Македонската документаристика во минатото ги испиша своите ѕвездени моменти во домашната кинематографија, неретко освојувајќи многу награди и на светските фестивали. Врвот се случи оваа година со двојната номинација за Оскар на „Медена земја“. Но, пред да се случи успехот благодарение на сјајната приказна за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, во тој меѓупростор од една ипол декада, по осамостојувањето на државава, не се случуваше речиси ништо на планот на документаристиката. По долгогодишно затишје, се појавија неколку интересни млади автори на документарци, кои даваа надеж дека малку подзаборавениот жанр повторно ќе се врати на старите патеки. Најсветла точка меѓу нив беше драматургот-режисер Билјана Гарванлиева, која, соочувајќи се со неможноста авторски да се реализира во сопствената држава, замина во Германија.
Таа со прекрасниот документарен филм „Девојчето со хармоника“ покажа и докажа дека Македонија е плодна почва за изнедрување на одлични филмски раскажувачи во најспецифичниот филмски жанр. Престижната германска награда „Златна Лола“, но и „Срцето на Сараево“ и уште неколку други интернационални награди беа вистински доказ за тоа. За жал, по долго боледување, Билјана замина од овој свет не успевајќи до крај да го расплете својот раскошен талент за документаристика, како предвесник на случувањата неколку години подоцна, кога „Медена земја“ го восхити светот.
„Ние имаме толку многу интересни животни приказни, а речиси никаква продукција на авторски документарци, кои треба да содржат прецизна структура и јасна слика за тоа како ќе се сними филмот, а притоа да не се изгуби личниот и спонтан однос кон својата приказна, за на крајот филмот да изгледа како се’ да се случува само по себе. Тоа се вика среќата на документаристот“, изјави Гарванлиева во интервјуто кое го правевме во „Филмополис“ во далечната 2010 година, и со тоа поентираше на најдобар можен начин. Во нејзина чест, КинеНова ќе прикаже три документарни филмови, вклучувајќи го и последниот на кој работеше, а премиерно беше прикажан постхумно. А доколку ве интересира споменатото интервју, повелете линк до него:
15 октомври, 23.00
Germany/2006/30’
Девојчето што свири на хармоника (The girl playing the accordion)
По студиите во Берлин, во 2006 година Билјана Гарванлиева конечно го реализира својот прв документарен филм „Девојчето што свири на хармоника“ за германската државна телевизија „Цдф/3зат“. Приказната за македонското девојче кое посветено вежба на прилично тешкиот инструмент со надеж дека ќе победи на натпреварот, по што ќе и’ се отворат многу врати понатаму, поради емотивната нишка со која е водена приказната, не остави никого рамнодушен. Филмот е крунисан со бројни награди, меѓу кои најзначајна е „Златна Лола“, највисоката национална награда за филм во Германија, која ја доделува германската влада, за најдобар краток германски документарен филм во 2007 година.
12 октомври, 18 часот
Germany/2009/30’
Тутуноберачката (Tobacco girl)
„Девојчето што бере тутун“ е краток документарен филм реализиран исто така за германската државна телевизија „ЦДФ/3зат“. Тој визуелно и емотивно ја раскажува приказната за 14-годишната Мумине, а преку неа и за традицијата и културата на Јуруците во Македонија. По неговата премиера во Франција на познатиот фестивал за краток и документарен филм во Бијариц, својот пат го продолжи на голем број фестивали, меѓу кои и на: „Загреб докс“, Анкара, Солун, Прага, Љубљана, Виена. Филмот на Гарванлиева беше прикажан и на најголемиот северноамерикански фестивал за краток филм во Палм Спрингс, Калифорнија, каде добитникот на главната награда добива право да биде номиниран во трката за „Оскар“. Овој документарен филм има добиено бројни награди за режија, како и повторна номинација за „Златна Лола“. Најзначајна е наградата за медиуми „Јулијане Бартел“ за најдобар германски документарен филм во 2010, кој на ангажиран и неконвенционален начин ја претставува жената во медиумите.
11 октомври, 23.00
North Macedonia, Germany/2019/65’
Тетовски самрак (Tetovo twilight)
Оваа лебедова песна на Гарванлиева постпродукциски ја доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер (Manuel Zimmer), и во нејзино отсуство, и секако, во нејзина чест, и’ го претстави на публиката документарниот филм со кој таа беше преокупирана пред крајот од животот, докажувајќи го непишаното правило: еднаш филмаџија – секогаш филмаџија. Во „Тетовски самрак“ Гарванлиева на својствен начин сака да ги согледа состојбите со младите луѓе на овие простори, распнати меѓу југоносталгијата и национализмот, во градот под Шара кој во 2001 година беше на насловните страници на сите светски медиуми. Иако етничкиот конфликт е плодно тло за филмска нарација, особено познавајќи ги претходните дела на Гарванлиева, сепак, таа со својот партнер и соработник се одлучува за поинаков фокус, одбирајќи да ја раскажат приказната на тројца млади и перспективни тетовски жители, чиј светоглед е себе-реализација преку уметноста.
Биографијa
Билјана Гарванлиева (Скопје, 1973 – Берлин, Германија, 2016) е македонска режисерка, сценаристка и драматург со долгогодишно искуство на европската документаристичка сцена. По студиите по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Билјана Гарванлиева во 1999 ја добива стипендијата ДААД на германската влада за студии по театрологија и филмологија на Универзитетот „Фраје“ во Берлин. Од тогаш Билјана Гарванлиева живее и работи како самостојна авторка и режисерка во Берлин. За нејзините документарни филмови има добиено бројни меѓународни награди, меѓу кои и Германската сојузна награда за филм за нејзиниот прв документарен филм „Девојчето што свири на хармоника“ (2006) и наградата за најдобар документарен филм на 16. Филмски фестивал во Сараево за документарниот филм “Шивачките” (2010).