Секое лето си има свој блокбастер, а ова очигледно ќе се памети по ново-стариот „Супермен“. Првиот суперхерој кој го гледав како дете заслужува внимание, после сите верзии што во меѓувреме ги доживеа и кои ја исцицаа сета креативност од оваа моќна стрип приказна. Ме интересираше колку новиот Супермен се базира на првичната сторија и на она што Ричард Донер ни го „подари“ на сребрениот екран пред речиси педесет години, колку лепушкастиот актер Дејвид Коренсвет достојно ги носи наметката и гаќите на легендарниот Кристофер Рив, бев љубопитен и дали младиот актер Николас Хоулт уверливо го одигрува негативецот Лекс Лутор, првично креиран од ненадминатиот Џин Хекман, и секако, дали наивкото со наметка повторно ќе ја врати Земјата малку наназад, а потоа малку нанапред, за да го врати времето и да ја спаси љубената. Згора на тоа, бев додатно мотивиран на подмладокот, на чија возраст веројатно ја гледав првата верзија на „човекот од челик“ од 1978 година, да му откријам еден нов филмски свет во кој царува желбата за правдина и емпатијата кон човечката раса во неволја, барем така беше во оригиналот. И така тргна приказната.

Не ја следам ревносно трката меѓу моќните студија на „Марвел“ и „ДиСи“, но колку-толку читам што се случува во светот на создавањето на паралелните димензии на филмскиот екран. За оваа приказна важно е да се напомене дека режисерот и ко-сценарист Џејмс Ган претходно работеше за „Марвел“, каде беше одговорен за серијалот „Чувари на галаксијата“, за откако го шутнаа оттаму, „ДиСи“ ширум да му ги отвори вратите со понуда да го рехабилитра Супермен. Овој, се разбира, сесрдно ја прифати, и ете го „летечкиот човек“ во кината, кој само во првиот прикажувачки викенд ги врати вложените пари (двесте и кусур милиони долари), за сето понатаму да претставува чиста заработувачка.

Филмот има интересно интро во кое доминира бројот „три“. Триесет години од доаѓањето на Супермен на Земјата… три години откако ова… три месеци откако она… три дена откако ова-она… и три минути откако суперхеројот претрпе пораз. Аха, значи приказната тргнува од веќе зададени параметри, но за гледачите од новите генерации кои за прв пат се соочуваат со филмскиот класик, првата половина од филмот изобилува со флешбекови во кои се објаснува сторијата за судбината која ја снашла неговата планета Криптон, и желбата на неговите родители нивниот син да продолжи во правец на Земјата, каде ќе им помага на луѓето. Во тие флешови највпечатлива е музиката на Џон Вилијамс, која во ново руво доминира на екранот и предизвикува слатки морници. Со сето ова Ган како да сака да каже дека ова не е нов почеток, бидејќи ја знаеме приказната, туку утврдување на материјалот со цел да најдеме нови хоризонти во иднина.

Од новините во новото читање на приказната за „стариот“ суперхерој, во филмот имаме СуперПес кој му помага, наречен Крипто; базата му е на мистериозниот Антарктик, каде заедно со тројцата други суперхерои ја сочинуваат групата „Антарктик 4“, како пандан на „Фантастик 4“, нели, иако низ филмот кај другите тројца провејува хуморот за името на нивната група за која не се сигурни, а највеќе влече кон „Justice gang“; потоа, во споменатата база му помагаат роботи, кои иако велат дека немаат чувства, сепак одлепуваат пар интелигентни реплики, алудирајќи на се’ поприсутната AI во животот на луѓето; и да, најголемата новина е таа што Супермен не е осамен суперхерој на планетата Земја, туку еден од многумината „металуѓе“ со супермоќи, и затоа битката на отворено е повозбудлива од кога и да е, се разбира, сесрдно потпомогната од последните достигнувања на полето на визуелните ефекти. Особено впечатлив е ликот на Метаморфо, кој може да се претвори во било кој хемиски елемент или супстанција, па одредено време со криптонитот го држи нашиот Супермен „под мраз“, за потоа да станат добри пријатели. Животиште!

Еден од најнезаборавните моменти е односот, поточно, врската на Кларк Кент со неговата колешка Лоис Лејн. Во новиот филм кастингот е добар, на Коренсвет одлично му одговара Рејчел Броснахан, и хемијата е видлива оддалеку и одлично функционира. За жал, во вториот дел од филмот ликот на Лоис како да е ставен во позадина, и таа нема голема улога во случувањата на платното, освен кога пар пати треба да го осоколи суперхеројот со влажен бакнеж. Но затоа во една од првите сцени тие ги поставуваат основите на филмската приказна, откако трапавиот Кент се фали со насловната страница на нивниот весник, вклучувајќи го и интервјуто со Супермен, односно, со самиот себе. Во еден момент Лоис ја прекинува романтичната вечера и му предложува на љубениот таа да му направи интервју, но да биде сосема искрен во одговорите. Во тие десетина минути се покажува нивното вистинско лице: прагматзимот на Лејн и анксиозноста на Кент. Таа на некој начин прави предавство на својата професија со тоа што ја чува тајната, додека супермомчето е тврдоглаво и не сака да ги преиспита своите ставови дали и во кои ситуации треба да интервенира во светот. Актерите искрат на платното, отворајќи многу теми за размислување, меѓу кои главна е онаа за новинарството.

Имено, тие и обајцата се новинари во влијателниот „Дејли планет“, чиј уредник претежно го интересираат сензации. Во време кога печатените изданија речиси и да ги нема, филмот не’ враќа во старите, добри времиња кога весниците беа главни предводници во пласирањето на информациите и креирањето на сликата за светот. Меѓутоа, со давањето простор на Кларк Кент да си направи интервју сам на себе и тоа да биде објавено на насловната страница, се разбира, не знаејќи дека токму тој е Супермен, филмот како суптилно да ни порачува дека во денешниот медиумски свет не е ништо онака како што изгледа, бидејќи повеќе им се верува на самопрогласените „инфлуенсери“, отколку на докажаните новинарски пера. „Фејк“ новинарство наспроти вистинско новинарство.

На оваа тема можеме слободно да ја надоврземе и темата за влијанието на социјалните медиуми, која исто така се провлекува низ филмот. Имено, Лекс Лутор во „џебниот универзум“ кој го создал, базиран врз „Биг-бенгот“, затвора луѓе кои го навредиле на социјалните мрежи, истовремено регрутирајќи илјадници мајмуни (буквално – мајмуни, за да се сфати и фигуративно) кои на наредба оцрнуваат одредена личност, во случајов – Супермен. Реално и изместено, нели!?

Подоцна во филмот се случува моментот на пресврт кога она двоумење на Супермен околу сопствената улога во светот, кое се чепнува во „интервјуто“ со Лоис, се претвора во криза на идентитетот откако помошниците на Лекс Лутор ќе ја најдат снимката на неговите родители со која му даваат аманет да биде заштитник на жителите на неговата нова планета. Вториот дел од снимката е уништен при трансферот, но откако непријателите ќе успеат да ја вратат, ја користат против Супермен бидејќи неговите родители, Џор-Ел (Бредли Купер) и Лара Лор-Ван (Анџела Сарафијан), наводно, му велат на синот да ги покори Земјаните за потоа тие нему да му служат. Супермен влегува во криза на идентитетот од која не може да излезе до крајот од филмот, интересно, во ниту еден момент не сомневајќи се дали снимката е исправна, што уште еднаш на површина ја потенцира поентата за времето во кое живееме и нештата на кои, за жал, безрезервно им веруваме. Тик-Ток нација!

Згора на тоа, на Супермен му ја закачуваат и етикетата на имигрант, на дојденец од друга планета, кој иако интегриран во новиот дом, сепак е некаде оттаму, од далечниот меѓуѕвезден простор, што истовремено е отворен коментар за моментната имигрантска политика на новата американска администрација. Тоа е отворена карта за насочување на приказната во интересен правец на движење, но очигледно Ган сакал само да загребе по површината и да предизвика емпатија кај одреден дел од публиката, а не и вистински да докторира на темата. И така, во светот во кој СуперПесот лета наоколу, огромниот Огр се заканува дека ќе го смачка Менхетн, а Лекс Лутор е воден од болната амбиција да му е.е матер на суперхеројот, фалеше уште Супермен да се преиспитува себеси во поголемиот дел од приказната!? Јбг, take it or leave it!

Не смееме да го заборавиме и политичкиот момент во филмот. Отсекогаш се велело дека блокбастерите се одлична платформа за пренесување на сублиминални пораки до гледачите. Во случајов, сигурно дека имало намера, но на крајот е добиена – калакурница. Супермен е вклучен во конфликтот меѓу Боравија, предовдена од деспотот Васил Гуркос кој, пазете, зборува на српско-хрватски јазик (!?), и кој ја напаѓа соседната Џарханпур. Сето ова потсетува на времето кога Раде Шербеџија го земаа во холивудските филмови за да зборува англиски со источноевропски нагласок, така претставувајќи закана за светот. Во случајов „новиот“ Шербеџија е Златко Буриќ, актер со хрватско потекло, кој во последниве години е актуелен во низа добри европски филмови, а во 2022 година беше прогласен за „европски актер на годината“ за улогата во одличниот „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд.
Враќајќи се на приказната во „Супермен“, паралелите со актуелните конфликти може да се извлечат, но сето тоа е толку конфузно, што да не беше смешно, ќе беше тажно. Впрочем, Ган е искрен и во едно од интервјуата вели дека не сакал ништо имплицитно во филмот, особено не некакви референци за актуелните војни во Украина и Газа. Очигледно авторот бил презафатен со креирањето на сопствен, филмски свет, за директно да ги коментира актуелните политички случувања во реалниот свет. Затоа приказната повеќе се фокусира на етичката димензија на интервенционизмот на Супермен кај завојуваните страни, што на некој начин е уште една новина во франшизата, затоа што порано тој царуваше во сопствениот двор, а сега излегува и надвор од зададените граници. Можеби ќе беше подобро да останеше во рамките на Метрополис, како прекрасна посвета на истоимениот експресионистички класик на Фриц Ланг од пред еден век.

Како и да е, новиот „Супермен“ ги задржува оние стандарди од претходно: тој е приказна за хуманоста, сочувството, емпатијата, и наоѓањето на светлина на крајот од тунелот во еден свет кој е превртен на глава. Како гледачи го сакаме суперхеројот не затоа што е добар или затоа што е моќен, туку затоа што избира да биде добар и покрај супермоќта што ја поседува. Тој е трапав, лош новинар и не е подобар од нас, но светлината на нашето Сонце ги лекува сите негови рани дури и кога Лекс Лутор му ја поставил најневозможната стапица. „Човек сум, а не вонземјанин, и често грешам, но тоа ми е главната сила“, вели Кал-Ел во една сцена, а земјанскиот татко додава: „Родителите се тука за да ги подготват децата во подоцнежниот живот да прават будали од себе. Делата кажуваат кој си, а не мисијата за која те пратиле“.

И сосема на крајот, се шушка дека следниот филм на Ган ќе биде „Супердевојка“, дрската братучетка на Кларк Кент која се појавува на крајот од филмот за да си го собере СуперПесот. Дали тоа значи дека нема да има нов дел со Супермен? Со оглед на тоа што режисерот набутал се’ што мислел дека треба во новиот ривајвл, ништо чудно да не добие втора шанса. Несомнено има интересни работи за размислување, но на истите не им е даден простор за развој, а сето тоа води кон нервози. Затоа би сакал Ган да направи римејк на „тројката“, кога суперхеројот е пијаница на кого не му оди ништо од рака. Иако прогласен за најлош во историјата на франшизата, на мене баш ми беше забавен. Но, за новиот Супермен да се пропие, ќе му треба време и кондиција. Затоа, да му оставиме простор природно да дојде до таа точка 😉
