„Ние” и „Тие”

Еднаш еден пријател се обиде да ми ја објасни разликата меѓу “нас” и “нив”, иако не беше јасно кои би требало да сме “ние” и “тие”. Пријателот, по престојот во Америка, се враќал во Европа, крај него седела постара госпоѓа која на неговото прашање “каде патува?” невино одговорила: “Во Европа. Во Минхен… Тоа е град во Европа, зар не?” Откако добила потврден одговор, госпоѓата заспала не будејќи се се’ до слетувањето на минхенскиот аеродром.

“Сфаќаш во што е разликата? Таа не знаеше дали Минхен е во Европа, но стопроцентно беше сигурна дека ќе стигне таму. Затоа толку мирно заспа. Ние”, – овде пријателот без да ме праша ме вклучи во својот “клуб”, – “доаѓаме од друга култура, каде во ништо не можеме да бидеме сигурни, ние во ништо не можеме да имаме доверба. Не можеме да бидеме сигурни дека сме тоа што сме, дека утре ќе бидеме тоа што сме денес, не сме сигурни во јазикот што го говориме… Ете, се утврди дека говориме три јазици, а мислевме дека е еден. Не сме сигурни во границите, во режимите, во историјата, во државите (ете не’ во некоја друга држава, а притоа не сме ни станале од креветот), не сме сигурни дека сликите што ни се одигруваат пред очите навистина се одигруваат. Ние не веруваме никому затоа што нас редовно не’ изневеруваат. Сфаќаш колку тешка, исцрпувачка, голема и нерешлива фрустрација е тоа?

Затоа, додека тие мирно ‘рчат, ние се грижиме за се’ и сешто! Додека сопатничката мирно ‘рчеше, јас во воздухот, над Атлантикот, во мислите ги листав сите грижи на овој свет, сите неправди што ми ги нанеле, сите историски рани што ми ги задале… Се вратив се’ до турските зулуми врз нас! Паралелно со сето тоа, со мислите го контролирав пилотот, зашто во нив, во пилотите, па ич не можеш да бидеш сигурен…!”

Извадок од “Лисица” (Фрактура, 2018), Дубравка Угрешиќ