Хигс бозон блуз: Уметноста и староста одат рака под рака

Кон концертот на Ник Кејв во Скопје, 22.08.2025

Шетам низ родниот град и наидувам на огромното платно во центарот на кое се соопштува дека некој доага во Скопје. Откако во последно време почна видот да ми трокира и малку да ме подлажнува, оддалеку читам „Нико Доага во Скопје“. Паметам дека се работи за партизан-херој од Крушево, чие име стана тамошен бренд за тутун, и си велам, добро, веројатно се ребрендирале и доаѓаат во Скопје, односно, го префрлиле седиштето во главниот град. Но нели забрането е да се рекламираат цигари?

Доближувајќи се, сфаќам дека се работи за нешто сосема друго. Она што со месеци наназад беше најавувано како спектакл од светски размери, сега се претворило во еден несреќно избран слоган кој можел да биде многу пофраерски. Но ете, се случува на луѓето да им се причини како кул избор ако нагласат дека „некој доаѓа во Скопје“, што е сосема очигледно, затоа што како поинаку би го одржал концертот, и тоа јавно да го плеснат на платно среде метрополата. Можеби појдовната точка била онаа славна најава „Нато влегува во Скопје“ пред 30 години, кога Лајбах го промовираа својот тогаш актуелен албум „НАТО“ во Скопски саем. Но нејсе. Ник Кејв не е партизан како Нико Доага, и тој дефинитивно доаѓа во Скопје! А за тоа дека е страстен пушач знаеме одамна, иако не сме сигурни дали го пробал тутунот произведен во комбинатот на неговиот крушовски имењак.

Билетот е со европска цена (50+ евра), но да се биде на концертот на Ник Кејв во сопствениот град не е прашање на цена, ниту на немање време и желба, ниту на било каков друг изговор, туку прашање на тоа колку се почитуваме себеси, но и градот во кој живееме и твориме. Едноставно, мора да се биде таму за да се одбрани честа на градот, за да покажеме дека имаме „сенс“, дека сме дел од светот, дека не сме (под)заборавени, дека не сме „задња рупа на свирало“. Иако со прст не е мрднато во однос на титулата „Скопје – Европски град на културата 2028“, ваквите настани мораме да ги поддржиме макар со своето присуство, за барем на момент да покажеме дека главниот град има енергија за нешто поинакво, наспроти драпањето мадиња по кафеаните и бистрењето политика за една употреба. Гостувањето на врвни артисти како дел од нивната европска турнеја е толкава реткост кај нас, небаре како Халеевата комета. Скопје е дел од Европа, но од разни причини не е баш често на рутата на уметниците, па неретко мораме да ги посетуваме регионалните центри за да присуствуваме на настаните на изведувачите што ги сакаме. И сега еве го, никој друг, туку мистер Ник Кејв ни е на куќниот праг, и таму едноставно мора да се биде!

Поради сето горенаведено, преминувам преку фактот кој го организира концертот, и купувам два билета. Поради организациските попусти во минатото, но и надменоста во безброј ситуации, преферирам да не ги посетувам концертите кои ги организира гостиварскиот промотор, но тие во меѓувреме станаа толку големи, што и не беше неочекувано, бидејќи во ваква корумпирана средина победуваат оние со најголемо его. Од друга страна, пак, со нив ме врзуваат убави спомени уште од почетоците на работењето, кога на почетокот од 90-те години, во моите средношколски денови, за прв пат ги гледав ЕКВ во живо токму во нивниот град, кога Милан и екипата, поради војната, често се симнуваа во „оазата на мирот“ бидејќи мораа некако да преживеат. Така што, ситуацијата е егал, особено по Нико Доага… пардон, по „Ник Кејв доага во Скопје“ 😉

Буричкам во меморијата и набргу сфаќам дека поминале 31 година од првата средба во живо со Ник. Штета, си велам, не е заокружен јубилеј – 30 години, туку плус една, како таа да превагнува кон состојбата отаде, кон зрелоста, староста, како сакате наречете ја. Датумот е 7 мај, екс-Југославија е во слободен пад, а автобусот на „Еуротурс“ од Штип храбро граби кон унгарската граница, каде по традиција беспотребно не’ гњават по неколку часа, небаре пренесуваме некого во гепекот.

Ник Кејв го промовира новиот албум „Let love in“, кој се разбира дека до ден-денес ми е најомилениот. Поради љубовта на прво слушање. Во живо. Во тој период на големо се вртеше на „Стотројка“, и желбата и потребата на 20-годишна возраст да се присуствува на настапот на „мадрфакерот“ беше поголема од самиот живот.

И очекувањата беа максимално исполнети. Ник Кејв и Бед сидс-и растурија на отворената сцена во „Паркот на хероите“ пред околу 4-5000 фанови. Девојчињата во првите редови, облечени во „дарк“ аутфит, врескаа по Бликса и останатите небаре „Битлси“ се во градот на Дунав, а Ник „леташе“ низ сцената де свирејќи балада на клавирот, де симнувајќи се меѓу фановите, де трескајќи се од подот на сцената кога ги изведуваше „Loverman“, „Jungling Jack“ и, се разбира, ултимативниот хит „From her to eternity“.

Но еј, чекајте малку, let me tell you about a girl 😉

Некаде на слична возраст како и јас кога за прв пат го гледав маестрото во Будимпешта е и ќерка ми која вечерва ме придружува на концертот, откако и’ направив вовед дека овој настан е битен, повторувајќи го сето она што го напишав во воведот погоре. Таа не го слуша активно Кејв, но знае некои од песните. И повеќето што и’ ги пуштам и’ се допаѓаат. Особено „O Children“, која е употребена на многу важно место во серијалот „Хари Потер“, за танцот на момчето со ленонки и прекрасната мала дама Хермиона. Навистина антологиски. Оттаму и го препозна и посака да оди на концертот.

Се упатуваме кон градскиот парк и Скопје изгледа едноставно и полетно, особено кога си во убаво друштво. И обајцата се чувствуваме некако свечено. Чувство кое жителите на европските градови постојано го имаат, бидејќи во текот на целото лето им се случуваат еден куп настани на отворените сцени. Кога на почетокот на јули го посетив Берлин, само во тие шест дена во градот настапуваа Нил Јанг, Секс пистолс, Елбоу и еден куп релевантни музички имиња. Човек да полуди. Затоа оваа вечер е наша. Скопска. Со Ник Кејв во главната ролја.

Интересно, додека се движиме низ паркот, нема особена гужва, иако наближува времето за концертот. „Вршац“ пред стадион вообичаено е полн, но вечерва и со причина: Вардар игра небитна првенствена утакмица со Брера, и од стадионот се слуша бучното навивање на Комитите. Ќе биде чудно, си помислив, „Градски“ и стадионот на АРМ се еден до друг, освен ако Ник не влезе во игра и даде гол со пета. Автоголот е и повеќе од очигледен.

Конечно сме внатре. Бината е одлична, скопското небо над нас е со пар облаци, но претежно ведро, а фановите полека но сигурно го пополнуваат тревникот. Атмосферата е пријатна, ко некоја секта да се собрала на едно место и нетрпеливо го чека проповедникот. Многу гушкања и насмевки меѓу луѓето. Некои од нив останаа надвор, меѓу нив и мои познаници и пријатели. Екраните се големи, а звукот доволно силен и сугестивен за да се проследи концертот и од „дистанца“.

Времето тивко се троши, и после неколку врескања на навивачите на Вардар од трибините, време беше Ник и Колин да излезат на сцената. Експлозија од воодушевување. Ник не’ поздравува фраерски, иако ја ситни 68 година од животот. Се разбира, реагира кон фудбалскиот натпревар и вревата отспротива, но не цинично, туку културно и разбирливо. Јеби га, shit happens 😉 Ник е расположен и ни кажува дека со Колин се на турнеја претежно на нови места кои досега не ги посетиле, и драго му е што вечерва е во Скопје. Тој сака да шетка, да ја набљудува архитектурата и да ужива во локалната храна.

Меѓу првите песни со кои не’ чести вечерва е прекрасната „Higgs boson blues“. И баш ја изведува во блуз фазон, со импровизации, од срце. И на крајот не’ внесува и нас во игра со едноставното „бум-бум-бум“, зашто вечерва треба да го отвориме срцето и да ја примиме сета љубов што тој има да ни ја даде.

Се разбира, камерната атмосфера на концертот Ник се обидува да ја разигра со тоа што пред секоја песна ни прави соодветен вовед. Набргу по блузот ја изведува веќе погоре споменатата „O Children“, која ја компонирал во едно опуштено неделно попладне во дворот, каде неговите деца безгрижно си играле. Поетот одеднаш сфатил колку децата се фрагилни, и како родителите се немоќни комплетно да ги заштитат од суровиот свет во кој растат. Трогателно!

По релативно новите песни од последните албуми, време беше за повозрасните фанови маестрото да се наврати и на каталогот со постари теми. А таму, која од која подобра! Низ неговите прсти и гласот кој се’ уште фантастично го држи, љубовната „Ship song“ звучи феноменално, а приказната за Хенри и ден-денес се’ уште е релевантна.

За „Wheeping song“ некој од публиката, со право, го побара гласот на Бликса, но тоа, се разбира, може само да се замисли во умот. Ник е доволно моќен самиот да ја изведе песната и да ја износи на своите плеќи, потсетувајќи не’ на одамна загубените, или подобро, искривените семејни вредности.

И како врв од постариот каталог, неизбежната тема „Mercy seat“ од прекрасниот албум „Tender pray“ од 1988 година, кога дивиот Ник почна да се приземјува и да навлегува во поинакви музички води, но сепак останувајќи свој. Емоциите се на максимум поради моќната интерпретација!

Тогаш натпреварот на стадионот позади нас заврши, ја немаше веќе непотребната врева, и Ник влезе во севдах. Следеше блок од неколку теми кој започна со посвета на инспираторот Леонард Коен, кому Ник му испрати поздрав на небото. Преработката на антологиската „Avalanche“ беше изведена на завидно ниво!

Овој малку подолг блок музичарот со своето пијано, со помош на тивкиот бас на Гринвуд, ни ги раскажа добро познатите приказни составени од божества, духови, љубовници, убијци и жртви. Ник е книжевник, тој е една голема отворена книга од која постојано извираат приказни. Овој дел од настапот својот врв го достигна со темата „Joy“ од најновиот албум „Wild God“ објавен минатата, 2024 година. Ник објасни дека песната започнува со меланхолично расположение, но дека на крајот сепак го достигнува врвот на задоволството, нешто кон кое сите треба да се стремиме, вклучително и оваа вечер. Фантастична изведба, уживајте!

Бисот беше непотребно долг и содржеше неколку песни исто така од различни периоди од богатата кариера на Кејв, а највпечатлива беше изведбата на „Tupelo“, тема поместена на вториот албум со The Bad seeds, „The Firstborn is dead“, всушност, најстарата тема која ја изведе вечерва во Скопје. И самиот свесен за тоа, рече дека се работи за песна напишана пред 40 и кусур години, песна која може да ја напише човек само во младоста, и дека ваква песна не може да напише на овие години. Но затоа, изведбата му беше моќна исто како пред четири децении. Така е кога си млад во срцето и кога го негуваш детето во себе 😉

Синоќешниот концерт ми отвори некои думи, особено за годините кои неминовно навјасуваат, и начинот на коj уметникот треба да ги дочека и да се справи со нив. Ник Кејв зад себе има оставено културно богатство на кое може да позавидат многумина колеги, но кога времето ќе почне да станува битен фактор, тогаш неминовно морате да изберете начин како сето тоа ќе го исканализирате и достојно ќе го претставите пред луѓето што ве сакаат и почитуваат. Австралиското enfant terrible одамна се култивираше и ги достигна височините на Џони Кеш, кого со мама и тато на 12-13 годишна возраст го видел како пее на телевизија. По хероинските излети со бендовите „Boy next door“ и „Birthday party“, тој постојано кокетираше со „трубадурскиот“ израз, неретко снимајќи срцепарателни балади кои можеби поголемиот дел од фановите и не ги очекуваа.

И одеднаш Кејв стана присутен насекаде. Небаре ќе ви излезе дома од фрижидер. Се снимија еден куп документарци за него, за неговиот начин на работа, за неговата кариера од почетоците до денес… објави еден куп книги, сними еден куп музика за филмови… и по експериментите со уште еден брилијантен музичар, Ворен Елис, тој конечно се врати на основите, на едноставноста, пред клавирот, помогнат од Колин Гринвуд, басистот на Рејдиохед. За годините во кои се наоѓа, оваа инкранација сосема му прилега. И не знам дали би можел и понатаму енергично да ги изведува своите песни како до пред некоја година, а исто така и не знам дали јас би посакал да го гледам на таков концерт. Некако би ми изгледал „фејк“, затоа што реперот ми е оној настап во Будимпешта пред три декади. Така што, сума сумарум, уметноста и староста одат рака под рака… и изгледаат сосема достоинствено на сцената, онака како што и’ доликува на возраста.

„Јас сум татко и сопруг, од неодамна и дедо, и на тој начин јас сум еден вид човек на светот“, изјави тој во едно интервју за медиум во матичната земја, Австралија. „Овие работи ми се многу поважни од концептот да се биде уметник“, заклучува Кејв, и додава: „На крајот се апсорбираме и се преуредуваме себеси, така што, како старееме, сите ние стануваме суштества на загубата. Taa е дел од нашето фундаментално ткиво, на она што сме како човечки суштества. Ова не е трагичен, туку продлабочувачки елемент, и тоа внесува неверојатна смисла во нашиот живот. Јас лично го открив тоа, и мислам дека и многу други луѓе го открија тоа, под услов да можете да останете отворени“.

Дури и по семејните трагедии (прерано на оној свет му заминаа два од четирите сина, Артур (15) во 2015-та и Џетро (31) во 2022 година), тој продолжи да создава, затоа што веројатно единствено на тој начин можеш да останеш во игра. Онаа најважната, животната игра. Музичарот и поетот кој во своите песни безброј пати ги споменува Господ Бог и Исус, Синот Божји, постојано преиспитувајќи ја својата позиција во однос на Небото над нас, по смртта на неговите синови посериозно се сврте кон Христијанството, со кое кокетираше низ песните уште од почетокот на својата кариера.

„Откако почина Артур, не веднаш, помина доста време, но наместо да чувствувам лутина или да отфрлам такви работи, почувствував бавно движење кон религиозниот живот, кој го најдов за исклучително корисен“, открива тој. Тоа нему и на неговиот бенд им загуби многу фанови, но Ник е доволно креативен и паметен, сфаќајќи дека колку повеќе се менуваш низ музиките, презентирајќи нови форми, толку повеќе регрутираш нови фанови. Затоа Ник Кејв и „Лошите семиња“ толку долго опстојуваат на сцената, повеќе од четири декади! 

Со тоа, многумина веќе велат дека Ник Кејв го надминал и еден Дејвид Боуви, и дека тој дефинитивно е најголемиот на сите времиња. Можеби да, а можеби и не. Од аспект на Ник, да, тој е еден од оние (компетитивни) момци кои целиот живот ријат и работат за да достигнат одредени височини. Од аспект на музиката и промената која артистот си ја дозволува од албум во албум, тоа е таа вечна трансформација после која повторно остануваш автентичен и свој, формула на која Боуви одамна докторираше. Од аспект на публиката, големината се гледа кога на концертот се присутни луѓе од различна провиниенција, а тоа Ник одамна го проби, како звучниот ѕид во 50-те. Од свирките во малите опскурни клубови во 80-те, преку верните фанови облечени во црно во 90-те, па се’ до светските сцени на кои класните разлики во публиката се со прилично голема дискрепанца. Зашто музиката е универзална, таа допира секого и може да воскресне сечија душа. А Ник, и претходно Боуви, тоа добро го знае.

На крајот на краиштата, сето ова е сепак едно големо ентертејнмент шоу, а во случајот со Кејв, тоа е надополнето и облагородено со големи дози на артизам чија виртуозност на сцената е донесена до перфекционизам. Тоа го покажа и синоќа во Скопје, и драго ми беше што и по три децении, трае љубовта која во 1994 година започна со прашањето: Do you love me? Да, брат, не се секирај. Башка, од синоќа, по концертот, имаш нова, млада обожавателка, која можеби се’ уште не е свесна за тоа. Затоа продолжи така. До вечноста.