Како и нашето „Кале“, и Сплит си има своја легендарна тврдина над градот со име „Грипе“, која датира од 17 век и која одиграла значајна улога во одбраната од Османлиите. До неа се стигнува по една од најживописните сплитски улици, „Радуница“, со карактеристичните далматински камени куќи, која од која поубава. Денес во тврдината се сместени Хрватскиот поморски музеј со илјадници артефакти, и, интересно, средното уметничко училиште. „Грипе“ нуди еден од најубавите погледи врз градот од сите страни, а од нејзините ѕидини се гледа и имењачката, легендарната спортска сала „Грипе“, која, како и „Пољуд“, е изградена за потребите на Медитеранските игри во 1979 година.
Информациите на еден од страничните ѕидови на салата не’ потсетуваат во кои спортови освоиле олимписки медали токму сплитските спортисти, за кои се вели дека се вистинско чудо – град со толку малку жители (околу 200 илјади) да изнедри толку многу талентирани олимпијци не е баш секојдневие. Влезот во салата е окупиран од луѓе, што значи дека внатре се одржува некаков настан. Во ходникот десетина момци и девојки се подготвуваат за својот настап на турнирот по Таеквондо во малата сала од десната страна, која прима околу две илјади посетители. Проследувам пар борби, и се префрлам во големата, легендарна сала, во која Југопластика (последната година и како Поп 84) освои три последователни европски титули во кошарка. Салата со капацитет од 6000 посетители во моментот е само малку исполнета претежно со родители, а на паркетот долу тече натпреварот по модерни танци.
Излегувам надвор и десно од влезот здогледувам натпис „Куќа славе сплитског шпорта“. Аха, значи тука се кријат легендарните трофеи. За жал, музејот не работеше, како и оној на Дражен во Шибеник. Е.ате среќата, си велам. Се враќам повторно во салата, и ги прашувам двајцата постари господа од обезбедувањето зошто не работи музејот и кога би можел да го посетам. Тие се насмеаја и ми рекоа дека, како и многу работи во Далмација, и него го отвориле, и откако првовремено редовно работел, сега функционира со закажување на телефон, иако и тоа не е сигурно. Но, ме упатија да влезам повторно во големата сала, каде низ еден прозорец се гледаат дел од трофеите. Океј, дај што ќе дадеш. Со зум сликнав неколку пехари наредени на излогот од музејот кон салата внатре, и ми беше криво, бидејќи сакав некој од нив, особено оние од Југопластика, да ги кренам в раце, чувствувајќи се барем за момент како шампион.
При излегувањето им се заблагодарувам и велам дека сатисфакција ми е што влегов во салата во која Југопластика кон крајот на 80-те ги мачкаше на леб сите моќни европски тимови. Тие, пак, ми велат дека во оваа сала се играле само дел од натпреварите, дербијата, кога интересот бил поголем кај гледачите, но дека всушност вистинската „Грипе“ сала на Југопластика, денешен кошаркарски клуб „Сплит“, е некаде дијагонално позади, да одам лево од влезот, и нема да ја промашам.
По патот ги сретнувам вообичаените графити на кои се нацртани некои од легендите на клубот во минатото (стариот не го препознав, а оној другиот ми личи на Дино Раѓа?), и конечно стигнувам пред вистинската „Грипе“, која има капацитет од 3500 гледачи и во која најчесто играла Југопластика. Билбордите на влезот даваат информации за актуелните нешта во сегашниот кошаркарски клуб „Сплит“, наследникот на легендарниот троен првак од минатото. Оној речиси скинатиот информира за последниот хрватски куп во кошарка одржан токму тука, на кој „Сплит“ загубил уште во четвртфиналето, а победила, секако, „Цедевита“, која од есен од Загреб се сели во Љубљана, што претставува уште еден удар за ионака слабата хрватска кошарка во последнава декада. „Сплит“, пак, се обиде да го врати на шампионските патеки токму споменатиот Дино Раѓа, но седумгодишната работа не вроди со плод, и клубот дреме во втората АБА лига со години, а единствената титула во домашното првенство ја има освоено во далечната 2003 година, плус пет титули во домашниот куп (последната 2003/2004).
Но, еден од плакатите на вратата на салата соопштува дека во тек е уписот на млади кошаркар(к)и во различни категории, што значи дека KK „Сплит“ работи со новите генерации во кои можеби лежи идниот Кукоч, Раѓа, Сретеновиќ, Перасовиќ, Ивановиќ, Павичевиќ, Собин, Табак, Наглиќ… Потоа гурпите се префрлаат на летниот камп во Супетар, или, во превод, има надеж! Во тој момент забележувам дека и соседниот објект е спортски, во кој се сместени конкурентните спортови како многуте боречки вештини (ептен популарни во последно време меѓу младите), тука има и стрелачки клуб, пинг-понг, бокс, и секако, како најрепрезентативен меѓу нив, локалниот бочарски клуб „Нада“. Којзнае како е да се оди на тренинг по бочање!? Но, мене ме привлече рекламната табла за единствениот ресторан во позадината на салата, бидејќи во меѓувреме навистина ожеднев, а и деновиве температурата во Сплит, како и секаде на Стариот континент, е жестока.
Влегувам кај барба Дује, нарачувам „Томислав“, во моментов најдоброто хрватско (темно) пиво, и низ смеа се потсетуваме на сезоната 1988/1989, кога Југопластика како тотален аутсајдер прво во полуфиналето во Минхен ја совлада Барселона, а потоа во финалето и силниот Макаби. Тренерот Божидар Маљковиќ состави ол-стар тим кој и во следните две сезони, со мали промени, газеше се’ пред себе. Следната 1989/1990 во полуфиналето падна француски Лимож, а во финалето сега веќе редовниот муштерија Барселона, и тоа на нивен, шпански терен. Таа сезона, иако со мала минутажа и претежно греење на клупата, ни крив ни должен со европска титула се закити и нашиот Петар Наумовски. Тој остана во клубот и следната сезона повторно со епизодна улога, се сеќава барба Дује, кога дојде и одличниот Зоран Савиќ, но и големото освежување, американскиот центар Ејви Лестер, кој иако делувал малку трапаво, сепак, ги освоил срцата на Сплиќани. Таа сезона како ПОП 84 во полуфиналето во Париз прво го совладаа италијански Скаволини , а потоа во финалето, веќе погодувате, исфрустрираната Барселона со Сан Епифанио, Хименез и Солозабал со, интересно, Божидар Маљковиќ како тренер (замина претходната сезона и му го отстапи местото на младиот Жељко Павличевиќ) за трета последователна европска кошаркарска титула.
Се поздравувам срдечно со барба Дује и се враќам кон центарот на градот по улицата со симболично име „Слобода“. На една од куќите наидувам на спомен-плочата во која се велича борбата против фашистите на чело со Раде Кончар во далечната 1941 година.
Сплит отсекогаш мирисал на слобода!!!