*покров: sindone (итал), shroud (анг); 1. покривка, покривач; 2. ткаенина, чаршаф со кој се покрива телото на мртовецот (извор: Дигитален речник на македонскиот јазик)
Кога ме селектираа за учество во ФИПРЕСЦИ жирито на филмскиот фестивал во Торино, се израдував што ќе ми се оствари дамнешната желба да ги посетам музејот посветен на торинскиот покров и катедралата „Свети Јован Крстител“ каде се чува оваа надалеку прочуена реликвија. Светот е составен од приказни креирани од човекот, и без разлика дали се тие вистинити или не, без разлика дали сакаме да веруваме во нив или не, сепак е необично привлечно да се чуе и да се биде дел од една прекрасна сторија, а оваа за торинскиот покров дефинитивно е една од најубавите во човековата историја. Се надевам дека приказната што следи ќе предизвика сосема спротивен ефект од онаа за „торинскиот коњ“, која кај славниот германски филозоф Фридрих Ниче предизвикала зачеток на ментален слом. Ви посакувам пријатно патување 😉

Градот препознатлив по автомобилската империја на Џовани Ањели и фудбалскиот клуб Јувентус нуди и една сосема поинаква приказна заради која вреди да се посети првиот главен град на обединета Италија. Интересно, и покрај тоа што приказната за торинскиот покров е фасцинантна и со долговековна историја зад себе, градот Торино и неговите жители на прв поглед не оддаваат впечаток дека се преокупиран со неа. Ги прашав фестивалските домаќини за локацијата и за можноста да се посетат музејот и катедралата, и дел од нив ми рекоа дека никогаш во животот не ги посетиле, другиот дел не ни знаеја да ми објаснат каде се наоѓаат, а кај оние еден-двајца поупатени исто така наидов на (полу)информации кои само ми ја усложнија и онака комплексната ситуација, откако претходно наидов на одредени недоумици додека сурфав на интернет обидувајќи се на самиот себе да си разјаснам како да го реализирам ова мое патешествие, да не речам „поклонение“ или „аџилак“. Но, од некаде мораше да се почне, и во првата прилика кога се подослободив од фестивалските обврски, тргнав во зацртаната авантура.


Еден убав и сончев ноемвриски ден сите патишта водеа не кон Рим, иако сум во Италија, туку кон кралската палата во Торино, денес велелепен музеј за кој ќе пишувам во првата наредна прилика, бидејќи содржи колекција на фантастични слики од Ренесансните мајстори. Всушност, тоа е кралската палата на семејството Савој кое долг период владеело со Италија, и тие се главните „виновници“ што покровот на крајот заврши токму во овој град. За оние што не знаат, можеби конечно е време да споменеме дека се работи за ткаенината, за чаршафот за кој се претпоставува дека во него било положено телото на Исус по симнувањето од крстот, реликвија која потоа си фаќа своја историска маршрута која ќе се обидам да ја доловам во продолжение на оваа репортажа.


Кралскиот музеј тој ден, но и претходните, не работеше, со најава дека ќе го отворат утредента, па затоа фреквенцијата на туристи не е на завидно ниво. Се упатувам по улицата „20 септември“ кон катедралата „Свети Јован Крстител“ во која, според „не-до-краЈ-јасните“ информации, се чува покровот, иако оние еден-двајца фестивалџии ми рекоа дека за да го видам застакленото место зад кое се чува, морам да влезам внатре, во кралскиот музеј, и оттаму да пристапам до фамозната капела. Спроти катедралата најпрво го забележувам градското собрание, кое е лоцирано на најдоброто можно место во градот (на горните две фотки), и засега единствената релевантна информација која ме крепи е дека музејот посветен на торинскиот покров, кој се наоѓа петнаесетина минути пеш од катедралата, отвора во 15 часот. Бидејќи дотогаш имам уште еден час, решавам прво да ја „проверам“ катедралата.

За жал, немам среќа бидејќи и таа, како и музејот, е затворена. Неколкумина посетители се обидоа да влезат, но големата и масивна врата очигледно беше заклучена, без информација во кој термин од денот е отворено. Најверојатно во право беше Андреа кога ми рече дека капелата може да се посети единствено откако ќе влезам во кралскиот музеј, си реков, и се помирив со ситуацијата. Сепак, пред мене имав уште неколку денови во Торино, и можност повторно да го посетам овој дел од градот, можеби и најубавиот од она што имав можност дотогаш да го видам.


Пред да се упатам кон музејот посветен на покровот, фрлам поглед лево од катедралата каде има археолошки ископини, како и мал римски театар на отворено. Набргу наидувам и на мапата на која прецизно е претставена содржината на кралскиот музеј, чиј составен дел е токму она што го гледам пред себе. На таа мапа точно е претставено дека капелата на Светиот покров се наоѓа во централниот дел од кралскиот музејски комплекс, односно, во задниот дел од катедралата „Свети Јован Крстител“. Аха, нештата полека почнуваат да се отплеткуваат. Океј, во некој од следните денови, кога ќе го посетам кралскиот музеј, конечно ќе влезам во неа и ќе видам каде се чува торинскиот покров, а сега правец кон музејот кој ја раскажува приказната за оваа реликвија, бидејќи времето на неговото отворање наближува. Се враќам уште еднаш од десната страна на катедралата, ја сликам капелата која се крева високо кон небесата, и продолжувам понатаму.

На стотина метри оттука се наоѓа портата „Палатина“, едно убаво зачувано историско парче од римскиот период, единствено од ваков вид во Торино. Крај него се наоѓа паркот во кој резидентите ги шетаат своите миленици, бездомниците спијат на слободните клупи, а туристите се фотографираат со портокаловата порта која блеска на сонцето. Навистина делува фасцинантно.




Патот ме води по уличките кон музејот отворен на 15 април 1998 година од страна на тогашниот кардинал на Торино, Џовани Салдарини. Чекорам низ елитен кварт со прекрасни згради за заедничко живеење, секоја со сопствен двор и неодолива елеганција.



Попатно наидувам и на една симпатична кафе-книжарница, пред која една постара госпоѓа веројатно договара средба со пријателката на својот телефон.


Се дижам по улицата „Сан Доменико“ свесен дека има време до отворањето на музејот, и попатно вртам во следната улица каде на мапата ми покажува дека се наоѓа музејот на ориентална уметност. Набргу стигнувам до него, изгледа привлечно, но сепак овој ден е резервиран за една сосема поинаква приказна.



Скршнувам кон блискиот плоштад „Савоја“, седнувам на една клупа осветлена од сонцето и за момент тихувам. Сепак, немирот ме тера да станам и да ја разгледам околната понуда. Наидувам на една прекрасна антикварница, но и на една современа книжарница, кои покрај кафулињата и рестораните, доминираат во просторот како еден вид културни оази. Се радувам што тоа е така.




Време е да се упатам кон адресата „Сан Доменико 28“, каде се наоѓа Музејот на Светиот покров. Ги консултирам знаците, и тргнувам натаму. Возбудата расте.


Конечно, пар минутки пред 15 часот, остварување на сонот! Музејот е сместен во една стара зграда, рекламното платно кое ја означува неговата присутност е малку избледено, но тоа му дава особен шмек. Ова не е музеј кој вреска „Влезете, посетете ме!“, и токму затоа ми се допаѓа. Го фотографирам од различни агли и чекам да отвори. Конечно, некој се појавува од внатрешноста.





Чичето ја отвора вратата и љубезно ме кани да влезам внатре, како прв посетител во тој ден. Купувам билет кој воопшто не е скап и ја набљудувам екипата подготвена да ги пречека останатите музејски посетители. Се работи за дами и господа пред пензија, на прагот или можеби веќе навлезени во седмата деценија од животот, и се’ ми се чини дека тоа е истата екипа која првично била вработена при отворањето на музејот пред две ипол децении, која се’ уште неуморно работи на пренесувањето на приказната за торинскиот покров. Сето ова ме потсети на еден од деловите од серијалот за Индијана Џонс, кога го бараат Светиот грал, и кога конечно ќе дојдат до него, од сонот го будат стариот витезот кој со векови ја чувал тајната очекувајќи некој да дојде. Овие дами и господа дефинитивно се витезите кои ја пренесуваат тајната приказна за Светиот покров.

Набргу во музејот влегува една госпоѓа, Торињанка, и веќе формираме група од двајца посетители, и не’ презема водичката која одлично зборува англиски јазик. Инаку, нејзините колеги, „витезите“, се одлични јазичари, и во зависност каква група на посетители ќе намине, тие ја преземаат одговорноста за нив, во што се уверив во текот на посетата, кога вработените носеа групи посетители зборувајќи им на француски, германски, шпански јазик. Срциња!




Во воведниот дел, во еден малечок ходник, пред да продолжиме кон понатамошните музејски простории, нашата домаќинка, г-ѓа Франческа, ни прави вовед околу основните информации за покровот. Врамената копија на покровот е со оригиналната големина од 441×113 сантиметри, за да добиеме вистински впечаток уште на почетокот од ова „патување“. Се разбира, на отпечатокот многу добро се забележливи сите детали кои ја прават оваа прекривка фасцинантна, вклучувајќи го и ликот од обете страни на чаршафот, со кој било обвиткано телото на мртовецот од горната и од долната страна.

Франческа понатаму не’ води во едно мало, многу симпатично дворче помеѓу зградите, кое може да послужи за одморање на посетителите, но ние сме на почетокот од патувањето и не ни треба одмор. Водичката ни вели дека најпрво ќе погледнеме еден 20-минутен документарен филм кој ќе ни ја раскаже целата историска приказна за торинскиот покров, после која се’ ќе ни стане јасно и полесно ќе можеме да се нурнеме во останатите содржини на музејот. По попладневната прошетка и веќе неколку часа на нозе, оваа починка навистина добро ми дојде. Киното е симпатично и ретро, како и самиот филм, кој веројатно е снимен пред дваесетина години, судејќи според графичките елементи во него.








Во дел од содржината на филмот беше споменат и тактилниот покров изложен во кино салата, создаден за да можат и луѓе без вид да ја почувствуваат неговата моќ.



Навистина фасцинантна е приказната за торинскиот покров. Според верувањата, се работи за ткаенината во која било завиткано мртвото тело на Исус кога го симнале од крстот. Според еврејската традиција, пред да се погреба, на телото на покојникот се врши помазание, а камената плоча врз која е вршен ритуалот денес се наоѓа врз гробот на Христос во црквата во Ерусалим, што значи дека таа, заедно со покровот, е една од Светите реликвии за кои се верува дека се автентични. Светиот грал постои само во филмовите со Индијана Џонс 😉

Анализата на покровот упатува на тоа дека дамките од крвта, како и повредите на одредени места на телото, се веродостојни на описите на распнувањето на Исус во библиските евангелија.



Најголемиот дел од документарниот филм, покрај анализите на ткаенината во поново време, за да се утврди нејзината старост и веродостојност, го вклучува патешествието на реликвијата низ вековите – од Блискиот Исток преку Едеса, Истанбул, па му се губи трагата се’ до Средниот век, кога се појавува во францускиот град Лиреј благодарение на угледниот витез Жофри де Шарни, кој го изложил покровот во локалната црква што ја изградил во негова чест.



Подоцна покровот им бил подарен на семејството Савој и се префрлил во црквата во Шамбери, која доживеала голем пожар кој малку ја оштетил вредната реликвија.

Откако вредните калуѓерки се обиделе колку-толку да ги санираат оштетувањата, покровот во 1578 година конечно е префрлен во Торино, каде се наоѓа до ден-денес.

Еден од многуте докази за потеклото на покровот, покрај присуството во записите од првите десетина века, е манускриптот кој се наоѓа во библиотеката во Будимпешта, на кој е претставена ткаенината за која се верува дека потекнува од првиот век, односно, од времето на Исус. Во 80-те години на 20 век, пак, се извршени испитувања кои научниците ги донеле до заклучок дека ткаенината сепак датира некаде во Средниот век, но набргу потоа овие резултати биле демантирани, оставајќи го отворено прашањето за староста на покровот.

Лицето на Торинскиот покров за прв пат било забележано како јасна слика во 1898 година, кога италијанскиот аматерски фотограф Секондо Пија ги направил првите фотографии на ткаенината. Самата слика на ленот е негатив во сепија боја.
Историскиот изглед на сликата на платното може да се сумира на следниов начин:
– Најран историски запис: покровот првпат се појавил во историските записи во Лиреј, Франција, околу 1350-тите.
– Уметничко влијание: Сликата на платното е во согласност со уметничките прикази на Исус кои почнале да се појавуваат на фрески и икони околу 550 година од нашата ера и на монети до 692 година од нашата ера, што претходи на радиојаглеродниот датум на покровот
– Фотографско негатив откритие: пред фотографијата на Секондо Пија, сликата на платното била многу бледа и тешко се разликувала јасно со голо око. Фотографскиот негатив на Пија неочекувано открил детална, позитивна слика од машко лице, феномен што предизвикал значителен јавен интерес.
– Научно датирање: Во 1988 година, три независни лаборатории извршиле радиојаглеродно датирање на примероци од платното, заклучувајќи дека потекнува од средниот век, помеѓу приближно 1260 и 1390 година од нашата ера. Ова откритие сугерира дека сликата е артефакт од тој период, а не автентична погребна ткаенина од 1 век.





Документарниот филм завршува со очекуваниот заклучок дека Католичката црква официјално никогаш не заземала став за автентичноста на платното, оставајќи им го прашањето на научните истражувања и на личната посветеност на верниците.



Океј, по филмот, музејската посета продолжува во соседната просторија, каде хронолошки се изложени фотографиите што разните мајстори на фотографската уметност, почнувајќи од крајот на 19 век, ги вршеле врз ткаенината, така откривајќи го и лицето втиснато врз неа. Музејот нуди можност да се видат и некои од оригиналните фотоапарати се кои се вршеле испитувањата.











Госпоѓа Франческа не’ чека надвор и ни прави вовед во следната фаза од нашето музејско патешствие. Во ходникот има слики и разни дрангулии поврзани со темата, за на крајот да дојдеме до една врата, и кога ја потргнавме завесата, сосема неочекувано влеговме во една катедрала. Лудило!







Не очекував дека во рамките на музејскиот комплекс постои и катедрала. Но, ако се вратиме малку наназад, ќе забележиме дека на една од фотографиите, горе, над зградите, се гледа камбанаријата која е всушност дел од катедралата во внатрешноста на музејот. Еве потсетување на фотката, да не скролате нагоре:

Какво само пријатно изненадување! Франческа се изнасмеа кога ни ги виде лицата чии изрази се движеа меѓу чудење и фасцинација од присутната убавина.



Всушност, присуствуваме на историја! Ова е катедралата специјално изградена на крајот од 16 век (1598) во која се чувал торинскиот покров кога дошол од Франција и засекогаш се вкотвил во овој италијански град. Изградена по наредба на епископот Доменико дела Ровере, постојната катедрала е во ренесансен стил, а проектот му бил доделен на Мео дел Каприна да Сетињано од Фиренца. Затоа и самиот музеј се наоѓа токму тука, на најсоодветното можно место во градот.



Катедралата била преуредена многу пати во текот на вековите: главнината била обновена во 1656 година, фреските биле проширени во 1834 година и отстранети за време на реставрацијата помеѓу 1927 и 1929 година, но најважната промена направена во оригиналниот проект е вклучувањето на капелата во религиозниот комплекс, во која најпрво се чувал покровот, се’ до 1694 година. Камбанаријата од црвена тула, пак, онаа од фотографијата погоре, позната како Свети Андреја, е подигната од Филипо Јувара нешто подоцна, во 1720 година.


И најважно од се’ е тоа што над олтарот во централниот дел од катедралата е изложена копија од покровот во оригинална големина. Ја прашувам Франческа дали може да се види денешното место каде се чува покровот, а таа ми вели дека реликвијата се наоѓа во катедралата „Свети Јован Крстител“, која има исто работно време како и музејот, од 15 до 18 часот, и дека по завршувањето на музејската тура можам да се упатам натаму. „Грацие Франческа“, се заблагодарувам, и конечно и таа мистерија си добива своја разрешница. Јер ко пита – не скита!!!


ОК, одиме понатаму. Пред да влеземе во подземјето, каде се наоѓа главната музејска просторија со артефактите, најпрво минуваме низ еден ходник на чии ѕидови се обесени плакатите со настаните во минатото, кога широките народни маси можеле да го видат торинскиот покров. Имено, на отприлика секои пет до десет години Светата реликвија јавно се изложува за да можат во живо да ја видат посетителите, кои доаѓаат од разни делови од светот за да присуствуваат на тој свечен чин.




Ко-посетителката која заедно со мене шета низ музејските простории се пофали дека ја носела ќерка и’ на еден од тие настани, кога таа била мала, но не можеше да се сети за која година се работеше. Од изложените постери, забележуваме дека такви настани се случувале во 1931, 1933, 1978, 1998, 2000, 2010 година… Последен пат покровот јавно бил изложен во сега веќе далечната 2015 година, од 19 април до 24 јуни, кога три дена пред затворањето, на првиот ден од летото, на 21 јуни, наминал и Папата Франциск.






Конечно, по скалилата се спуштам во подземјето, каде се наоѓа големата музејска просторија, еден вид сублимат на сето она што досега е видено и раскажано.





Најпрво не’ пречекува скулптурата во природна големина, направена според мерките и големината на телото на човекот кој бил покриен со ткаенината по неговата смрт. Делото е на Луиџи Енрико Матеи од 1998 година. Како воочлив детал, од десната страна на телото има рана од копје. Алузијата е повеќе од очигледна.



Многу посугестивна е изведбата на следната скулптура, која ја потпишува полскиот уметник Бартош Кеска од Закопане. Субјектот Христос е во позиција на воскреснување поради поставеноста на телото, оддавајќи впечаток како да излегува од ткаенината, оставајќи го покровот зад себе.

Круната од трње исто така е впечатлив момент во музејската поставка.

Една од секциите е посветена на книгите во кои низ вековите наназад се пишувало за Светата реликвија, од научен, филозофски, религиски аспект…







Се разбира, и во оваа поставка овде до детаљ се разработуваат деловите од покровот, почнувајќи од дамките од крв останати врз него, претпоставувајќи дека се последица камшикување, до оние на екстремитетите, каде се видливи трагите од клинови со кои Римјаните ги распнувале осудениците.






Кога сме веќе кај научниците, во музејот фино се истакнати нивните истражувања на ткаенината низ децениите наназад, од влијанието и трагите од огнот, водата и восокот, до микроскопските испитувања на влакната.


Добар дел од музејската поставка е посветен на артефактите од минатото на кои е втиснат ликот на Исус инспириран токму од покровот: монети, платна, слики, керамика, медаљони, дипломи… прилично богато и од различни епохи.
















Се разбира, повторно се среќаваме со првиот фотограф кој направил негатив од платното и јасно го потенцирал ликот втиснат во него, Италијанот Секондо Пија, чија камера и краен резултат од 1898 година гордо се истакнати во една засебна музејска секција. Тоа дефинитивно било настан пар екселанс во тоа време, кој привлекол големо внимание, откако фотографиите биле изложени јавно за да можат сите да ги видат.






Пред самиот крај, уште едно потсетување на патот на покровот низ историјата, од истокот кон западот, и крајната дестинација – Торино. Претставени се и капелата во Шамбери, актуелната капела во Торино, но и ковчезите во кои се пренесувала реликвијата од едно до друго место низ вековите. Во музејот се изложени оригиналните ковчези кои се користеле за пренос од Шамбери во Торино во 15 век, но и оној во кој бил чуван покровот се’ до пожарот во 1997 година.










Во музејските простории веќе има две поголеми групи на туристи, едната од Франција, другата од далечниот Исток (Виетнам? Филипини? Тајланд? Неврмајнд!), кои создаваа прилична врева, затоа време беше да фатам џаде.

Последната станица е музејската продавница каде купувам едно ДВД со документарен филм за покровот, но не оној кој го гледавме во кино салата, овој е од понова продукција. Возбуден после ова патување низ историјата погледната низ призмата на торинскиот покров, ја поздравувам старата, добра јазичарска екипа на музејот и се упатувам кон почетокот од денешното патешествие, кон катедралата „Свети Јован Крстител“, која, според Франческа, е отворена уште околу еден час.




Го забрзувам чекорот и набргу повторно пристигнувам пред сјајната порта „Палатина“. Одвојувам минутка-две да ја фотографирам, овој пат од поинаква перспектива.


Потоа зад последниот свиок се појавува најпрво капелата, а потоа и катедралата во сиот нејзин попладневен сјај. Оддалеку забележувам дека вратата е отворена за посетителите, откако неколкумина влегоа внатре, и се упатувам онаму каде што на најдобар можен начин ќе ја заокружам оваа приказна.




Торинската катедрала, или Катедралата на Свети Јован Крстител, е римокатоличка катедрала, седиште на Архиепископите на Торино. Изградена е во периодот 1491–1498 година, веднаш до камбанаријата изградена во 1470 година. Дизајнирана од Гуарино Гуарини, капелата на Светиот покров била додадена на структурата во периодот 1668–1694 година.
Влегувам во катедралата во која во моментот завршуваше мисата и посетителите во централниот дел стануваа од своите столчиња. Внатрешноста изгледа вознемирувачки убаво, со сите детали што го одземаат здивот. Активни се и страничните исповедалници, во кои луѓето си ги кажуваат маките на свештените лица.




Јасно истакнатите знаци упатуваат кон левиот коридор од катедралата, каде на крајот се наоѓа застаклениот дел зад кој се чува торинскиот покров. Повторно ме обзема возбуда, можеби и поголема од онаа пред пристигнувањето во музејот пред два ипол часа. Сепак, ова е МЕСТОТО!


Пред светилиштето е нагласено дека се наоѓаме на место на кое секој додатен шум од страна на обичниот смртник е сосема непотребен. Се разбира, го почитувам(е) тоа. Ми се допаѓа она „тишина“ на кирилица 😉

Конечно, допир со местото на кое во специјални услови се чува реликвијата со сета неколкувековна историја зад себе. Повеќето од посетителите чучнуваа на колена и се прекрстуваа пред светилиштето, а потоа седнуваа на скромните клупи наспроти, најчесто тивко говорејќи одредена молитва во себе.


Кога сме веќе кај молитвите, „Оче наш“ е приложена на десетина јазици, и оние што ја подзаборавиле, или пак никогаш не ја практикувале, во моментот можеби би посакале да ја изговорат на ова свето место. Ги фотографирав оние на руски и англиски јазик, за мир во светот и за баланс во космосот.



Едноставната поставка предизвикува стравопочит. Тишината добива полнозначност, а посетителите достоинствено се соочуваат со моментот дека се толку блиску до реликвијата во која (можеби) престојувало телото на Спасителот. Тие десетина минути навистина нема никогаш да ги заборавам, бидејќи беа исполнети со едно поинакво значење, со една животна елеганција во која сопственото постоење на овој свет, во тој момент, го доживувате сосема поинаку.




Почувствував дека треба да им отстапам простор и на другите посетители кои дојдоа во меѓувреме, бидејќи се ближеше времето за затворање на катедралата. Ги користам преостанатите моменти за да ги фотографирам старите оргули, како и гробот пред иконостасот кој не знам кому му припаѓа, а на крајот и просторот за молитва од спротивната страна од онаа каде се чува Светиот покров.




За последен пат се вртам, погледнувам кон светилиштето на Светиот покров, го фотографирам, потоа влегувам во сувенирницата од каде симболично купувам една мини отворена книга со ликот од покровот и молитва на италијански јазик, и заминувам.


Но, тоа не е се’! Сигурно не претпоставувавте дека во една ваква богата репортажа поврзана со торинскиот покров ќе прочитате „топ-шоп“ слоган, но ете, се случи и тоа „чудо“! 😉
А зошто? Па затоа што останав должен за онаа приказна од почетокот, за капелата на кралскиот музеј. Во нејзината убавина се уверив пред крајот на мојот престој во Торино, кога штрајкуваше аеродромскиот персонал низ цела Италија, и мојот лет беше одложен за следниот ден. Се разбира, со тоа ми направија прекрасна услуга, подарувајќи ми гратис ден престој во градот. Фала браќо Италијани!


Кралскиот музеј на семејството Савој, по малата пауза поради реставрација, веќе неколку дена е ре-отворен за посетителите. Тој дефинитивно изгледа како палата која одиграла историска неколкувековна улога во овој дел од Европа. Неколкуте крила нудат богати содржини за кои најавив дека ќе пишувам во првата следна прилика, а сега правец кон капелата која во 1997 година доживеа голем пожар.


Капелата на светиот покров е специјално изградена за да се смести ленената ткаенина со отпечаток на ликот што христијаните го идентификуваат со расчинетиот Христос. Познатата реликвија, во сопственост на семејството Савој од 1453 година, сега се чува во посебно светилиште на крајот од левиот коридор на катедралата „Свети Јован Крстител“, како што видовме и претходно.
Конечно, се’ ми е јасно! И многу ми се допаѓа тоа што покровот веќе не се чува во оваа велелепна капела, туку во застаклениот простор долу во катедралата, каде што можат да го посетат и обичните смртници, а не само оние што ќе платат билет за посета на кралската палата/музеј. Не баш сите можат да си го дозволат тоа. Браво-брависимо!!!



Изградбата на капелата, која започнала во 1607 година, добила одлучувачки поттик со доаѓањето на архитектот Гуарино Гуарини, истакнат математичар и еден од најголемите протагонисти на европскиот барок. Ангажиран во Торино во 1666 година, Гуарини осмислил структура што се спротиставува на секој архитектонски канон, вметнувајќи на претходно постоечкото цилиндрично тело нов волумен составен од три големи лакови што се наведнуваат навнатре.



Тамбурот е осветлен со шест високи прозорци што наизменично се менуваат со столбови со вдлабнатини, а куполата е замислена како бестрашна кула-реликвијар, спектакуларна проѕирна архитектура со шест нивоа на преклопувачки и скалести лакови што се спојуваат во ѕвезденото сонце поставено на врвот, каде што се издвојува гулабот на Светиот Дух. Издигнувањето на капелата, во преплетувањето на нејзините различни елементи, во вниманието кон декоративните и симболичните детали, во важноста што се дава на придонесот на светлината, е неспореддлива со било што во западната архитектура.



Изградбата на капелата била завршена под водство на Гуарини сè до неговата смрт во 1683 година. Во 1694 година, покровот бил преместен во импозантниот двоен централен олтар дизајниран од Антонио Бертола, каде што останал до 1993 година, кога бил поставен во светилиштетот на левиот коридор во катедралата. По обемниот пожар што избувнал во ноќта помеѓу 11 и 12 април 1997 година, капелата на Светиот покров била подложена на сложена интервенција на реставрација, сè додека не била повторно отворена за јавноста на 27 септември 2018 година.


Љубопитноста ми наложува да ѕирнам отстрана и да видам дали оваа прекрасна капела на некој начин е поврзана со светилиштето во катедралата каде се чува покровот. Се разбира дека е така, со тоа што, нормално, скалилата кои водат надолу се затворени.


Ми преостанува да го фотографирам светиот простор од птичја перспектива од централното стакло во капелата, забележувајќи дека во моментот има посетители, бидејќи се работи за време кога катедралата е отворена, меѓу 15 и 18 часот.

Тогаш забележувам и дека од оваа точка се пружа и фантастичен поглед во ентериерот на целата катедрала, кој во далечина завршува со една од варијантите на тема „Тајната вечера“, слика која не ја забележав кога пред некој ден ја посетив катедралата. Прекрасно!

Добро, чинам дека е време да го привршам ова торинско патување, раскажувајќи една од најфасцинантните приказни, заокружувајќи го ова поклонение повторно со констатацијата дека „светот е составен од приказни креирани од човекот, и без разлика дали се тие вистинити или не, без разлика дали сакаме да веруваме во нив или не, сепак е необично привлечно да се чуе и да се биде дел од една прекрасна сторија, а оваа за торинскиот покров е една од најубавите во човековата историја“.

Ви благодарам на вниманието и на одвоеното време, се надевам дека уживавте 😉
