Архива за месец: август 2020

Лидија Димковска и Алеш Мустар, поезија

Во овој поетски прилог, по една ангажирана песна од македонската поетеса и романсиерка Лидија Димковска и словенечкиот поет и преведувач Алеш Мустар, од нивните збирки „Црно на бело“ и „Средни години“, дел од едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ.

Читај повеќе

BLACK IS BASIC – 50 години творештво на Мице Јанкуловски

Од 18 август до 15 септември,  љубителите на ликовната уметност се во можност да проследат една изложба од светски калибар. Во Националната галерија на Македонија, објект „Мала станица“, во тек е изложбата насловена „МИЦКО, Мице Јанкуловски, 50 години творештво“, со која уметникот го одбележува своето присуство на уметничката сцена пет декади во континуитет. Иако првично најавена до 28 август, сепак поставката која содржи 150 слики во 50 полиптиси, под кураторство на Корнелија Конеска, доби зелено светло за уште петнаесетина изложбени денови, што е одлична можност за оние кои не ја посетиле, да го сторат истото во следниот период.

Читај повеќе

Сарајот на Нијази бег – дом на Ресенската керамичка колонија

Поради големите турканици на охридското крајбрежје, ова лето вистински избор за летување (беш)е Преспа поради нејзината природа и убавините кои ги нуди. А кога сте веќе таму, секако дека мора да го посетите Ресен, кој се наоѓа на петнаесетина километри од крајбрежјето, и особено неговата репрезентативна знаменитост, Сарајот (Дворецот) на Нијази бег, кој денес претставува градски Дом на култура, во чии рамки може да се видат две исклучителни поставки. Во овој текст ќе ја претставиме онаа на првиот кат, која содржи преку 400 експонати од угледната и почитуваната Ресенска керамичка колонија.

Читај повеќе

Беба

Од високата кула, во која често навратував за да се возам со лифтот до кровот, имаше најубав поглед врз околните згради, паркот и кривулестиот тек на реката Вардар. Легнував на стомак, цврсто прилепена до жешкиот катран на самиот раб од педесетметарскиот лет кон смртта, и набљудував. Некогаш носев и семки од кајсии за да се пошегувам со минувачите. Тука, од високо, работите изгледаат поинаку, можеби заради стравот. Тополите не се толку високи, а јајцата во гнездата на враните и страчките се на дофат. Ги сакав овие висински прошетки и не ги кажував никому, заради девојчето од полициската зграда, чиј лик се најде на банкнотата од 10 динари кога успеа да го преживее падот од петтиот кат, благодарение на живата ограда. Не сакав да ја ставам на испит мојата среќа.

Читај повеќе

„Сите наши тела“, четири куси раскази

Лупење јаболка

Има движења што го будат минатото. Бавно лупам едно јаболко со џебно ноже (џебно ноженце, го викаа некогаш), набљудувам како се вие спиралата на кората, го бришам јабол­ковиот сок по ножето. Мојата рака се сети за раката на татко ми која се сети за раката на дедо ми. Не јас, туку мојата рака помни. Не јас, туку дедо ми ги лупи јаболката. И сите тројца подголтнуваме задоволни.

Читај повеќе

Живко Чинго, расказ

Скопска усвитена жега. Болскотна острица на летото ис­посекла и ослепила сѐ околу себе. Бавност и подзамижаност. Никој да мрдне, ништо да претне. Малкуто дрвца во уличето скржаво си ги чуваат скудните ладовинки. Само за своето проретчено лисје. Половина Дебар маало заминало да се капе во какви било води, другата половина ете ја заточена во своите затемнети, климатизирани зандани. Вештачка подносливост зад смекнатите за’рѓани решетки на запарата. Марјан ја тресна вратничката од дворот и со брзи чекори се упати кон „Идадија“. Да се напие едно кафе додека сврти некој телефон. Ги сакаше карираните чаршафчиња, особено кога ќе ги засука некој безобразен ветар, а пепелникот и ка­рафиндлот гордо ѝ ја чуваат честа на масата, не дозволувајќи да биде угол гола. Немаше ни најмало ветре, ама желбата за ненадејна алина му го помести непослушното перче на проќелавената глава.

Читај повеќе

Исечоци од два (или еден разделен на два) живота

пишува: Калина Малеска

На почетокот од Шрапнел на Игор Анѓелков, раскажувачот ни навестува роман што во прв план ќе се фокусира на метафикциски теми: процесот на пишување, методите, стилот на конструирање на приказната, прашањето што е она што еден роман го прави успешен. Она што, всушност, се случува во Шрапнел е исечок од два (или еден разделен на два) живота, оставајќи ги метафикциските теми суптилно во позадината на животните приказни.

Читај повеќе

„Облици на моќ во современата книжевност“ од Калина Малеска

Денес од печат излегува новата книга на Калина Малеска насловена „Облици на моќ во современата книжевност“. По збирката раскази “Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и книгата за деца „Арно ама“ (2018), ова е трета книга на Малеска во издание на ИЛИ-ИЛИ, овој пат како дел од истоимената есеистичка едиција.

Читај повеќе

Како топката и сликичките да се спасат од Баже, расказ

СЛИКИЧКИ

Кога се вселија во новиот стан, Дамјан воопшто не сакаше да излегува. Постојано велеше дека надвор му е здодевно, па мама шеташе само со Марко. Дамјан доаѓаше единствено кога ќе му ветеа дека ќе му купат сликички за Светското првенство 2014 во Бразил.

Читај повеќе