Сликата „Ecce Homo“ на Тицијан, создадена околу 1543 година, е единственото дело на венецијанскиот мајстор во Романија и воопшто, во Источна Европа. Изложена во општинскиот музеј „Регина Марија“, делото е под строг надзор заради нејзината непроценлива уметничка и историска вредност. Ова иконично парче уметност, симбол на италијанската ренесанса, не само што го збогатува локалното наследство, туку привлекува и меѓународни експерти и посетители, истакнувајќи се како уникатно културно богатство во регионот.

Сликата е дел од серијалот на италијанскиот сликар со ист наслов и не треба да се меша со онаа, големата и најпознатата „Ecce homo“, изложена во виенскиот уметничко-историски музеј.

Сликата на Тицијан се смета за една од најуспешните претстави на Исус во ренесансното сликарство. Таа е најрепрезентативно дело во музејот „Брукентал“ во Сибиу, мало гратче на околу 200 километри од романската метропола Букурешт. Колекцијата составена од 1200 слики на европски уметници од 15 до 18 век која му припаѓала на баронот Самуел фон Брукентал е постојано изложена во музејот, кој секоја година го посетуваат многу туристи од целиот свет. Одвреме-навреме некоја од сликите, како „Ecce homo“, знае да биде „позајмена“ за локална презентација, како во случајот со општината од почетокот на текстот, оттаму и таквото обезбедување околу ова ренесансно ремек-дело.

Тицијановата слика која во 1968 година била украдена заедно со други седум дела ни дава претстава на Христос кој сè уште го задржува своето целосно царско достоинство, и покрај понижувањата на кои бил подложен. Добрите познавачи нагласуваат дека во претставата на Христовите црти, сликарот инсистира на неговите мачни, но заповеднички очи, долгиот и моќен врат, неговите мажествени гради и елегантните раце кои го држат бамбусовото копје (атрибут што го означува очекувањето на смртта) што служи како жезол.