Во пресрет на денот кога човечката нога за прв пат стапна на Месечината (21 јули 1969), излегоа интересни податоци кои велат дека ние, Земјаните, досега сме оставиле над 200 тони ѓубре на нашиот небески „придружник“. „Луѓето веќе оставиле зад себе околу 200 тони опрема и отпад на Месечината – од чизми и лопати до фрлени ранци и срушени вселенски летала. Овие остатоци, оставени од минатите мисии, формираат неочекуван слој од човечката историја расфрлана по површината на Месечината“, вели истражувањето.

Научниците велат дека во суровата, безвоздушна средина на Месечината, на овој отпад би можеле да му бидат потребни до 100 милиони години за природно да се разгради. Без атмосфера и микробен живот што ќе помогне во распаѓањето, лунарниот отпад останува практично замрзнат во времето. Еве само дел од она на што некој случаен минувач може да наиде на Месечината, ако случајно или намерно се прошета по нејзината површина:
- повеќе од 70 вселенски летала, вклучувајќи ровери, модули и урнати орбитери
- 5 американски знамиња
- 2 топки за голф
- 12 пара чизми
- ТВ камери
- филмски списанија
- 96 кеси со урина, измет и повраќаници
- неколку импровизирани копја
- разни чекани, машинки, гребла и лопати
- ранци
- изолациски ќебиња
- крпи
- употребени влажни марамчиња
- комплети за лична хигиена
- празни пакувања со вселенска храна

- фотографија од семејството на астронаутот на Аполо 16, Чарлс Дјук
- пердув од маскотата-сокол на Воздухопловната академија, користен за спроведување на познатиот експеримент „чекан-пердув“ на Аполо 15
- мала алуминиумска скулптура, почит кон американските и советските „паднати астронаути“ кои загинаа во вселенската трка – оставена од екипажот на Аполо 15
- парче од мисијата Аполо 1, која заврши предвреме кога оган го зафати командниот модул за време на вежбата во 1967 година, при што загинаа тројца американски астронаути
- мал силиконски диск со пораки на добра волја од 73 светски лидери, оставен на Месечината од екипажот на Аполо 11
- сребрена значка, оставена од астронаутот на Аполо 12, Алан Бин
- медал во чест на советските космонаути Владимир Комаров и Јуриј Гагарин
- лиена златна маслинова гранка оставена од екипажот на Аполо 11

Додека човештвото се подготвува за нов бран на лунарно истражување, вниманието се насочува кон ова наследство од вселенски отпад. Вселенските агенции почнуваат да истражуваат иновативни начини за рециклирање, пренамена или отстранување на овие напуштени материјали. Некои организации дури и започнаа глобални предизвици за да најдат креативни решенија – од претворање на стариот отпад во градежни материјали за идните лунарни бази, до трансформирање на остатоците од метали во алатки или засолништа.

Целта не е само да се зачисти по минатите мисии, туку да се развијат одржливи практики за следната ера на вселенско патување. Додека се подготвуваме да се вратиме на Месечината – и евентуално да останеме таму – управувањето со нашиот лунарен отпад станува поважно од кога било.
По сето горенаведено, конечно можеме да здивнеме и да и’ го покажеме средниот прст на нашата „небеска сестра“, која испаѓа дека е далеку позагадена од нас овде, во Македонија.

„Ало, Селенити, дај зачистете малку, не бидете мрзи“ 🙂
