Еден од главните настани на годинешното Берлинале беше светската премиера на новиот филм на Мартин Скорсезе, кој по четврти пат соработува со својот помлад пријател Леонардо ди Каприо, и по којзнае кој пат со својата верна монтажерка Телма Шунмејкер. Набргу по фестивалската фама се случи и официјалната кино-премиера на „Остров на проклетите“ насекаде низ светот, вклучувајќи ја и Македонија (кината „Рамстор“).
Режисерот на култните „Таксист“, „Разјарениот бик“, „Добри момци“ и останатите класици на светската кинематографија, познат е меѓу колегите како филмаџија кој постојано сака да биде во акција, автор кој по секој мегаломански проект сака да се спушти на земја и да сними филм за кој нема да се вели дека ја сменил филмската историја. Исто така, тој е вистинска филмска енциклопедија и редовно си поигрува со жанровите, цитирајќи величини од филмското минато. Кога на сето ова ќе се додаде неговата фасцинираност од Хичкок, лека-полека доаѓаме до новиот, актуелен филм, психолошки трилер кој за гледачите претставува морничаво филмско искуство.
Снимен според романот на Денис Лехан, филмот на Скорсезе е уште една приказна во неговиот опус во која во фокусот е машки лик полн со вина, кој е во потрага по искупување низ игра наметната од еден врвен психијатриски ум. Скриен зад велот на американски маршал, Теди Дениелс (ди Каприо) е сето она што во одреден дел од нашиот живот сме сите ние, фигура во рацете на (не)објаснивото и (не)рационалното. Потрагата по виновникот надвор од себе е всушност потрага по длабочините на сопствената насилна интима, психолошки концепт кој режисерот го разработува до перфекција. Сепак, Скорсезе не би бил тоа што е доколку во праволиниската приказна не додаде редица потслоеви кои безобразно ја скокоткаат филмофилската фантазија, па така низ сижето ни подарува прекрасни асоцијации за „насилството кое раѓа насилство“ во злогласните конц-логори на Нацистите, за преку Роршаховите загатки до Ешеровите лавиринти на умот, од каде ретко кој се извлекол.
„Остров на проколнатите“ не е најдобриот филм на Скорсезе, но тој тоа не се ни обидува да биде. Овој е филм-игра, како онаа на Дејвид Финчер во „The Game“ (1997), само што во случајов на лудилото му се гледа директно в лице, бидејќи „раните на душата можат да создадат чудовишта“. Или, како што прашува главниот лик во филмот: „Подобро е да живееш како чудовиште, или да умреш како добар човек?“
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 6 април 2010 година.