пишува: Гоце Смилевски
Иако станува збор за негова прва книга, со дваесетината раскази понудени во збирката „Кротки приказни“, Игор Анѓелков се докажува како автор кој умее да го води раскажувачкото дејствие по углед на најсовремените светски текови на она што денес во светот се нарекува short story, кој ја исцизелирал својата реченица и кој вешто знае да создаде атмосфера во рамките на кусата форма.
Градејќи ги композициски своите кратки раскази со нагласено чувство за елиптично раскажување, при што најчесто сопоставува две дејствија кои се надоврзуваат едно на друго, а помеѓу нив постои временски интервал кој предизвикал важни промени за кои читателот ќе биде свесен дури во втората половина (во најголем дел при самото финализирање) на расказот, Анѓелков покажува судир во рамките на еден, на прв поглед, ист свет, со што постигнува особен ефект – во секој расказ не’ води кон конкретна поента, при што поентирањето кај него секогаш има и карактер на изненадување за читателот.
Во некои од своите раскази Анѓелков покажува склоност кон интермедијално дијалогизирање, во други пак не се откажува од инкорпорирање во нив на дискурс кој, во најубава смисла на зборот, кокетира со философскиот. Во тие раскази, надоврзувајќи се на современите мислители (Бодријар, на пример), тој дава една сопствена визија за светот и постоењето, но не со цел истата да ја наметне како можна философска поставка, туку секогаш во релација со раскажувачкото дејствие, притоа никогаш не останувајќи на негово интелектуализирање, туку стремејќи се кон спојување на приказната и медитативниот дел, со што се постигнува доведување на секојдневното на метафизичко рамниште.
Една од спецификите на оваа збирка раскази е тоа што постои посебен „влез“ во неа со помош на кус дијалог (и начинот на водењето на овој дијалог, и темата за која тој говори, го прави да биде читан како современ зен коан), и „излез“ од неа (преку трите „парчиња“ со сличен наслов кој, освен што означува крај на едно постоење, метафорично го најавува и крајот на едно книжевно дело). Уште една забележлива карактеристика е и специфичната поставеност на насловите – тие секогаш се наоѓаат на крајот од расказот, што не е евтин творечки трик, затоа што претставува игра со особена улога во веќе споменатата вештина на поентирањето изразена во овие куси раскази.
Со оглед на тоа што во последниве години кај нас дојде до извесно занемарување на книжевната форма дефинирана како кус расказ, а особено имајќи ги предвид вредностите кои ги поседува збирката „Кротки приказни“, верувам дека по нејзиното објавување македонската литература ќе биде збогатена со дело кое, без сомнение, ќе предизвика особен интерес и кај критичарите и кај читателската публика.