Ова е третиот напис од серијалот текстови за македонската музичка сцена во 90-те, покрај оној за „Нашински звук“ и „Балкан експрес“. Ова интервју е правено на диктафон во автомобил на паркингот пред хотелот „Холидеј ин“, тогашен „Гранд хотел“, во центарот на Скопје.
Балкан експрес спаѓа меѓу најинтересните бендови во моментов на македонската алтернативна сцена, но баш и не се утепаа од работа и имаат многу малку снимки. Како и да е, со нив ја започнуваме малата серија на „рокенрол интервјуа“.
Одсеопфатното лудило кое веќе долго време лебди над градот-црв, се обидовме да најдеме спас и позитивна енергија надвор од него, на периферијата, „каде дивите пци верно го чуваат духот на тишината“. И додека црвениот бус за Драчево со број 41, шраф по шраф, ја зголемува својата брзина, во неговиот миризлив и од провев одвеан багажник двете електро-глави на Вампира и Лудвиг со нетрпение го очекуваа оној момент на мостот кога нивните внатрешни органи барем за момент ќе ги променат своите места, на тој начин постигнувајќи хај-прашина во мозокот. In-Out, Input-Output… Спој во колата за комуникација. Репрограмирање, молам.
– Лудвиг, Лудвиг, влегуваме во подземјето – ме протресе охрабрувачкиот глас на Вампира.