Во рамките на второто издание на Интернационалниот фестивал на кратки филмови „Абас Кјаростами“, синоќа во официјалната селекција беше прикажано нашето десетминутно остварување насловено „Крстопати“ (Crossroads). Филмот е одговор/реплика на познатиот документарен филм на славниот ирански режисер од 2005 година насловен „Патишта“ (Roads), и ја истражува темата „Во кој момент се вкрстуваат патиштата на авторите од две различни култури?“

По проекцијата на филмот во киното „Клик“ во Берлин, на вториот од трите фестивалски денови, следеше Q&A со авторите, каде ја образложивме идејата за еден ваков филмски дијалог со филмот на големиот ирански режисер, што беше еден од критериумите за учество на фестивалот: филмовите од различни жанрови да имаат поврзаност со ликот и делото на Кјаростами.











Во продолжение можете да го прочитате целиот текст кој е составен дел од приказната во филмот и оди во оф-тон, визулениот дел е решен со црно-бели фотографии, а филмот содржи и пар кадри од канскиот лауреат „Вкусот на црешите“ од 1997 година, како и неколку хаику-песни од Кјаростами, кој покрај тоа што беше одличен филмаџија, уживаше и во фотографирањето и поезијата.

„Во кој момент се вкрстуваат патиштата на два автора? Дали при средбата со некое од нивните дела? Или пак при средбата лице в лице? Чинам дека првата опција е поприфатлива, бидејќи некој умен човек рекол Подобро никогаш да не го сретнев авторот, подобро целиот живот да се дружев само со неговите дела. Но, во случајов, мојата средба со Абас Кјаростами чинам дека никогаш и не беше остварлива, иако филмот е мојата пасија. Сепак, да се држиме до патиштата на уметноста, кои немаат граници.

Прв контакт со филмовите на Кјаростами беше „Вкусот на црешите“. Џипот кој вози низ патиштата и во кој г-нот Багери ја раскажува својата приказна ми докажа дека таа, приказната, е важна за секоја уметност. Или ја имаш или ја немаш. Таа сцена ми се врежа длабоко во сеќавањето, како еден вид ирански одговор на он д роуд филозофијата. Човек што ја раскажува својата приказна во автомобил што се движи по непрегледните патишта. Неговата приказна истовремено е и наша приказна. Неговите патишта се истовремено и наши патишта.

Гледајќи од дистанца, доколку еден автор смее да го прави тоа во однос на своите дела, и мојата книжевна поетика е он д роуд поетика. И моите ликови често пати тргнуваат од почетната до крајната точка за да се истражат себеси, за да се откријат себеси во поинакво светло, за да се изненадат и преобмислат себеси. Секој со својот крст на грбот. За време на тоа движење, ликовите истовремено прават и реминисценција на целиот свој животен пат, пат низ времето полно со препреки, со убави и лоши моменти, добри и лоши одлуки, вообичаени за еден човечки живот.

За жал, тие патишта во меѓувреме се претворија во крстопати полни со неизвесност во кој правец да се продолжи. Крстопати преполни со бегалци кои својата среќа ја бараат на други, туѓи места, далеку од својот дом. А „враќањето дома“ е таа вечна тема уште од Хомеровата „Одисеја“. Кога Улис, патувајќи низ светските патишта, менувајќи се притоа себеси, ќе се врати дома, тогаш, конечно, се’ ќе биде в ред.

А во моментот кога се’ е в ред, сфаќаме дека случајности не постојат. Исто како и во моментот кога посакав да ни се вкрстат патиштата со Кјаростами. Иако доаѓаме од различни културолошки средини, каде афионовите полиња ни се заедничка одредница, сепак, се сретнуваме на заедничките патишта што создаваат немир, кој подоцна се претвора во уметничка креација. Патиштата, според поетот Sohrab, претставуваат „егзил, ветер, песна, патување, немир“, и при нивните вкрстувања, ние се инспирираме едни од други. Тие вкрстувања што се недофатливи за зборовите, се сосема остварливи во делата што ги оставаме зад себе“.

