Прошетка низ филмската историја

Во вториот дел од трилогијата насловена „Посета на Националниот музеј на филмот“ во Торино, се задржуваме на најатрактивниот дел од поставките во срцето на „Антонелијана“, кои ја раскажуваат сто и кусур годишната историја на седмата уметност низ приказни, експонати, сеќавања… Се разбира, најфасцинантен е централниот дел со лифтот кој води угоре до видиковецот, од каде го гледате градот на дланка. Сценографијата наликува на онаа од „Блејдранер“, и навистина е незаборавно барем половина час да си седиш долу и ништо да не правиш, бидејќи се’ околу тебе е осмислено барем за момент да побегнеш во друга (филмска) димензија.

Насловната фотографија е онаа со која го завршивме првиот дел, во кој доминираа филмските експонати и приказните пред појавата на филмот. За оние што го пропуштија текстот, еве линк во прилог:

Океј, време е да продолжиме понатаму. На влезот од големата хала ги видов спиралните скалила кои водеа кон третиот кат, и сфатив дека многу умно морам да го испланирам мојот пат за да успеам да видам се’ што е изложено. Започнав од подножјето, каде на почетокот ме пречекаа пар соби, сценографии од неколку италијански филмови, а пред нив доминираше скулптурата од славниот филм „Кабирија“ на Габриеле Д’Анунцио од почетокот на 20 век. Навистина делуваше импозантно.

Пред влезот во тематските соби под скалилата, во големиот хол имаше филмска меморабилија која ги вклучуваше посветите на славниот Италијански Неореализам, популарниот „Alien“ серијал од 80-те, Дракула и Франкенштајн, Спилберговата „Ајкула“, како и претставниците на Лукасовиот универзум од „Војна на ѕвездите“.

И додека до детал ги разгледувам маските, најгоре забележувам препознатливи букви посветени на легендарниот филм „Метрополис“ на Фриц Ланг, кој беше инспирација за името на тв-магазинот „Филмополис“, како и оние за чудесниот свет на Тим Бартон. За сето ова време, посетителите го користат лифтот и уживаат во атмосферата. Навистина филмски и нестварно!

Конечно, една по една ги посетувам тематските странични галерии во кои се изложени етапите од создавањето на еден филм. Поставката е насловена „Во внатрешноста на митот“. Најпрво се запознаваме со идејата за самиот филм, потоа со собата на режисерот, на сценаристот, тонецот, па онаа со камерите на снимателот, следат кастингот, сценографијата, костимографијата, и пред крајот, просторијата на монтажерот и онаа за специјални ефекти. Прекрасни поставки со многу детали од кои се гледа комплексноста на создавањето на еден двочасовен филм кој треба да ја возбуди кино-публиката.

На крајот од патувањето, во стилот на Италијанците и нивниот автентичен хумор, седнувате во киното врз тоалетните школки, и го гледате филмот во кој биле вклучени стотици луѓе кои го „губеле“ времето 2-3-4 години, за на крајот публиката едноставно да има право да рече „па ова беше срање“ 🙂 Досетливо!

Откако сфативме кои се етапите од производството на едно филмско дело, се влегува во тематските галерии посветени на анимираниот филм, вестернот, научната фантастика, психолошкиот трилер, мјузиклот… Целодневна забава во буквална смисла!

И кога веќе навлеговме во ес-еф зоната, време беше да се проба и киното на иднината. Среќа, немаше голем ред, и набргу ги ставив 3-Д очилата и изгледав краток 10-минутен филм кој, искрено, ме полуде. Заклучив дека ова не е баш за мене, јас сум сепак еден „old school“ романтик 😉

Од виртуелната реалност назад во филмската стварност, но од малку поинаков вид. По загадочните скалила кои постепено кружно водат нагоре, за крај на овој втор дел од патувањето во „Националниот музеј на филмот“ во Торино, разгледав неколку изложби на фотографии на кои беа претставени еротските моменти на некои од филмските ѕвезди во средината на 20 век.

Овој дел е 16+, и ги молам читателите кои не ги задоволуваат овие цензорски критериуми, да ги затворат очите, но сепак малку, во Фелиниевски стил, да ги подотворат прстите, и да ги разгледаат еротските фотки објавени во 60-те и 70-те во магазинот „Playman“ на феноменалните секс-бомби како Чичолина, Лучијана Турина како предвесничка на Џон Вотерсовата Дивајн, потоа, заводливата французинка Џејн Биркин од „Blow up“ на Антониони, и неизбежниот машки пастув, еден од најфотографираните ликови во „Playboy“ во тоа време, Хелмут Бергер. Но најпрво, како предигра на сето ова, незаборавната Мерилин Монро. Италијаните се вистински махери. Уживајте!

Сигурен сум дека ви се допадна и вториот дел од оваа прошетка низ филмската историја, која заврши со блага еротика. На крајот завршуваме повторно со клип од атрактивниот хол на прекрасната „Антонелијана“, каде низ соодветни аудио и видео ефекти се слави седмата уметност.

А да, во третиот и последен дел кој ќе го објавам на роденденот на филмот, в недела на 28 декември, ве канам на разгледување на филмските постери од различни декади на филмската историја, вистинско визуелно задоволство за сите филмофили-сладокусци 😉