САД 2025: Прво светско клупско првенство во фудбал

Со финалниот меч меѓу ПСЖ и Челзи, вечерва во 21 часот по средноевропско време се затвора првото светско клупско првенство во фудбал, со кое ФИФА испишува нова страница во историјата на „најпопуларната споредна работа на светот“. Како и секое првороденче (кое, според народната, „се фрла во вода“), и ова не помина којзнае како, но ќе се памети како вовед во новата приказна која секои четири години, на едно место, ќе ги собира најдобрите клубови од сите континенти, за да ги одмерат силите и да се добие најдобриот меѓу нив.

Актуелниот европски првак од „Паркот на принцовите“ вечерва е фаворит, но и Челзи има свои адути во ракавот. Се разбира дека текстот што следи ќе изобилува со флоскули од спортското новинарство, но ќе гледам „да го дадам својот максимум“ избегнувајќи ги попатните јазични стапици. Албумот со самолепливи сликички е пополнет, а ја избрав и најинтересната за мене, која покрај тоа што има специфична бројка (111), фудбалерот од Ботафого ем ми е имењак, ем истовремено е Исус :-). И конечно, време е за хајлајтот на првото светско првенство во фудбал!

Фудбалската сезона е навистина долга. Врвните клубови имаат збиена агенда паралелно пливајќи во националните лиги и купови, а потоа и во континенталните натпреварувања, па кога на тоа ќе се додадат и репрезентативните обврски за најдобрите фудбалери, каде ја уфрлија и „Лигата на нации“, навистина се работи за една „neverending story“ која е интересна само за фудбалските фанатици на кои фудбалот им е единствена смисла во животот. Затоа што од толку голема понуда, играта почнува и да збоктисува. Но нејсе.

Во изминатите декади, вообичаено некаде на средината од декември, шампионите на Европа и Јужна Америка се состануваа на далечниот Исток (т.н. „Тојота куп“ во Јапонија) и во еден единствен натпревар одлучуваа кој во таа календарска година владее со светот. Така и „омразената“ Ѕвезда стана светски шампион, додека поранешната држава се расапаѓаше надолго и нашироко.

Како растеше популарноста на фудбалот, поточно, како истиот се’ повеќе се „индустријализираше“ и од игра на работничката класа стана „играчка“ на капиталистите-милијардери, ФИФА увиде дека може да воведува новини кои, се разбира, ќе носат се’ поголеми приходи. Па така, во последнава декада борбата за светски шампион од еден натпревар се претвори во мини-турнир каде настапуваа шампионите од сите континенти, каде вообичаено во финалето повторно се сретнуваа клубовите од Европа и Јужна Америка. Но, ете ти неколкудневни патувања на навивачите, трошење на пари, телевизиски права, и така „и волкот сит, и овците на број“. За конечно, и тој „експеримент“ да им здосади и на крајот да оформат светско клупско првенство, по урнек на Светското првенство во фудбал, со 32 тима наместо репрезентации.

Светското клупско првенство ќе се игра на секои четири години, една година пред Светското, вообичаено во државата која го организира Светското. Иако следната година Светското ќе се игра во САД, Канада и Мексико, сепак првото светско клупско првенство, веројатно од организациски причини, се одигрува само во САД, како генерална проба пред следната година. За жал, турнирот на кој настапува клупскиот шлаг од сите континенти, во изминатиот  месец можевме бесплатно да го проследиме на интернет платформата „DAZN“, а не на популарните балкански „Арена“ канали, и можеби затоа истото не предизвика особен интерес на овие простори.

Но, работата со Америка секогаш била специфична, затоа се радувам што „Панини“ успеале да издилаат тие да го работат албумот со самолепливи сликички, а не некоја колекционерска компанија отаде барата, затоа што во таков случај немаше да имаме можност да ги собираме сликичките. Но, се сеќаваме дека и лани европското првенство го презема германската „ТОПС“, и овдешните увозници „Свет“ не го донесоа албумот бидејќи тие соработуваат исклучиво со „Панини“, па мака мачевме да го собереме докрај, откако се појавија „ловци во матно“ и ни ги продаваа сликичките, оние „златните“, по солени цени. Искрено се надевам дека и следната година „Панини“ ќе ја има лиценцата за Светското првенство во фудбал.

Кога сум веќе кај албумот, да споменам дека кај нас немаше голем интерес за негово колекционирање, и малку се мачевме да го собереме, но ете, бидна и тоа, и сега во колекцијата, покрај постоечките десетина албуми од претходните европски и светски првенства, го додадов и овој од ПРВОТО Светско клупско првенство, албум кој чинам дека во годините што следат може само да добива на цена, бидејќи е зачеток на една нова приказна.

„Кецот!“

Албумот е прилично едноствавно дизајниран, без непотребности, налик на старите изданија на „Панини“ од 80-те години на минатиот век, кога и се заразив со нивно колекционирање. За разлика од последните албуми за EURO и WORLD CUP, кога се појавија еден куп непотребни сликички што за бадијала го трошеа домашниот буџет, овој пат добивме „чист“ албум во кој, сепак, недостасуваат сликичките од двата американски тима – Интер Мајами и Сиетл Саундерс. Јбг, Американците и авторските права, тоа е таа приказна.

Инаку, самото првенство, кое се одржа на најрепрезентативните дванаесет стадиони во САД, вклучувајќи ги атрактивните арени во Њу Џерси и Л.А., најчесто се одвиваше пред полупразни трибини, во зависност од клубовите кои играа. Па така, на натпреварите на јужноамериканските тимови, се разбира, оние од Бразил и Аргентина, се играше пред полни трибини, а ниту еден стадион не беше полн кога играше европски тим, да речеме, барем не во групната фаза. Како и да е, и покрај тоа што фудбалерите се исцрпени по напорната сезона, ова се сепак клубови кои имаат и по две добри постави, па првенството изобилуваше со квалитетен фудбал и со  многу голови, особено во натпреварите меѓу фаворитите и аутсајдерите, како Баерн од Минхен кој ги победи кутрите Оукленд сити од Нов Зеланд со 10:0. Со усул бе, дечки, нема смисла, да го е.ам!

Учесници на првенството, според сепцијалното бодување од континенталните федерации, беа тимовите што во изминатите пар години имаа највеќе поени од учеството во куповите, но ете, се случи да не ги гледаме една Барселона и Ливерпул, а на сметка на нив просечниот Салцбург, на пример. Веројатно сега, откако завршува првото („пробно“) светско клупско првенство, оваа формула ќе се коригира и во следните четири години добрите екипи ќе бидат мотивирани за солидни настапи во континенталните натпреварувања, за потоа да имаат право на учество на второто првенство по ред во 2029 година. Сепак, тука беа секогаш борбените Бока јуниорс и Ривер плата од Аргентина, одличните Палмеираш (четвртфиналист) и Флуминензе (полуфиналист) од Бразил, изненадувањето Ал Хилал од Саудиска Арабија (го исфрлија Манчестер сити во осминафиналето), како и мексиканскиот Монтереј (осминафиналист) и секогаш симпатичните африкански екипи Мамелоди Сандаунс (Јужна Африка) и Ал Ахли (Египет).

Се’ на се’, првото Светско клупско првенство во САД, и покрај сите доблести и маани, се одржа за време на кризата на Блискиот Исток, за време на која американскиот претседател Доналд Трамп ги прими играчите на Јувентус во Белата куќа и ги прашуваше дали во нивниот тим смеат да играат и жени, на што претседателот на клубот му одговори дека веќе имаат засебен женски тим кој бил и шампион. Вечерва во 21 часот го гледаме финалето меѓу ПСЖ и Челзи, а за првиот шампион следи инфо/апдејт на крајот од текстот.

Пополнетиот албум на „Панини“, се разбира, веќе зазема посебно место во колекцијата, докажувајќи ја својата вредност во годините што следат, исто како и самиот турнир на ФИФА, чие следно издание е по четири години (ќе видиме каде, со оглед на тоа што следното Светско исто така го организираат три земји: Мароко, Португалија и Шпанија). Дотогаш – само здравје!  

UPDATE: Според новиот формат, прв светски шампион е екипата на Челзи, која во финалето го совлада ПСЖ со 3-0, што беше резултат и на полувреме (Палмер два пати и Жоао Педро). Честитки!

И сосема-сосема на крајот, факт е дека со оваа титула Челзи се наметнува како сериозен кандидат за самиот врв следната сезона во Премиер лигата, што само навестува дека мојот Арсенал – повторно ќе биде втор 🙂

Неееее, се шегувам, следната година ова време ќе бидеме шампиони. Ви ветувам!

Go Arteta Go!!!