Денес од печат излегува новиот роман „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски, како 216 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
По успешната прва соработка на „Куфер за тројца“, книга која беше финалист за „Роман на годината“, продолжуваме со поддршката и издавањето на новиот ракопис на еден од најталентираните автори на новата генерација македонски писатели.
„Романот настана на крајот од март 2017 како автобиографска приказна, а се заврши како роман, автофикција (со сериозен акцент на она “фикција”). Односно, вистински се ликовите и повеќето од настаните, но главниот лик (неговите гледишта, размислување и чувствување) е во голема мера измислен. Приказната беше големо патешествие и моја главна мисла во изминатава година. Благодарен сум што се завршува, и истовремено се продолжува“, вели писателот.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, Или-или, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, Антолог, 2018) јазик. Преведува и препејува од и на италијански јазик.