зошто го избрал токму градот Палермо за средиште на своето ново остварување, Вим вели: „Речиси сите освремени општества ја игнорираат културата на смртта. Го избрав Палермо бидејќи тој внимава на своите мртви граѓани, и таму најважен празник се’ уште е „Денот на мртвите“ (или по нашки „Духовден“), дури поважен и од Божиќ. Бидејќи мртвите им даваат значење на сегашноста и на стварноста, а не Дедо Мраз“. Добредојде дома, мајсторе, ни недостасуваше!

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 22 јули 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *