Незаборавни остварувања од филмската историја

Бидејќи веќе еден месец сме влезени во 2020-та, годината со убаво, симболично значење, некако се чинеше прикладно нуркањето во филмската историја токму во годините со кои започнувала новата декада, бидејќи сензибилитет на филмовите снимени токму во таа, „нулта“ година, како да го навестуваале она што следи во годините потоа. Секако, изборот е субјективен и можеше да биде сосема поинаков, но овие наслови се чини дека се познати и препознатливи и кај пошироката публика вљубеници во подвижните слики

ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР (The Great Dictator, 1940) на Чарли Чаплин

Има ли подобар начин да се почне изборот на филмови? Сигурно не. Еден од најголемите на сите времиња, Чарли Чаплин, во 1940 година го сними неговиот најпознат наслов „Големиот диктатор“, токму во времето кога Втората светска војна сè повеќе се распламтуваше. Генијалниот комичар имаше вистинска храброст токму во тие бурни времиња на светот да му го подари филмот во кој публиката во ликот на Аденоид Хинкел, диктаторот од Томанија, ќе го препознае злогласниот Хитлер, а во Бензино Напалони, диктаторот од Бактерија, фашистот Мусолини.

Интересно, оваа класична сатира на Чаплин е првиот целосен говорен филм на мајсторот на немите остварувања. Нетипичната комедија со очигледен политички контекст се служи и со слепстикот, преку кој авторот успева да прати длабок социјален коментар, особено преку ликот на еврејскиот бербер од гетото, исто така улога одиграна од Чаплин. Иако филмот имаше дури пет номинации за „Оскар“, сепак не се закити со ниту една златна статуетка. Впрочем, општо познат е односот на САД кон овој генијален филмски автор, кој својата смрт ја дочека без американско државјанство, на брегот на Женевското
Езеро во 1977 година, во кругот на своето семејство.

БУЛЕВАР НА САМРАКОТ (Sunset Boulevard, 1950) на Били Вајлдер

Војната е неодамна завршена, светот се менува, а на сцената се јавуваат нови правила на игра. Ова особено важи за холивудскиот систем на вредности, што почнува да врти нови страници во својата историја. Оваа возбудлива предлошка одлично ја искористи почитуваниот режисер Били Вајлдер, кој во 1950 година го сними незаборавниот филм „Булевар на самракот“, црна комедија што ги содржи сите салтанати на жанрот.

Приказната за ѕвездата на немите филмови Норма Дезмонд, која сè повеќе тоне на холивудските скали, директно ни покажува што се случува со големите ѕвезди кога ќе истече нивното време. Затворена во својот замок и живеејќи само со батлерот, единствениот кој сè уште е уверен дека неговата господарка е на врвот на светот,
Норма, маестрално одиграна од Глорија Свансон, е само слика од минатото која не може да се помири со својата судбина. Горчлив, но истовремено забавен и фасцинантен, филмот на Вајлдер многу бргу станал вистинска класика и омилен филм меѓу постарата генерација на холивудски режисери.

Од куриозитетите поврзани со ова ремек-дело, да напомнеме дека батлерот во филмот го игра Ерих фон Штрохајм, прочуениот германски режисер од првата половина на 20 век, кој по војната својата кариера ја заврши како актер од другата страна на океанот.

ПСИХО (Psycho, 1960) на Алфред Хичкок

Помина повеќе од половина век од премиерата на култниот филм „Психо“ на Алфред Хичкок, остварување базирано врз истоимениот криминалистички роман на Роберт Блох, напишан само една година порано, а инспириран од серискиот убиец од Висконсин, Ед Геин.

Историјата вели дека Хичкок со овој филм на сите им докажал дека со малку пари, но со добра идеја, може да се сними одличен филм. Фактографијата вели дека тој е снимен за 800 илјади долари, а на кино-благајните заработил многу, многу повеќе. Приказните од тоа време, пак, кажуваат дека по ненадминливата сцена под тушот, кога психото Норман Бејтс ја убива службеничката Мерион Крејн во собата од својот хотел, голем дел од публиката изјавила дека оттогаш со страв влегуваат во своите бањи на туширање. Инаку, токму таа сцена е вистинска лектира за монтажа, бидејќи во помалку од една минута се менуваат десетици секвенции што го прикажуваат монструозното убиство со нож под тушот.

Како и во речиси секој свој филм, и во овој во една кратка сцена се појавува Хичкок, носејќи шапка на главата и стоејќи пред канцеларијата каде што работи Мерион Крејн. Иако филмот беше номиниран за четири „Оскари“, таа година освои само „Златен глобус“ и тоа за најдобра споредна актерка во името на Џенет Ли.

ЉУБОВНА ПРИКАЗНА (Love story, 1970) на Артур Хилер

Веројатно не постои романтична душа во светот што не го гледала „Љубовна приказна“, филм што заедно со „Сјај во тревата“ е на врвот на најсрцераскинувачките холивудски остварувања на сите времиња. Причината лежи во неговата едноставност: љубовна приказна во која едно привлечно младо момче сретнува привлечна млада девојка, се раѓа љубов, што на крајот завршува трагично поради неизлечивата болест на девојката.

„Љубовна приказна“ е класичен доказ дека кога постои флуид меѓу главните протагонисти во филмот, повеќе од половина работа е завршена, а другото е само прашање на занает. Рајан О’Нил и Али Мекгроу брилираат во сите сцени и на крајот ја носат публиката до катарза залеана со еден куп солзи. Можеби затоа угледниот филмски критичар Роџер Еберт вели дека ова е еден од ретките примери каде што филмот е многу подобар од книгата, бидејќи на сувопарниот литерарен стил на авторот Ерих Сегал, кој истовремено е и сценарист на филмот, режисерот Артур Хилер успеал да му шприцне доволна доза
романса, што на крајот експлодира на екранот и во срцето на гледачот.

Интересно, филмот поради големата популарност доживеал и продолжение осум години подоцна, насловено „Приказната на Оливер“, повторно со Рајан О’Нил во главната ролја, на кој овој пат партнерка му е Кендис Берген. Но, емоциите кај публиката веќе биле студени и овој обид не доживеал толку голем успех како и првенецот.

РАЗЈАРЕНИОТ БИК (Raging Bull, 1980) на Мартин Скорсезе

Њујоршкиот филмски маг Мартин Скорсезе во 1980 година го сними еден од неговите најдобри филмови, иако многумина би избрале друг наслов од неговата богата филмографија за свој фаворит. Сепак, „Разјарениот бик“ е исклучителен на свој начин, бидејќи се занимава со животот и со делото на славниот боксер Џејк Ла Мота, еден од најконтроверзните спортисти во рингот на сите времиња, наспроти кој испадите на Касиус Клеј се само обична детска игра.

Снимен во комбинирана црно-бела техника и во боја, „Разјарениот бик“ е филмско парче што во два часа ќе успее да ве насмее, да ве растажи, да ве разбесни и што уште не. За сето тоа е заслужен големиот Роберт де Ниро, кој за оваа ролја го доби единствениот „Оскар“ за главна улога во долгометражно остварување. Башка, за што поуверливо да го одигра Ла Мота по завршувањето на кариерата, кога овој станал забавувач по разни локали, Де Ниро бил на специјален третман кај француски кулинари и се здебелил повеќе од 30 килограми.

Скорсезе од минута во минута маестрално нè вози низ лавиринтите на лудиот ум на боксерот, кој од борба во борба е сè подобар. Камерата е во рингот, се внесува во лицето на разјарените борци со ракавици, јажињата се затегнуваат, лета крв на сите страни… сето ова ја крева тензијата и од филмот прави незаборавно доживување за кое и боксерите велат „дека е закон“. Па, што би посакале повеќе?

ДУХ (Ghost, 1990) на Џери Цукер

Иако има еден куп наслови што на почетокот на последната деценија од 20 век со својот несомнен квалитет ја испишаа филмската историја, но сепак се одлучивме за филмот „Дух“ на режисерот Џери Цукер, за кого важат речиси сите искажани зборови како и претходно, за филмот „Љубовна приказна“. Сепак, вистинската причина поради која се одлучивме токму за овој наслов е скромната посвета кон прерано починатиот актер Патрик Свејзи, кој долго се бореше со болеста и кој токму со улогата во „Дух“ влезе во алејата на славните.

Иако е малку предолг, сепак овој филм, микс од жанровите фантазија, трилер и романса, успеа за кратко време да ги освои срцата на филмските обожавател(к)и. Тоа повторно се должи на неизбежните солзи кога станува збор за ваков тип приказни, во кои се работи за голема љубов, но едниот од двајцата протагонисти, во случајов, момчето, е убиен, а девојката е таа што тагува. Но, тој се враќа како дух кој нема да исчезне сè додека не се одмазди. Кога на сето ова ќе се додаде и специфичниот хумор за кој е задолжена афроамериканската актерка Вупи Голберг, која го игра медиумот преку кој духот
единствено може да комуницира со саканата (споредна улога која и нејзе ѝ го донесе единствениот „Оскар“), тогаш успехот е загарантиран.

Светот отсекогаш наседнувал на вакви лимонади, но како и да е, овој филм на почетокот од последната декада во минатиот век го навести напливот од слични остварувања, кои, за среќа, набргу беше запрен со генијални филмови како „Палп фикшн“ или „Треинспотинг“, на пример.

ТАНЧАР ВО ТЕМНИНАТА (Dancer in the Dark, 2000) на Ларс фон Трир

Кој очекуваше Догма-мајсторот Ларс фон Трир да направи еден „поп“ потег и да ја покани исландската музичка дива Бјорк да игра во негов проект? Но, тоа, на радост на многумина, се случи на преминот на милениумите, кога данскиот режисер, кој зад себе имаше остварувања како контроверзниот „Идиоти“, наградуваниот „Спроти брановите“ и култниот „Зентропа“, знаеше дека токму Бјорк е идеалниот избор за улогата на Селма.

Чешката емигрантка која во рурален Вашингтон се обидува да го живее својот американски сон е приказна што длабоко ќе ве допре поради начинот на кој е раскажана. Таа слободно можела да биде сместена и во жанрот „социјална драма“, а сепак авторот решава да ѝ даде поведар тон и филмот го реализира на поинаков начин, давајќи му шмек на класичен холивудски мјузикл, во кој Бјорк одлично се снаоѓа. Режисерот Фон Трир за секоја музичка точка користел над сто камери, принцип на работа што на крајот му донесе високи почести на Канскиот филмски фестивал, каде што филмот ја доби
„Златната палма“, а Бјорк беше прогласена за најдобра актерка.

Но, никогаш не е идеално сè, нели. И покрај големиот успех, главните протагонисти, Фон Трир и Бјорк, едвај го реализирале филмот докрај, поради големите несогласувања меѓу нив. Иако тоа не се одразува на квалитетот на ова остварување, сепак екипата на големо раскажуваше за секојдневната борба меѓу овие двајца, во која егото на фон Трир се обидувало колку што е можно повеќе да го измалтретира егото на Бјорк. Затоа и обајцата на премиерата во Кан се појавија одвоено, а Бјорк оттогаш реши веќе никогаш да не се занимава со седмата уметност. За жал, затоа што, освен како музичар, таа докажа дека може да биде и фантастична актерка.

ДЕЦАТА СЕ В РЕД (The Kids are Аll Right, 2010), Лиза Чолоденко

Почетокот на втората деценија во новиот милениум не донесе остварувања за паметење, па затоа чепнавме во алтернативниот филмски свет, кој на крајот и не испадна баш таков, бидејќи дотогаш независната американска авторка Лиза Чолоденко направи полн погодок со снимањето на семејната драма-комедија „Децата се в ред“, кој и’ донесе два Златни глобуса, за најдобар филм и актерка (Анет Бенинг), а потоа и четири номинации за Оскар.

Исклучителноста на ова филмско остварување е што раскажува приказна за две хомосексуалки (Бенинг и Џулиен Мур), кои се обидуваат сосема нормално да ги израснат своите две деца-тинејџери, секако, со сите кризи и убави моменти што се дел од тој процес. Искреноста во пристапот кај Чолоденко беше широко препознаена, и им отвори пат на многу остварувања со сличен сензибилитет во следните години, а се сеќаваме дека „Сината е најтопла боја“ во 2013 година ја доби и Златната палма во Кан.

2020 година

Секако, овој фолдер се’ уште е празен, во тек е новото издание на Санденс фестивалот, следната недела започнува новото издание на Берлиналето, а веќе мајскиот Кан ќе ги заокружи првичните очекувања дали оваа година ќе биде интересна, или бргу заборавена. Како и да е, ние ќе ја паметиме по двете номинации за Оскар за „Медена земја“, и со нетрпение ја очекуваме разрешницата на 09 февруари. Форца Ханиленд!!!

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *