Објвувањето на една книга поминува речиси незабележително на домашните телевизии, затоа пријатно ме изненади желбата на ТВ Алфа да направиме прилог за новиот роман „Ветрилиште“. Значи, во морето јавувања од загрижени пензионери за status quo состојбата во нашата земја, во „Утринската програма“ имало простор и за книжевноста. Убаво.
Повеќето од нас се сеќаваат кога ЈРТ правеше пауза во програмата, на еден телоп беше испишано „Интермецо“ и одеше музика до следната програмска содржина. Деновиве се интермецо од летните горештини. Всушност, најбитните работи се случуваат во „интермецата“ од нашите животи, а не во она рутинско секојдневие.
Во магазинот „Нова машина“, кој најчесто ја третираше алтернативната македонска музичка сцена, во просторот помеѓу, во една фина меѓу-рубрика едноставно наречена „Интермецо“, успевав да провлечам триминутни клипчиња, колку што отрпилика е времетраењето на една песна, како оддишка од „сериозните“ музички теми. Во архивата сум успеал да зачувам еден од нив, во кој можете да видите многу карактеристични „скопски ситуации“: љубење крај Вардар, кучиња скитници, шмекање во парк, комарџии под мост, рибари денгубџии и уште еден куп драгоцености.
Во последниве години се случува вистински ривајвл на издавање на музика на винил, откако во последната декада од минатиот век, приматот го презедоа компакт дисковите. По падот на Берлинскиот ѕид и завршувањето на ривалството помеѓу Истокот и Западот, на пазарот се појавија многу пиратски ЦДа кои на овие простори се продаваа за багателни цени. Љубителите на музиката беа фатени во расчекор – т.н. „бугарски дискови“, или да се задржат на колекционирање на оригинали?
Ова е мојот прв телевизиски реализиран и емитуван прилог воопшто. Честа заеднички да го скршиме мразот им припадна на „Стринг форсис“: и тие издадоа дебитантски албум, и јас дебитирав во те-ве етерот.
Годината е 1999. Студиите по новинарство се при крај, и по актуелниот радио ангажман во „Стотројка“ и хонорарните текстови низ разни македонски весници и списанија, ми се укажува можност да почувствувам како е да се работи и во телевизиски медиум. Тогашен ТВ Сител беше сосема поинаков од денешниот, со многу ентузијасти кои си ја сакаа и си ја знаеја работата, која резултираше со интересни телевизиски продукти.
Попладневниот магазин беше од областа на културата, и во негови рамки правам прилози на разни теми, меѓу кои највеќе ја третирам домашната музичка сцена. Сето тоа по кратко време се претвори во еднонеделен дваесетминутен магазин со наслов „Нова машина“.
Премиера на „Деца на сонцето“ во кино „Милениум“, третото целовечерно остварување на режисерот Антонио Митриќески + преглед на актуелните филмски остварувања во светската кинематографија.
Во ова издание на магазинот ја проследивме првата клапа на деби филмот „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, како и лауреатите на 35 издание на „Браќа Манаки“.
Лека-полека стигнавме и до една фина бројка, 500-тата филмска емисија, која како што доликува, ја посветивме на легендарната „Француска Кинотека“ во Париз, која бевме во можност да ја посетиме во летото 2012 година.