Уморен

„На оној кој премногу се бунтува

му останува снага само за разочарување“. Емил Сиоран

Уморен сум

од отровот на социјалните мрежи

без обид за конструктивна дискусија

Уморен сум

од долгата транзиција

која на сите ни ги (с)крати крилјата

Уморен сум

од тоа што можам јас да направам за државата

а не таа за мене

Уморен сум

од чекање на црвеното светло на семафорот

додека пар автомобили поминуваат низ него неказнето

Уморен сум

од купување на кинески раткапни

кога знам дека ќе отпаднат на следната дупка

Уморен сум

од давање љубов

и потребата да ми биде возвратено

Уморен сум

од барање љубов

и потребата да возвратам со иста сила

Уморен сум

од улогата на добар родител

кога на крајот од годината на сите ќе им стават петки

Уморен сум

од уморот на другите

чии очи го изгубиле сјајот

Уморен сум

од плукањето на другите

додека истовремено создаваат идентични кланови

Уморен сум

од среќата во малите нешта

нетрпеливо очекувајќи го Големото Нешто

Уморен сум

од потрагата по живот на Марс

кога очигледно се работи за една голема пустина

Уморен сум

од болката во вратот

и нејзината метеоролошка прецизност

Уморен сум

од заморот на материјалот

летаргијата и безизлезноста

Уморен сум

од неуморноста на уморувањето

и покрај позитивниот пристап кон животот

Уморен сум

Од толку многу издадена поезија

која ретко кој ја купува

Уморен сум

од мислата дека ова е сјајна песна

а на останатите поети се за во ѓубре

Уморен сум

Генерално сум уморен

Нивната цел е да те уморат

И на крајот успеваат во тоа

Неуморен!

Песната е дел од расказот „Слобода“ („Двојна експозиција“, ИЛИ-ИЛИ, 2022)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *