ИЛИ-ИЛИ ја издаде збирката раскази „Далеку од Ирска“ на класикот Вилијам Тревор, како 214 издание во едицијата „ПРОаЗА“. Ова е прв превод на негово дело на македонски јазик, за кој е „виновен“ Ацо Пероски.
„Далеку од Ирска“ е избор од расказите на Вилијам Тревор кои ги обединува тоа што дејството е сместено надвор од родната земја на авторот но во кои Тревор го истражува познатиот терен: малите таги и радости што што го сочинуваат нашето секојдневие. Во расказите во оваа книга можеме да го засведочиме елегантниот и луциден стил на овој автор.
Магазинот „Паблишерс викли“ за авторот напиша: „Тревор е мајстор на кратката фикција. Неговата внимателно напишана, лирска проза, истовремено иронична и елегична, е невозможно да ја испуштите од раката. Неговите приказни се длабоки, емотивни и незаборавни.“
Вилијам Тревор (1928-2016) е класик на ирската книжевност. Пишувал романи, драми, есеи, книги за деца, но најзначаен е како автор на раскази. Во жанрот на кратката проза Тревор е добитник на некои до најзначајните награди од англиското говорно подрачје. Некои од неговите позначајни романи се „Два живота“, „Патувањето на Фелиција“, „Смрт во лето“, „Приказната за Луси Галут“, „Љубов и лето“. Расказите на Тревор се објавувани во повеќе од дваесет збирки, публикувани во период од пет децении.