Синоќа стартуваше 82-то издание на венециската Мостра, со филмот „La Grazia“ на Паоло Сорентино. Програмата “Хоризонти”, пак, ја отвори новиот филм „Мајка” на Теона Митевска. На најстариот филмски фестивал во светот многу славни филмаџии ги претставуваат своите нови проекти, а меѓу нив и големиот руски режисер Александар Сокуров, кој се враќа „дома“, во Венеција, со документарниот филм „Дневникот на режисерот”.

Приказната вели дека визионерскиот мајстор на киното се претставува со големо, длабоко лично патување низ втората половина на 20 век, со користење на снимки правени од 1965 до 1991 година, каде што литературата и киното се спојуваат во еден единствен тек што ја надминува документарната форма. Со илјадници лица и настани испреплетени заедно, ова монументално дело во траење од 5 часа го потврдува местото на Сокуров меѓу големите автори на нашето време, велат фестивалските извори.

