Традиционалниот годишен „Саем на книгата“ во Скопје е место каде што заинтересираните издавачи го реализираат замисленото најдобро што можат. Се чини дека оваа наша најпосетена манифестација од културата, со одминување на времето, како се’ повеќе да се врти кон домашните автори, давајќи им простор за средба со читателите, што е навистина убаво. Гостувањата од странство се бројат на прстите од едната рака, а она што се случи со присуството на германскиот автор на психо-трилери Себастијан Фицек може да го сместиме во редот на „феноменолошки исклучок“. Тоа, се разбира, може само да радува, бидејќи гледаме еден куп млади луѓе со книги во рацете како со часови чекаат автограм од авторот, но истовремено е некако и тажно, особено за издавачи како ИЛИ-ИЛИ, кои четврт век се обидуваат да создадат една критична група на читатели која од година во година треба да станува се’ побројна, со регрутирање на млади сили, кои очигледно повеќе преферираат читање на комерцијална литература. Но, би рекле некои, важно е да се чита, па макар и водич за нова машина за перење алишта. Во продолжение на текстот ќе се обидам од субјективен аспект на доживеаното да ги доловам битните моменти поврзани со претставувањето на ИЛИ-ИЛИ на годинашниот саем на книгата.

Иако својата дваесетгодишна издавачка дејност на почетоците ја базираше врз преводната литература, ИЛИ-ИЛИ на Саемот на книгата им ги отвора вратите за промоција и презентација на домашните автори, обично оние со актуелни книги издадени помеѓу двата саема. Двочасовното потпишување на книгите и директниот контакт со читателите е оној незаборавен момент и за обата субјекта, после кои и самите дела стануваат подраги, бидејќи, како се вели, откако ќе ја напишете книгата, таа веќе не му припаѓа на писателот, туку на читателот.

Очекувано, најголем интерес предизвика романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година од Фондацијата „Славко Јаневски“. Уште еднаш се покажа дека добивањето на книжевна награда ја става во фокус книгата меѓу читателите, што во спротивно можеби и не би било случај. Затоа меѓу авторите е присутна желбата да се добие книжевна награда, па дури и во случај кога е дискутабилна, а тоа во годините наназад неретко и се случуваше. ИЛИ-ИЛИ годинава направи и еден интересен издавачки потег – романот на годината од Малеска го објави и на англиски јазик, со што на читателите им приреди двојно книжевно-јазично задоволство, па неретко младите читател(к)и се одлучуваа за купување на англиската верзија на книгата наместо македонската.

Забележително помина и реизданието на култната книга „Конзервирани импресии“ од Горан Стефановски, која беше (ре)објавена на денот на неговиот роденден, 27 април. Се сеќавам на една неформална средба со Горан, кога минувајќи низ центарот, влезе во книжарница и праша дали има нешто од Горан Стефановски. Слатко се насмеавме, и кога забележа дека неговите книги, тогаш во издание на „Табернакул“ беа на полиците, рече дека со драго срце може да замине на попладневна дремка.

Во македонскиот корпус од популарната едиција „ПРОаЗА“, збирките раскази заземаат значаен дел. Впрочем, така и започна објавувањето на македонските автори, со збирката раскази „Кротки приказни“ во 2006 година. Оваа година на саемот најголем интерес предизвикаа збирките раскази „Каде леташ, Јулија?“ од Хана Корнети и „Нешто трето“ од Максим Ристески. По дебитанстката збирка „Млечни заби“, Хана ни „подари“ нова книга со прекрасни раскази, пред наесен да не’ почести со продолжението на авантурите на хероината Илина. Максим, пак, својот пишувачки талент го потврдува токму со своето второ книжевно чедо, откако не’ изненади со зачудниот роман „Пештера“ пред неколку години.


Новите романи на добитничките на наградата „Роман на годината“, Кица Колбе („Снегот во Казабланка“, 2005), Снежана Младеновска Анѓелков („Единаесет жени“, 2011) и Симона Јованоска („Денот на црвот“, 2022) поминаа еднакво успешно. По одличната промоција во „Буква“, романот „Простување“ на Кица беше еден од најбараните од домашните автори на саемот; провокативниот „Јод“ на Жане повторно се сретна со читателите по априлската промоција на книгата исто така во „Буква“, а „Леска Брезоска“ на Симона e предизвик за нејзините верни читатели поради новиот пристап, по експерименталниот книжевен „црв“.



Нескромно, ќе напоменам дека и „Ветрилиште“ помина со значителен интерес, и по декемвриската промоција во ДПМ, ова беше неговото повторно отворено соочување со читателите, од кои дознав дека книгата има многи позитивни критики во групите на социјалните мрежи, каде се препорачува за читање без предрасуди. Баш фино.


Народната мудрост вели „Фали ме усто, да не те раскинам“ 🙂 , затоа ќе го употребам она топ-шоповското: „Но тоа не е се’!“ Оваа година на саемот беше актуелна и новата книга со филмска есеистика „Филмско око“, која заедно со останатите изданија сочинува една фина филмска кватрологија, која наиде на прием кај филмофилите, односно, кај оние кои освен што сакаат да гледаат филмови, посакуваат и да прочитаат нешто интересно за нив.

За заокружување на личниот годинешен настап на саемот, од печат излезе и специјалното издание насловено „Кротко-крајпатни синтези“, кое ги вклучува првите три книги: збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013). Се чини дека ова беше добар издавачки потег, особено поради позитивната реакција на оние што ја земаа книгата, велејќи дека имаат една или две од нив, но ја немаат третата. Баш ми е драго, бидејќи тоа и беше целта – на едно место да се спојат сеќавањата, професионалноста и задоволството.

Годинава ИЛИ-ИЛИ од македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ја доби втората награда за најдобра едиција. Едицијата „Арго“ во која се објавуваат преводи од латински и старогрчки јазик токму годинава на саемот се претстави со нов наслов, „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ во превод од старогрчки на Светлана Кочовска-Стевовиќ, издание кое заедно со „Латински цитати“ предизвика многу добар интерес меѓу рафинираните читатели.

Покрај традиционалниот интерес за делата на најпродаваните преведувани автори, Бернхард Шлинк и Георги Господинов, оваа година на саемот на книгата ИЛИ-ИЛИ ги претстави новите преводи на веќе претходно објавуваните автори Зоран Фериќ и Владимир Зарев. Хрватскиот автор беше застапен со првиот и последниот роман, „Смртта на девојчето со кибритчињата“ и „Додека ја поминуваш реката“. Оние што веќе ги прочитале „Календарот на Маите“ и „На осамениот брег покрај морето“ знаеја што добиваат со купувањето на новите преводи од овој луциден автор. А за љубителите на писателите од „старата школа“, објавувањето на актуелниот роман „Загубени во слободата“ на бугарскиот автор Владимир Зарев претставуваше вистински празник. Феноменалните романи „Пропаст“ и „Чудовиштето“ на Зарев му донесоа добра база на фанови и во Македонија, позиција која само ќе се зацврсти по читањето на интригантниот „Загубени во слободата“.



Едицијата „На пат“, која милува да објавува книжевна документаристика, или ако сакате – книжевни репортажи, не е голема на број, но содржи значајни дела. По интересот за книгите на Капка Касабова („Кон езерото“ и „Граница“), годинава на саемот една од најбараните книги беше „Слобода“ на албанската авторка Леа Ипи. Универзитетската професорка во Велика Британија со своето дело ги крши границите помеѓу минатото и сегашноста, гледајќи му директно в очи на еден режим како оној на Енвер Хоџа, но суптилно критикувајќи ја и надоаѓачката демократија, со сите нејзини доблести и мани.

И на крајот, специјалното издание „Тито: вечниот партизан“, кое можеби не се продаде во толку примероци колку што се очекуваше, но предизвика внимание кај сите кои минаа крај штандот на ИЛИ-ИЛИ. Најмладите читатели во претпладневните часови, без исклучок, застануваа пред книгата и вревеа „Тито ова, Тито она…“, вртејќи и гмечејќи ги страниците, на крајот заминувајќи од штандот, се’ додека едно момче случајно не ја бутна книгата и силно викна: „Падна Тито!“. Во некои други времиња, ова би предизвикало поинаков тек на настаните 😉

Шега на страна, сериозното научно издание потпишано од Мари-Жанин Чалиќ во своите библиотеки го вдомија оние кои сакаа да прочитаат нешто повеќе од поинаков агол за една од најзначајните историски фигури во 20 век, а германската историчарка со хрватско потекло тоа го направила на најдобар можен начин, пишувајќи истовремено и за неговите маани и за неговите достигнувања. Тито, како и порано во школските училници, сите не’ гледаше и на саемот на книгата 🙂

Се’ на се’, ова беше уште едно пријатно саемско искуство, во кое досега лично најмногу уживав, потпомогнат од подмладокот, и покрај вревата дека салата „Борис Трајковски“ не е соодветна за ваква манифестација, небаре стариот саем беше совршен. Се разбира, останува простор за подобрување на нештата, особено кога цел еден ден сте заробеници на промоцијата на еден автор, или пак кога во фокусот на новинарите е посетата на политичките фигури за себепромоција, а не на присутните писатели. Но, мораме позитивно да размислуваме, ветувајќи дека догодина ќе биде подобро. А што друго ни преостанува!?
