Посета на приватниот Етно музеј во Подмочани

Кога одите кон Преспа, најмалку што очекувате е да наидете на приватен музеј, особено во место со итар-пејовско име како Подмочани. „Кај нас државните музеи во внатрешноста едвај преживуваат, а камоли приватен музеј“, се наметнува заклучокот, и застанувате да видите и дознаете за што се работи. Полни сте со очекувања, особено затоа што претходно никогаш не сте чуле за ваков музеј во овие краишта. На крајот изненадувањето е пријатно, пред се’ поради ентузијазмот на едно семејство, кое својот живот го посветило на благородната идеја на посетителите да им „подари“ етнолошка колекција на носии од целиот Балкан, и други пријатни и не помалку вредни изненадувања.

Главен виновник за ова „чудо крај патот“ е г-нот Јоне Евтимоски, кој во моментот не беше дома, но затоа срдечно не’ пречекаа и примија неговата сопруга и синот. И додека ги разгледувавме изложените предмети: народни носии, монети, накит, предмети од домаќинството… како дел од стотината вредни експонати од македонското културно наследство, започнува да се отплеткува приказната како сето ова настаналао низ децениите наназад.

Јоне уште како тинејџер имал пасија кон фолклорот. Со сопствени пари ја купил првата носија на пазар во Битола, а сето натаму е веќе историја. Неговата колекција содржи многу експонати кои ја претставуваат традицијата на облекувањето на македонскиот народ низ 19 и првата половина на 20 век. Богатата етнолошка збирка содржи над 300 народни носии, а најстарата датира од 18 век, и е изработена од чиста свила. Покрај носиите, можат да се видат и кошули, скутници, елеци, шамии, везови, чорапи и накит, како и други детали типични за регионот од кој доаѓаат. Експонатите се изложени во неколку соби во куќата, кои се покриени со ткаени килими во различни бои. Убавини!

Освен музејската поставка во куќата, и дворот крие разни волшепства. Гледаме големи ќупови во кои некогаш се чувало житото во овие краишта, ѕиркаме во длабокиот бунар од кој некогаш се вадело чиста и пивка вода, а тука е и колата која ја влечеле волови и служела за транспорт на стока и патници.

Во една од градбите позади, некогашна плевна, уживаме во разбојот, стариот ковчег, кошарите, кантарите за мерење, коритото за перење… и на мое големо задоволство, старите зачувани радија и грамофони. Витрините, пак, изобилуваат со накит. Претставени се и повеќе фотографии кои сведочат за тоа време, меѓу нив и необјавени слики со Гоце Делчев, кои Јоне ги купил повторно во Битола, а за чија автентичност чека потврда од стручни лица.

Во меѓувреме Јоне се врати дома, очигледно радосен што има посетители, и седнуваме во летниковецот послужени со турско кафе. Пред тоа, нормално, аплицираме една брза жолта-лута, на екс. Тој горе-долу ги повторува приказните што ни ги раскажа неговото семејство, и на прашањето дали успеал да добие некакви субвенции за одржување и понатамошна надградба на музејот, само разочарано одмавна со главата.

Интересно, многу повеќе посетители на музејот има од странство отколку од нашата земја. Ние со нашето присуство барем за момент го кренавме просекот. На вратата не’ испраќаат кученцата кои цело време се врткаа околу нашите нозе, правејќи ја оваа посета и повеќе од пријатна, особено поради фактот што беше сосема неочекувана и непланирана.

Затоа, доколку патот Ве води кон Преспа, топла препорака да застанете на саат-два во Подмочани и да го посетите музејот на Јоне, нема да зажалите 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *