Таг архива: Соник јут

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius

Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои од младоста, glavom i bradom, мистер Трстон Мур. Листам фотки на ФБ и гледам дека организаторите во текот на денот го шетнале низ чаршијата (Трстон сигурно кркнал некој ќебап, па можеби вечерта ќе отсвири добар Destan blues), а ја посетил и африканската изложба во Музејот на Македонија, како редовна дестинација на сите гости деновиве на џез фестивалот. Потоа читам тазе интервју (одлични прашања, и секако одговори) и сфаќам дека од младешкиот занес кон музиката и сето она што за алтернативната сцена претставуваа Соник јут поминало бајаги време, бидејќи Трстон во меѓувреме, по распаѓањето на бендот, комплетно се променил. Веќе неколку години живее во Лондон, го канат да предава на универзитети, и најважното, соработува(л) со стотици музичари на различни проекти, продолжувајќи го својот музички живот во сосема други води, но сепак останувајќи свој. Токму затоа со посебна возбуда го очекувам полноќниот настап, бидејќи нема да биде Соник јут и она што од сцената на Зигет фестивалот во Будимпешта ми го подарија во 1996 година, сирова енергија и прекрасен артизам. Уште со најавата на соло концертот, на социјалните мрежи се појавија сомнежи на што ќе личи сето тоа, па дури зафрчеа и осуди на се’ уште неслучен концерт (познати сме по тоа!), но нејсе, сепак момакот од Њујорк/Лондон доаѓа во рамките на џез фестивал, каде вечер претходно на истата сцена настапи уште еден херој од Големото јаболко, маестро Арто Линдзи.

Читај повеќе