Искрено, не верував дека нашите генерации ќе доживеат вакво нешто – пандемија од светски размери, која сите ќе не’ измести од колосек. Влеговме во третата деценија од 21 век, кога претпоставував дека медицината е на напредно ниво и бргу ќе реагира на ситуацијата, но… Сепак, да гледаме на светлата страна од работите, како што не’ советуваа на времето Монтипајтоновците.
Овој луд период кој се’ уште го живееме, освен грижата за сопственото здравје и она на најблиските, ни овозможи и повеќе време за непрочитаните книги, неизгледаните филмови, неслушнатите музики… кои поради брзото темпо на живеење, чекаа подобри времиња за нивна конзумација и опсервација. Но, Град Скопје направи чекор плус, културата да стане неодминлив дел од едно пошироко урбано милје, со организирање на 50+ маалски концерти во кои во изминатиот месец, почнувајќи од 15 април, уживаа безброј граѓани на метрополата и пошироко, бирајќи начин како да го сторат тоа: дали од блиските балкони на своите станови, или преку live stream каналите на Фејсбук и Јутјуб. Секако, градот, како што гласи и насловот на една тема од култните „Мизар“, можеше да остане и нем, но тој се реши да ја прифати иницијативата на неколку културни организации за поддршка на музичарите во време кога нивните активности се запрени, а на повеќето од нив свирките им се единствена можност за егзистенција.
Овој проект кој финишираше синоќа со настап на „Суперхикс“ наиде на различни коментари и реакции на социјалните медиуми, но како одминуваше времето, прифаќањето далеку го надмина одбивањето на презентацијата на музиката во јавен градски простор, која во моментов ја творат стотина наши момци и девојки. Имаше тука музики од различни жанрови, музики за сите возрасти, музики кои барем за момент ги оттргнуваа мислите од соопштенијата на Министерството за здравство. И ако не можеше човек баш секоја вечер да го проследи она што беше на програмата, тогаш фајловите на Јутјуб се тука, можеш да им се навратиш кога сакаш. Не се сеќавам низ коментарите кој предложи дека би било добро сето ова да го преземе(ше) и МРТ, бидејќи се работи за одлично реализирани концерти од визуелен аспект (дронот навистина им дава додатен шмек), и истите да може да ги види и онаа публика која не милува дремеж на Интернет.
„Култура во време на Корона“ ми овозможи да уживам во еден куп квалитетни свирки на познати и и за мене помалку познати домашни бендови. Токму тоа е и една од придобивките – запознавање со потентната македонска музичка сцена, преку авторските креации на повеќето од групите, изборот на квалитетни сетови на ди-џеите, па се’ до кавер бендовите, кои до совршенство ги избрусиле своите настапи (колку и да не ми се по ќеиф). Сето ова ми дава за право да побарам, како граѓанин на овој град, ваков тип на настани да се случуваат и во „нормални“ времиња, со публика, затоа што на моменти по малку тажно изгледаше кога некој прави жестока свирка, а нема фидбек од публиката, освен пар млаки аплаузи од блиските балкони. Ваков тип на културно лето би посакал секое лето во Скопје, со што ќе се раздвижи градот и ќе заличи на вистинска европска метропола, која се грижи за духовните височини на своите жители. Сините згради во Аеродром, парковите во Капиштец, зад „Три бисери“, во Кисела вода итн, освен класичните и препознатливи простори пред и во Младинскиот културен центар, се одлична алтернатива на која треба да се размислува и во иднина – градот како сцена со безброј можности на која граѓаните можат да присуствуваат на различни видови на изведувачки уметности. А со настапот на ди-џеите на Калето, тој магичен простор уште еднаш повикува градот под итно да направи отворена сцена која ќе биде активна во текот на целата година.
Во овој краток осврт споделив неколку настапи кои ми оставија впечаток: Љупа кој си истера свој прекрасен и одважен музички филм на кровот од зградата на Домот на градежниците, небаре постмодерен Битлс; Суперхикс секогаш расположени за добри вибрации, и покрај неочекуваниот дожд; Мирко со одличен еклектичен микс кој стартува со музичките обележја кои оставија белег врз Скопје во блиското минато – фанкот и Архангел (бадијала „вечер ќ’искачам у град, за да бидам млад“, а ние мораме да дремеме дома 🙂 ); и секако, новите ѕвезди, наши а светски – Светлост.
Но, уште би нагласил дека ми беше убаво да видам како Зоки Бејбе споделува прекрасен сет додека натписот на неговиот грб Токио-Осака-Кјото му праќа суптилен поздрав на Кензо Танге, потоа, како Пере од Нокаут ја изведува „За нас“ од Брејк, како Љубојна со македонскиот мелос и’ даде живост на Железничката зграда оставена на забот од времето, или пак како Арда Мустафоглу маестрално ја изведува „Гносиен“ на Ерик Сати.
Сума сумарум – „Култура во време на Корона“ = „Култура секој ден“ !!!