Политичката авантура на Зоран Аврамчев

– Зошто! Зошто! Зошто! – си ја чукаше главата Зоран Аврамчев, чија приказна заслужува роман или барем некое социолошко-политиколошко истражување, ама ајде, еве ја вака, накратко.

Почна додека тој брзаше накај Агенцијата за вработување, да го фати рокот за поднесување документи за вообичаената предизборна еднократна помош за невработени. Значи, нема потреба од опис на неговото расположение.

А се чинеше дека слично страда и некое детенце од јаслите на градинката крај која минуваше, чиј предолг плач, што можеби можеше да биде запрен, ама не и утешен, му ставаше капак на целото звучно загадување.

Зоран веднаш почувствува дека ова не е обичен плач од некоја детска незадоволеност или, тамам работа, бес. Само реторски се праша од каде толкав очај во овој рев, зашто знаеше дека не може да не знае: детенцето покажуваше колку е озрачено од стресот на сите, од сеопштата трка по пари, на што се сведува не само преживувањето, одржувањето или искачувањето на грабливците и пленот по синџирот на јадачката, туку и животот каков што е.

„Но, зошто оваа трка е толку безмилосна и бескрупулозна?“ – допраша во себе Зоран Аврамчев, сеќавајќи се дека не била таква отсекогаш, барам не во спомените на татко му и мајка му, кои не оти не се жалеа, ама повеќе ги жалеа младите, велејќи им: „Тешко вам допрва.“

И сфати дека го има и овој одговор: безобразлукот на трката по пари зависи од мерата во која човек е спремен да се продаде или предаде себеси, зашто постојаното зголемување на оваа спремност сѐ повеќе ги настрвува и ги прави поневнимателни оние кои безрезервно се оддале на правење пари да ја претвораат во капитал. Следствено, ним, а и на сите други, парите одамна не им требаат за купување на реално потребни нешта, што може да се или предмети или услуги (останатото потребно, нели, не се купува). Туку за да можат да купат други луѓе, нивната почит, стравопочит или барем само страв. Квалитетното јунешко месо по хранливата вредност, а и естетски – вклучително и по вкусот, не заостанува зад вагу бифтекот – во најмала рака не колку што сугерира разликата во цената, ама… плачот на детенцето не престануваше, а Зоран престана да го слуша само зашто се оддалечи по својот пат.

Поминувајќи крај една зграда со залепен оглас дека тука се издава деловен простор, тој виде како од влезот излета еден лик со цигара в рака, кој сакаше да изгледа опасно според некое негово сфаќање за мангуп. Носеше пилотска јакна од рефлектирачки материјал на кој се прелеваа сите бои, спуштена на долниот дел од грбот како појас, одвај два-три сантиметри закопчана со патент за да не падне сосем; подолу модна варијанта на војнички панталони, а најдолу високи подуени бели патики од неспортска марка. Вртејќи ја главата простачки по една минувачка, ликот полека дуваше чад, со устата испрчена како за свиркање, а бејзбол капчето го помести уште поназад иако веќе му беше на тилот.

Зоран почувствува дека му недостига сила на толеранција и за вакви појави кои обично не си дозволуваше да го тиштат, односно му се зголеми нервозата. А неколку чекори потаму му се одврза и патиката – не престануваше да се чуди зошто врвците почнаа да се разлабавуваат толку лесно последниве години, колку и цврсто да си го стегнал јазолот. Кога се наведна да ја преврзе, му паднаа очилата; за среќа, на патиката, па не се скршија. Ама едното стакло испадна од рамката, што му се имаше случувано и порано. Лесно го намести, но немаше со што да го избрише, а бидејќи враќањето во рамката подразбираше многу фаќање, со едното око гледаше замаглено.

Кога стигна до Агенцијата за вработување, затекна таква гужва и хаос што набрзо запиштеа и сирени на итната медицинска помош. Немаше смисла да застане да чека во редот, кој и не се знаеше каде е, ако воопшто го имаше. Џабе дојде, а ќе мора пак да си ја проба среќата попладне, пред крајот на работното време – си рече дека тогаш можеби ќе има помалку гужва.

Без разлика, денот му беше загубен. И јасно е дека сѐ што досега му се собирало постепено, колку да успее да се справи, сега му се натрупа одеднаш, пребрзо за да може да го соџвака, додека загадениот воздух му се лепеше и на забите.

Враќајќи се назад, дојде до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ кој повеќето уште го викаат „Иво Лола Рибар“. Почека да помине налетот возила и тргна по пешачкиот премин што преку сообраќаен остров закосува влево, во правецот на римокатоличката катедрала „Пресвето Срце Исусово“, која сите ја викаат Католичка црква. И одеднаш одлево му загрми. Црн спортски седан.

На возачот очигледно не му се чекаше пешакот да помине, па проба да се шмугне зад него без да прикочи. До контакт не дојде за влакно, ама од рефлексната реакција на Зоран Аврамчев, очилата одлетаа барем два метри. Дефинитивно простувајќи се од нив, тој позелени и заврти полукруг за да удри најсилно што може со двете тупаници по хаубата на седанот кој застана, веројатно за извинување. Зоран, нормално, и да не беше заслепен од бесот, воопшто немаше да види простор за извинување, па откако возилото со полукружен рикверц се премести на сообраќајниот остров за да се расчисти патот, а потем и спорот, тој дојде до возачката врата и му удри неколку шлаканици и на покривот.

Само што почна да се спушта затемнетото стакло, протна и еден директ, што го очеша челото на возачот. Вратата силно го турна, а од неа излезе висок, виток, спортски граден човек, во кој веќе насобраните минувачи веднаш го препознаа Цветан Стојанов-Тарабата, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Но, не и Зоран, кој не следеше вести во кои се застапени вакви профили, макар што ако му го кажеа името, ќе се сетеше – го имаше забележано во туѓи муабети, луѓето го изговараа значајно.

Нему возачот му заличи на италијанскиот актер Козимо Фуско во серијата „Триесет парички“: црни одело и кошула, со тоа што го немаше белиот свештенички квадрат на јаката, но имаше исти испакнати јаболчни коски, густа коса зачешлана наназад, намачкана со средство за влажен изглед, и природно поткренати веѓи во остар лак кои на погледот му даваа недоверливо испитувачки израз.

Тарабата стоеше долги две-три секунди до отворената врата, спроти Зоран Аврамчев, ѕвечкајќи одвај чујна закана со зглобот на раката на која имаше гломазен часовник со метално ремче. Како да не можеше да поверува дека противникот не сфаќа со кого си има работа.

Сведоци на сцената останаа само двајца најхрабри минувачи, момче и девојка која шеташе преубав доберман со некупирани уши; таа дури и снимаше со телефонот, од зад грб на Тарабата. Останатите си продолжија по својата работа, уверени дека така им е најпаметно.

Зоран не беше страшливец. Како дете знаеше да се степа кога требаше, а се плашеше само да не го удрат така што стаклото би му завршило в око (очила носеше од четврто одделение) или на друг начин што трајно би му го сменил личниот опис.

Имајќи ги предвид споменатите опасности, брзо научи колку е важно да направи стартна и по можност ненадоместлива предност во тепачките.  

Неговата десна нога нагло полета, за петата да ѝ заврши во стомакот на Тарабата. Погодениот се свитка со лицето изобличено од болка, кога десно кроше го погоди веднаш зад левото уво, и директорот на УБК падна како покосен.

Полиција уште немаше, а до Зоран кој се тресеше од возбуда дотрчаа сведоците кои снимија сѐ: момчето и девојката со доберманот. Не се противеше кога го фатија подрака и го понесоа. А се освести дури кога застанаа, односно кога девојката почна возбудено да му зборува (беа на аголот на улиците „Роза Луксембург“ и „9-ти Мај“ – Зоран си го знаеше маалото).

И таа најпрво не му веруваше дека не знае кого натепал.

Па му кажа дека Цветан Стојанов-Тарабата е најопасниот човек во државата. Оти бил шеф на тесна и тесно здружена клика моќни луѓе од власта и од подземјето која контролирала сѐ. Со момчето се претставија како членови на движење кое бара промени: правда, еднаквост, да ѝ се стави крај на неказнивоста итн. На Зоран особено драматично му ја прикажаа опасноста во која се наоѓал сега: му рекоа дека извесна заштита ќе му биде видеото што веднаш ќе го објават, со објаснување на случајот, но најдобро ќе било да дојде со нив и да се запознае со луѓето и целите на движењето, кои не можело да не му се блиски, а вечерта да се појави и на протест, во првите редови.

– Тарабата нема да ти може ништо ако се легитимираш така, зашто е предизборие, не смеат да си дозволат скандали – објасни момчето.

– Човеку, ќе те згазеше на пешачки! Школски пример за нивната ароганција! А ти ја истера правдата! Го разби! Никој не знае дека не знаеше кој е! Нашата борба не можеше ниту да посака подобар симбол! – издекламира девојката погледнувајќи показателно во своето момче, кое ја беше презело борбата со доберманот, кој пак влечеше на своја страна.

Зоран Аврамчев ќе ја сфатеше опасноста и без драматизирањето, не требаше да му се објаснува како на дете. Тој си ги немаше обновено информациите, не ги знаеше новите актери на политичката сцена, но тертипот му беше познат.

Тргна со нив, сѐ до една голема, модерно опремена канцеларија во Капиштец.

Движењето се викаше „Превезот на правдата“, а паролата му беше (напишана партизански со четка и црвена боја на бело платно што воопшто не му прилегаше на хај-тек амбиентот): „За правдата да ни се врати, прво треба да ѝ го вратиме превезот на очите“. Налепници со соодветно лого, црн правоаголник, имаше по сите лаптопи и бироа во канцеларијата, а и на устата на една биста (Зоран не го препозна портретираниот, па прочита на постаментот дека е Монтескје), која кога ја загледа, му рекоа оти ја галат како ламбата на Аладин за да излезел духот на законот. Членовите на движењето беа главно млади, еуфорични и наивни, но можеа да фрлат прашина в очи со жестокоста на настапот полн револуционерен патос.

Видеото од пред Католичката црква само на Jутуб собра над педесет и осум илјади прегледи за неполн час. Опозициските портали веќе го славеа Зоран Аврамчев како народен херој. Провладините се жалеа дека директорот на УБК бил наместен, влетал во замка на движењето „Превезот на правдата“, кое му ја дознало патеката на движење и испратило свој член да му излета на патот, а откако Цветан Стојанов навреме закочил и совесно излегол од возилото за да види како е човекот кој непрописно го минувал булеварот, група од движењето кукавички го нападнала и крвнички го претепала. Порталите блиски до власта додаваа дека видеото што се шири на интернет не е целосно: членовите на движењето „Превезот на правдата“ кои го снимиле, го оставиле само делот што одговара на нивната интерпретација. Па, пренесуваа и изјава од портпаролот на владејачката партија, во која се велеше дека маските паднале, и сега, наспроти опозициската пропаганда, дефинитивно било јасно кои се насилниците и како тие сакаат да ја преземат власта (на движењето со кое го поврзуваа лицето Зоран Аврамчев, на возраст од триесет и две години, му ја одрекуваа секоја независност, особено во однос на опозициската партија). Директорот на УБК се воздржал од давање изјава, но и од пријавување во полиција, оставајќи народот да пресуди, на изборите.

По сѐ што слушна за Тарабата, на Зоран му беше неверојатно таков човек да му го прости понижувањето; да се помири што сите го виделе како паѓа нокаутиран по два удара.

– Очајничка ситуација за власта, очајнички потези – му рече еден од членовите на „Превезот на правдата“.

Што сакал да му каже, Зоран тамам виде вечерта, на протестот.

Насобраната маса пред зградата на Владата се ширеше не губејќи ја густината до реалистичните лавови на мостот „Гоце Делчев“, а продолжуваше незначително проретчена и преку стилизираната варијанта на големите мачори, губејќи се под мостовската платформа за некогашната стоковна куќа „Мост“. И на дунстер за политика би му било јасно дека владата паѓа.

Овде мора да се каже дека Зоран Аврамчев веќе не следеше политика зашто ги потроши сите илузии оти со другата партија на власт би можело нешто да се смени – во неговата претстава константа на таа истост беше секогаш истиот партнер во владата од политичкиот блок на втората најбројна заедница во државата.

А сега, односно претходно во текот на денот, му кажаа дека ќе го повикаат на бината да се обрати, и тој се согласи иако беше свесен оти одлучува полусвесно. Откако се фати на орото, чувствуваше јасна подвоеност, како да гледа возбудлив филм, и дел од свеста му е во филмот, соживеана, а дел само гледа, од мала, но објективна дистанца. Така си го направи и концептот во главата за тоа што би можел да каже.

Кога го најавија, публиката здиве.

 „Зо-ран! Зо-ран! Зо-ран!“, одекнуваше до Карпош и Чаир. Поминаа најмалку три-четири минути пред да се создадат услови да зборува.

Неговото кратко обраќање беше необично (во најмала рака), барем за настани од ваков вид, и тешко дека само по себе ѝ вршеше работа на целта на протестот. Но, затоа ја натера публиката да се вслуша.

– Замислете кога луѓето не би зборувале за тоа кој колку пари има, кој колку заработува, кој што купил… – се слушна, па запишти фонија во настанатата штама: и професионалецот зад аудиомиксерот беше изненаден од Зоран, конкретно со пресилен влезен сигнал во микрофонот. Но, неколкумина од организаторите распоредени во линија, преку кренати палци брзо го пренесоа и сигналот дека говорникот може да продолжи. 

Замислете општество во кое секој би се секирал да има колку што реално му треба за достоинствен живот, а останата енергија, наместо на тоа повеќе да заработи за да може да каже нешто со тоа што ќе купи, на пример, „голден гус“ патики, би ја вложил во поквалитетен внатрешен живот. Замислете живот во кој луѓето би биле конкурентни со својот добар вкус за културната понуда. Инаку, под внатрешен живот подразбирам… Јасно е што подразбирам…

– Некој ќе рече, ако е така, од каде мотивација за напредок на општеството? Тоа би бил главниот приговор на либералните капиталисти. Но, ако се направи таква клима, ако ги поставиме вистинските луѓе како модел на кој ќе се угледаме, мотив за напредок би бил развојот на аспектите на тој внатрешен живот, што на крајот резултира со задоволство од себе, со душевно и секакво здравје.

– Ако направиме така, порано или подоцна, ќе го снема она што нѐ уништува. Длабоко сум уверен дека менталитетот на едно општество зависи од културата што тоа ја консумира. Човек формиран на култура не може да го прави ова што го прават луѓето со власт и моќ овде. Види со што човекот си ги задоволува внатрешните потреби, кои секако му ги одредуваат и надворешните, и ќе ти биде јасно за каков човек се работи – заврши Зоран Аврамчев, и срамежливо, како да порачува „толку можам“, крена рака за да ја поздрави публиката.

„Зо-ран! Зо-ран! Зо-ран!“ – одново загрми, па се претвори во: „До-лу-е-Та-ра-ба-та-о-ди-ме-на-Вла-да-та!“

А „суперхеројот со културна моќ ја проби тарабата на мафијашката држава и јуриша на сите под тој хаштаг, т. е. тараба како семрежен знак“, беше коментарот на социјалните мрежи што најмногу одекна во јавноста.

Челниците на опозицијата набрзо одлучија дека популарниот Зоран Аврамчев треба да го додадат на нивната листа за изборите, како непартиски кандидат. И тој стана дел од новото владејачко мнозинство, иако остана независен пратеник.

На почетокот од мандатот не можеше да се посвети на својата кауза зашто опозицијата иронизираше околу неговата независност, приморувајќи го да повторува дека нема да биде дел од гласачка машина која штанца по команда, оти ќе гласа по свое уверување, и дека со задоволство би го поддржал секој предлог што е во интерес на граѓаните, од кого и да доаѓа. Не доби можност да го докаже последното.

Првиот автентичен потег му беше една идеја што ја сподели од собраниската говорница во тек на расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на македонското културно наследство. Мислеше дека е прикладна, во фаза кога изветруваше и дното на отворените билатерални прашања.

Предложи создавање на голем музеј со работно име „Историска мапа на еден културен простор“, каде што би било застапено највредното вградено во македонскиот културен идентитет, и тоа на билатерално и (следствено) мултилатерално неспорен начин – без разлика на потеклото, без некому да треба нешто да му се докажува. Во музејот, на кој Аврамчев му беше предвидел и виртуелна онлајн варијанта со слободен влез, проследена со рекламна кампања низ светот, требаше да биде презентирано на аргументиран и естетски поткрепен начин, влијанието на голем број личности и институции, вклучително и на Свети Климент Охридски, Охридската архиепископија заедно со Блажениот Теофилакт архиепископ охридски, како и со средновековната црковна архитектура, фрескоживописот, иконописот и византиското пеење; потоа Григор Прличев, Кочо Рацин, Блаже Конески, Петре Андреевски, Славко Јаневски, Никола Мартиноски, Димитар Кондовски, Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Славе Димитров, „Леб и сол“ (се извини што ги наброил само првите што му паднале на памет). Велеше дека, ако проектот се реализира на височината на замислата, може да биде „основа за многу стратегии и костур на културната самосвест кој преку еден ваков музеј би им станал приемчив на граѓаните и здраво би им ги поставил идентитетските ретроспективи и перспективи“.

Опозицијата жестоко ја нападна предавничката идеја, која владејачкото мнозинство го затече неподготвено, а популарноста на Зоран опадна и кај народот.

А тој првпат се чувствуваше сосем добро, по добри десетина години врзување крај со крај. Со средувањето на неговите финансиски прилики, бидејќи не беше неизживеан, не тргна во експлоатација на својот нов статус, туку си го поврати стариот мир, во кој во слободното време можеше да си го пушти стариот добар Брус Спрингстин и да си делка – изработуваше прекрасни модерни дрвени производи: сталажи за вино, кутии за накит, шаховски табли сосе фигури, држачи за свеќи, а некогаш му нарачуваа и своевидни скулптури – беше особено горд на еден Ар-Ту-Ди-Ту со подвижни глава, раце и нозе.

За да биде толку опуштен и да не забележува колку му паднала популарноста, веројатно придонесе и тоа што се движеше во затворениот круг на старите другари и пријатели едномисленици. А власта веќе извесно време сметаше дека пратеникот од нејзината коалиција премногу буквално го сваќа поимот независен.

Тој уште на почетокот кажа дека „битката со мафијата на претходната власт“ (додавајќи „и на секоја власт“) нема да ја води како што се правело досега, туку залагајќи се притисокот врз склоните кон злоупотреби да го прави културата, а имено „достоинството и совеста, па ако тие затаат, и срамот би завршил работа. Сѐ се ова придобивки кои може да се очекуваат само во општества каде што сите се изложени на културни влијанија, волно или неволно на почетокот, при што културата секако треба да се сфати и поквалитетно и пошироко: и како семејна – што им сведочиме на децата дома, и како школска, и како улична…“

„Можеби звучи наивно, но јас сум избран поради вакви ставови. Не очекувам оваа стратегија да даде резултат уште утре. Но, таа е единствената што може да направи суштински промени. Зашто не е иста биохемијата во главата по изложеност на патетиката од „Циркус“ на Јелена Розга и на патосот од „Ајде сонце зајде“ на „Леб и сол“. Не можеме да очекуваме злоупотребувачите на моќта да се плашат од кривичен прогон – гледаме дека секогаш наоѓаат начин да се разминат со судската власт. А од достоинството, совеста, срамот, ако ги имаш, не можеш да побегнеш“, е уште една медиумска изјава на пратеникот Зоран Аврамчев, од која се гледа дека тој воопшто не беше културен елитист, туку…

Друга причина да вообразува дека уште има голема поддршка од народот беше популарноста на одредени изјави со кои претера, а на луѓето им беа смешни, и тоа безмалку колку легендарните „јас сум кока-кола за тебе“ или „си намигнавме со Обама“.

Во споменатите изјави, Зоран Аврамчев ги критикуваше колегите пратеници, без директни обвинувања дека се „партиски војници“ или „медиокритети кои влегле во партија свесни оти така можат да стигнат до позиции до кои никако поинаку не би можеле: некој мораше да биде министер, заменик-министер, директор на јавно претпријатие, пратеник – кадри што доаѓаат од партиите, а таму ги има тие што ги има“. Такви општи места споменуваа некои негови другари, а со повеќе детали и одредени пратеници со кои си разменуваа почит и доверба.

Тој конкретно се жалеше дека се многу ретки пратениците со кои Собранието може да работи на минималното очекувано ниво за една таква институција. Даваше изјави во кои велеше дека според неговиот впечаток, и во мнозинството, и во опозицијата имало прилично пратеници кои биле сосем некадарни, но без проблем си го терале мандатот во денгубење, како излезени на кафе кое се одложило во недоглед, додека координаторот на нивната пратеничка група не ги соберел за да им наложи некоја автоматизирана акција, договорена надвор од Парламентот:

„Слушнете им ги обраќањата од говорницата. Говорите што некој им ги напишал ги читаат предизвикувајќи потсмев, а камоли кога самите ќе смислат нешто. Нивната способност за усно општење, изговорот на гласовите, акцентирањето, интонацијата… како да си му дал на Аца Лукас да ја отпее… што знам… ‘Psycho killer’, на пример“, навистина претеруваше Зоран Аврамчев (години подоцна ја сфаќаше излишноста на ваквата експлицитност, особено знаејќи дека и секоја поинаква акција во истиот правец ќе немаше поента; и истовремено му стануваше сѐ појасно оти е добро што нештата се случија како што се случија). И одново поентираше дека „проблемот е во изложеноста на шундот и во соодветното немање општа култура, општо знаење, кое се стекнува преку квалитетна книжевност, филм, музика итн.“

Набрзо шефот на пратеничката група на опозицијата закажа прес-конференција чија тема ја најави на неформален брифинг со неколку блиски новинари, па настанот се одржа пред полн прес-центар на Собранието. Овој пратеник, ветеран, доаѓаше до говорницата полека и поднаведнат, со ѓаволеста самозадоволна насмевка што му остана на лицето и додека го средуваше купот документи пред себе.

– Пратениците од власта зборуваат за достоинство, за совест, за срам. А сега ќе видиме колку оддалеку се разминуваат со овие позитивни особини кои значат високи морални вредности и самопочит. Ќе покажеме каква им е моралната култура – почна координаторот на опозициската пратеничка група, додека и на новинарите кои дошле неспремни им стана јасно кон кого цели.

– Лицето Зоран Аврамчев, сега пратеник од владејачкото мнозинство, со години било корисник на правото на социјална парична помош за невработено лице, кое активно бара работа, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција. Дотука нема ништо спорно – рече координаторот и откако крена отворена дланка за да потврди дека неспорно се сложува со последните зборови, направи пауза за камерите да можат да ги снимат документите што ги држеше во другата рака.

– Но, лицето Зоран Аврамчев, всушност, остварувало повеќе од солидни приходи работејќи „на црно“ во сектор од дрвната индустрија. Лицето кое има стан во дел од градот каде што квадратен метар станбена површина чини и над две илјади и шестотини евра, и викенд куќа во друга скопска населба, заработувало илјадници евра од својот нерегистриран бизнис. Суми како оваа, од илјада и двесте евра, само од една зделка – опозицискиот координатор покажа документ на кој покрај името Зоран Аврамчев стоеше износ од седумдесет и три илјади осумстотини и седумнаесет денари.

– И, за какви тоа достоинство, совест, срам, култура зборуваме? – говорникот го почнуваше победничкото финиширање, со очилата на врвот од носот, а ширум отворените и божем зачудени очи раштракани низ публиката.

Меѓутоа, кажаното не беше вистина. Барем не делот што требаше морално да го дискредитира пратеникот Зоран Аврамчев.

Прво, станот од триесет и седум квадратни метри го беа купиле татко му и мајка му пред четириесет години. Тие сега живееја од своите пензии (мајката имаше речиси минимална) во куќа во Волково, која со строго штедење (Зоран и сестра му која сега живееше во Холандија, во тие години најчесто јадеа леб и мармалад или паштета) ја беа приправиле пред дваесет години да им служи како викендичка (која тогаш немаше ни фасада, ни тоалет).

Второ и најважно, Зоран Аврамчев од своите дрвени производи заработуваше одвај стотина, до сто и педесет евра месечно во просек, а тие илјада и двесте евра со кои мавташе координаторот беа исклучок, односно откупна награда за масичка за кафе што ја изработи за еден тридневен базар за ракотворби.

Но, спинувањето помина, и ајде сега докажувај се со медиумите дека не е баш така.

Не поминаа ни три дена кога некој истражувачки центар објави резултат од онлајн анкета дека 74,3 отсто од прашаните граѓани сметале оти пратеникот Зоран Аврамчев треба да поднесе оставка.

Тој веќе беше донел таква одлука, само сакаше да го затвори целиот пакет на својата иднина пред да ја објави: просто кажано, се мислеше дали да се пресели на село.

Следниот ден ја поднесе оставката (Собранието набрзо ја констатираше, Зоран не го искористи правото да ја образложи) и си го смени телефонскиот број.

Кога дојде дома, си направи салата од зелка, црвена пиперка и карфиол, со маслиново масло и лимонов сок, како мезе за две ракии. Се имаше уверено дека по чашка-две жесток пијалак, вистината му се покажува најчисто, понекогаш дури и провидно, во некоја безбрежна временска перспектива, без никаков шум од моменталните грижи. Кој знае зошто му се присака да си го пушти албумот „Yeezus“ од Канје Вест.

Така одлучи да отиде кај неговите во Волково и да им каже дека ќе го продаде станот за да купи куќа во некое валандовско село (не се сеќаваше точно на името), што му ја нашол пријателот од факултет, Блажо, Благојче, од Валандово. Трпеливо разговарајќи со нив, им ги успокои и неискажаната грижа за неговата душевна состојба и приговорите со кои сакаа да го освестат за големината на промената (притоа забележа дека и во нивните очи му се зголемил авторитетот откако стана пратеник, без разлика што престана да е).

Тргна на југ штом во Скопје среди сѐ според планот, а сѐ што му остана, собра во малиот багажник и на задните седишта од семејниот црвен „Сузуки свифт хечбек“ од 1999-та година.

Додека возеше низ ненаселени предели, слушајќи го „Happier than ever“ на Били Ајлиш, сосем го обземаше некоја голема тага, но со пријатна тежина, налик на носталгија, иако не беше тоа: за Зоран, секој следен ден си беше на своето место, истозначно со она на претходниот, во стигнувањето некаде, напред. Ова си го освести кога еднаш го сретна својот брилијантен професор по математика до осмо одделение, Василе (тогаш го викаа наставник, но беше запаметен како професор), кој не го позна, го немаше видено од завршувањето на осмолетката. Кога Василе кажа дека отишол во пензија, Зоран искоментира: „Штета професоре… за овие генерации.“ А Василе му ја фати подлактницата и го почести со својата мудрост: „Паметен човек никогаш не сака двапати да биде млад.“

Куќата беше баш според спецификациите што сега веќе поранешниот пратеник му ги даде на Благојче кога побара од него да се впушти во потрага: мала, селска, одржана, и да останат пари за инвестициите. Последново се однесуваше на договорот за заеднички бизнис со валандовецот, пријателот од факултет. Благојче со рачна цедалка правел сок од калинка, чист, без да додава вода и шеќер, и ги воодушевувал транзитните туристи. Зоран предложи да го зголемат производството со унапредување на технологијата. 

Првиот период како жител на селото го поминуваше во редовно неколкучасовно дружење со Благојче, учејќи за калинката. Во останатото време, кога беше убаво, наутро ќе си земеше црн чај во термос и одеше да го ужива седнат или прилегнат на блиската полјана, а потоа се оддаваше на долга прошетка. Кога ќе се вратеше дома за да појадува од тукашниот род на земјата, го дочекуваше мирис на тазе испечен леб, што самиот си го правеше во еден „горење“ апарат со функцијата „одложен почеток на работата“ за да стигне токму во саканото време (апаратот го имаше со години, но долго немаше такви пари што би ги дал за замена на скинатиот каиш на моторчето, поради кој, како што му кажаа во сервисот, се расипал и приклучокот на садот за печење. Додека беше пратеник, не се сети да го даде на поправка).

Навечер се опушташе во собата опремена со сите технолошки удопства. Почна да ја гледа четвртата сезона од „Вистински детектив“ – по одличната прва, следните две сезони му ги спуштија очекувањата, и затоа во Скопје не брзаше да ја почне последната, која му се допадна повеќе и од првата. Во ниту една од епизодите не ја прескокна воведната шпица со „Bury a friend“ на Били Ајлиш.

Со Благојче не се залетуваа. Промислено ја унапредуваа технологијата, го зголемуваа производството. Зоран предложи да почнат и постапка за сертификација на органско производство, а партнерот кој немаше против, го потсети дека калинката и така си е органски производ, зашто нема потреба од пестициди, хербициди, инсектициди; и оти нивните калинки се оддалечени пет километри од најблискиот асфалтиран пат. Кога ги планираа новите насади, Благојче сакаше да се обидат со поквалитетни сорти, но Зоран инсистираше да се држат до старите. Со еден ланец маркети договорија пласман на сокот во стаклена амбалажа од 200 и од 700 милилитри. 

Следната година во селото дојде една девојка од Скопје, Елена. И остана тука, со Зоран, првиот пат подолго од планираната една недела, а потоа трајно и обострано пресреќно, како негова невенчана сопруга. Беше менаџер за социјални медиуми и работеше оддома, како што тоа обично се вели, но и од секаде каде што има интернет, зашто тие често патуваа. Елена ги забрза плановите за извоз на сокот од калинка (со лични истражувања и во консултација со експерти открија како да му обезбедат трајност на вкусот и воопшто на квалитетот), а помагаше и при аплицирањето за ИПАРД програмите. 

Едно утро таа тргна кон Меѓународниот аеродром Скопје за да го пречека брат ѝ кој веќе десетина години живееше во Норвешка. Требаше да останат неколку дена во градот кај родителите, за повторно собраното семејство убаво да се види, а потоа тој да ѝ дојде на гости, на село.

Зоран ја испрати сопругата и отиде во Гевгелија да достави роба. Откако ја заврши работата, претрча и до една оптика од каде што требаше да си подигне нови очила. Рамката ја одбра пред една недела, а бидејќи за стаклата требаше да чека до утредента, плати и најави дека ќе ги земе следниот пат кога ќе дојде за достава, односно денеска.

Кога се враќаше кон своето возило, патот му го пресекоа тројца дотерани и забрзани мажи со деловен изглед, кои излегоа од еден хотел. Зоран не им обрати внимание, како ни тие нему: тој им се радуваше на новите очила и ги тестираше со чувство дека гледа почисто отколку со старите. Но, мозокот, нели, самиот забележува многу повеќе од она што ни е во фокусот, и сето го обработува во позадината на свеста, за да може навреме да нѐ предупреди ако се случи нешто невообичаено, опасно или само интересно. Веројатно така, едно мало отстапување во однесувањето на тројцата бизнисмени му го привлече вниманието на Зоран.

Тие веќе беа дошле до нивното ново, црно, величествено строго „ауди А8“ – двајца од нив ги отвораа предните врати, грубо и бучно како да се освојувачи на Гевгелија, не давајќи ни пет пари за германската прецизност на изработката која предвидела бесшумна акција.

Додека едниот, пред да седне на возачкото место, ја поткрена раката за да си го провери часовникот, кажувајќи нешто со насмевка каква што имаат само грабачи кои никогаш не ги стигнала казната, а другиот му одговори покажувајќи му ја својата актовка преку покривот на возилото, третиот беше заостанал неколку чекори.

Зоран, иако му го гледаше тилот, осети дека тој сосем се исклучи од сцената на неговите компањони.

Кога овој се сврте, веднаш го најде погледот на Зоран. Тој, за возврат, овој пат веднаш го позна. Третиот беше Тарабата, Цветан Стојанов. Во истиот миг двајцата се преправија дека не се забележале и си продолжија по својата работа.

Зоран отиде на договорениот ручек кај Благојче дома, чија сопруга беше направила тавче-гравче (петочен), а со слаткото од смокви го договорија и настапот за утрешниот состанок со некои деловни партнери, закажан за напладне, во еден ресторан во Струмица.

Следниот ден во единаесет часот, Благојче му прати порака на Зоран дека доаѓа да го земе, а петнаесет минути подоцна беше пред неговата куќа. Му сврте за да му каже дека стигнал, но одговор немаше. Почека, во случај Зоран да се средува во бањата додека телефонот му е на друго место, а потоа излезе од возилото и неколкупати го притисна ѕвончето кај вратата. Најпосле и силно затропа, но бидејќи Зоран и натаму го немаше, го приближи увото за да наслушне внатре и ја притисна кваката – беше отклучено и влезе.

Затекна извесен неред, како на Зоран да му искрснало нешто толку итно што не стигнал или дури не се сетил да му јави; брзајќи барал нешто низ дома, па излегол, веројатно со некого или викнал такси, зашто Елена отиде со колата за Скопје, а службениот „опел мовано“ беше во дворот.

Крена рамена, и кога тргна да излегува, забележа темна локва кај една од задните ногарки на софата во дневната. Нозете му се пресекоа. Пред да тргне натаму, неколку секунди со запрен здив лудачки се трудеше поинаку да си ја објасни бојата, густината, обликот на локвата.

Неволно спремно, зад софата го најде Зоран. Наполно затапен, неспособен да процесира, Благојче само гледаше неколку нови напразни секунди. Можеби сета сила за акција и реакција му се зема зашто веднаш сфати дека нема смисла да проверува дали другарот му е жив. Десната страна од главата му беше вдлабната, темна, пивтиеста, здробена. Се одвлечка надвор, се струполи на скалите и се јави во полиција.

Разговорливиот меѓу полициските службеници коментираше уште додека траеше увидот дека зачестиле кражбите во селата, во куќи на печалбари или викендички кои ретко се користат. Арамиите барале пари или злато, а ако не најделе, се товареле и со покуќнина, па дури и со дрва за огрев и зимница. Благојче не можеше да процени дали овде нешто недостасува, кажа дека не го гледа лаптопот на Зоран. Полицаецот закима со главата и туфкајќи се рече дека најверојатно се работи за крадци кои начекале отклучено, но нештата тргнале од зло на позло: не очекувале дека домаќинот е дома. Неговите колеги сочувствено тмурно молчеа откако констатираа насилна смрт, останатото ќе го покажела истрагата.

Но, малку кажа и соопштението од обвинителството (засега на тоа и остана), во кое стоеше дека „надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија, заедно со екипа на крим-техниката од МВР, извршил увид на лице место во куќа каде што било пронајдено безживотно тело на триесет и седумгодишен скопјанец. Настанот го пријавил негов пријател, кој откако не можел да го добие сега починатото лице по телефон, влегол во куќата и го нашол телото на починатиот. При извршениот увид е констатирано дека на телото на починатиот има видливи траги од насилство и оти во куќата во која тој е пронајден е извршено разбојништво. Обвинителството нареди обезбедување материјални траги од местото на настанот, вршење на поголем број вештачења, како и обдукција на телото на починатиот маж. Дејствијата што ги презема Основното јавно обвинителство – Гевгелија продолжуваат во насока на расветлување на настанот, како и на откривање на засега непознатиот сторител на кривичното дело.“

А „крвни повреди на главата, поточно на десната страна на лицето и во темената регија, оштетување на мозокот“, покажа обдукцискиот наод извршен врз телото на Зоран Аврамчев.

„Повредите настанале со дејство на тапо-тврда сила во конкретните регии“.

Медиумите, секако, известуваа за настанот, но и тие не најдоа материјал макар за шпекулации.

Елена се врати во Скопје и набрзо се пресели кај брат ѝ, во Трондхејм, Норвешка.

@Расказот е дел од збирката „Нешто трето“ (ИЛИ-ИЛИ, 2025) од Максим Ристески